Почетна Празници Од католички Божик до нова година Евреите го слават Ханука – празникот на светлината и слободата
Од католички Божик до нова година Евреите го слават Ханука – празникот на светлината и слободата

Од католички Божик до нова година Евреите го слават Ханука – празникот на светлината и слободата

379
0

Верниците од католичката вероисповед завршија со празнувањето на Божик, но Евреите се уште го слават својот голем празник Ханука, чиј почеток годинава се падна на 25 декември, како и католичкиот Божик, а кој трае се до 1 јануари.

Тој е познат и како Фестивал на светлината и претставува потсетување на чудото што се случило при повторното осветување на Храмот во Ерусалим, кога маслото што количински било доволно за само еден ден горело цели осум дена. Ханука се слави како празник на слободата и светлината. Се слави победата на светлината над темнината, на чистотата над злобата и на духовното над материјалното. Се слави спасувањето на Евреите, на нивната религија и традицијата од асимилацијата и духовното уништување што им се заканувало во текот на владеењето на хеленистичкиот цар Антиох Четврти.

Lit Menorah in Home
Lit Menorah in Home

Тогаш во окупираната еврејска држава биле забранети основните еврејски верски обреди, како што се обрежувањето, обредната хигиена, кашрутот, читањето на светата книга Тора и славењето на празниците, а во жртвеникот на Храмот во Ерусалим била поставена статуа на Зевс. Ханука ги прославува тригодишната ослободителна војна и ослободувањето на Ерусалим во 165 година пред нашата ера, кога „повторно било запалено кандилото, а идолите биле исфрлени од Храмот“.

Во осумте дена на празникот, Евреите се потсетуваат на победата на еден од петте сина на Хакохен, војсководецот наречен Макаби (чекан) над Сиријците и повторното осветување на храмот. За Ханука се користи посебен осумкрак свеќник со дополнителен деветти крак за свеќичка на средината од свеќникот (по тоа се разликува од стандардната седумкрака менора), и тој е познат како Менора за Ханука или Ханукија и таа треба да гори сите осум дена и ноќи, колку што се слави празникот.

Палењето на свеќичките во свеќникот претставува централен чин на целокупната прослава на Ханука. Првата ноќ на празникот се пали првата свеќа, а потоа секоја наредна ноќ по уште една дополнителна свеќа, а пламенот се разнесува со посебна свеќичка што се чува на кракот во средината на свеќникот. На тој начин на последниот ден од празникот Ханука горат сите осум свеќички на Ханукијата и ги симболизираат осумте дена и ноќи, колку што непрекинато горело маслото во Храмот по победата на Макабејците. Палењето на свеќичките по обичај се прави близу до прозорец или до врата за на сите да им бидат објавени чудата што тогаш се случиле. При нивното палење традиционално се изговараат благослови и се пее старата песна „Ханерот Халалу“.

Во Израел свеќи се палат на сите плоштади и пред Градската куќа и се јадат крофни сите осум дена од празникот. Ханука е весел празник, особено за децата. По палењето на свеќите, сите членови на семејството и гостите што се канат овие денови се собираат околу трпезата, каде што се прославува со добра храна и игри.

ПРЕЗЕМАЊЕ НА УБАВИТЕ ОБИЧАИ

Пред холокаустот и децата Евреи во Германија му се радувале на Божик како што тоа, на пример, го прават денеска муслиманите во оваа и другите западноевропски држави. Двата празника се поврзани со традицијата и се паѓаат во декември и претставуваат семејна свеченост со религиско значење, но многу искомерцијализирани. За многу нехристијански деца што живеат во Германија е сосема нормално во периодот пред Божик да добијат календар на кој секој ден до Божик отвораат по едно прозорче, кое крие по едно чоколатце. Многу од нив и седат пред елката и таму ги отвораат подароците. Сето тоа нема никаква врска со нивната религија, но многу семејства ги преземаат овие обичаи бидејќи Божик е радосен и, пред се, семеен празник.

На сличен начин кон крајот на 19 век размислувале и еврејските семејства во Германија, кога почнале да ја преземаат традицијата на христијанското славење на Божик. Тие на некој начин биле отуѓени од верата, но патриотски се чувствувале поврзани со германската култура. Затоа направиле комбинација од двата празника, кој го нарекле Weihnukka, што е комбинација од зборовите Weihnachten – Божик и Hanuka. На Божик децата наместо медени колачи, јаделе мали погачи од компири пржени во масло, наречени „латкес“, а на елките закачувале рингишпили со играчки.

/ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *