Почетна Коментар Од Христос е пазено и благословено ова парче земја
Од Христос е пазено и благословено ова парче земја

Од Христос е пазено и благословено ова парче земја

282
0

Долг, трновит и полн со искушенија бил историскиот пат на македонскиот народ во остварувањето на вековниот идеал за национална независност и црковна автокефалност. Бројни биле жртвите и житејските откажувања на нашите славни предци и духовни првенци, при нивната упорна и трпелива борба против тиранијата и отфрлувањето на цврстиот јарем на ропството и неслободата. Овие наши духовни првенци, водејќи се од Евангелското начело дека нема поголема љубов од онаа да се положи животот за својот ближен, свесно ја жртвувале својата младост и својата иднина, оставајќи во нашите сеќавања сведоштво достојно за најголема почит, пример за чесност и патриотизам и цврст темел врз кој како народ ја ѕидаме истрајноста во Божјата правда и спасоносната вистина. Затоа, денес, со духовен трепет и восхит стоиме простум во Балканскиот Ерусалим, во древниот Охрид, и со огромна радост, почит и благодарност се потсетуваме на неповторливите дела на оние кои со своето Христољубие и Човекољубие ги осениле и прославиле нашата татковина Р. Македонија и нејзиниот носечки столб Македонската православна црква.

Христијанството во Македонија и неговите спасоносни вистини се посеани и проповедани уште во апостолско време. Плодовите од ова прекрасно разгрането дрво илјадници години го хранеле и во доброто го воспитувале овој народ. Пораките на апостолите за љубов, мир и духовна благосостојба и ден денеска се длабоко врежани во срцата на православниот Македонец. Врз нивната основа тој ја градел и разубавувал својата Црква, го унапредувал во побожноста својот духовен живот, творел и создавал вредности кои оставиле печат не само на неговото национално битие и идентитет, туку и со својата значајност ја обележале и задолжиле светската и европската цивилизација. Почнувајќи од мисионерските патувања на светиот Апостол Павле, преку возвишените градителски дела на светиот цар Јустинијан, со просветителската дејност на Светите Браќа и нивните Свети ученици, преку пожртвуваноста и пастирската посветеност на македонските црковни и народни преродбеници, па сé до храбрата одлука на нашите духовни патријарси за возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, македонскиот народ, како пример и поддршка во своите постапки го имал Воскреснатиот Христос и сé што создавал низ вековите го правел во слава и величие Божјо. Евангелието и Христовите пораки кои произлегуваат од Него, се нитките од кои е исткаено македонското национално битие. Сетиклиментовото духовно наследство, како најголема духовна скапоценост, неизвалкано и со многу љубов и пиетет се чува во пребогатата национална и духовна ризница.

Драги браќа и сестри, од Христос е пазено и благословено ова парче земја, а од Неговата Света Мајка – Пресвета Богородица е закрилуван овој напатен и страдален народ. Стотици години и векови во трпение се вежбал овој народ, претрпел секакви навреди и понижувања, и од надвор и од внатре ги издржал сите неправди и порекнувања, но на Бога хула не му фрлил, на злото со зло никому не му возвратил, неправдите не ги злопамтел, на мали и скромни вредности се радувал, слободата ја сонувал, на човечки правдини се надевал. Затоа, слушајќи ги молитвените повици од длабочината на македонската душа, погледна Севишниот Бог од Неговите небесни височини и во Охрид, пред точно 50 години, ги собра нашите славни патријарси, ги просветли, ги умудри и им посочи дека е исполнето времето кога треба правдата да се исправи, а Нивата Господова со добро слово и корисни постапки да се изора, за да роди нови плодови и дела возвишени, паметени и чувани од сите идни поколенија. Овде, во црквата „Св. Климент” на Божествената литургија на 19 јули 1967 година, по барање на целото свештенство и верниот македонски православен народ, Светиот Синод ја прогласил наследничката на обновената Охридска архиепископија – Македонската православна црква за автокефална. Оваа историска Одлука за автокефалност на нашата Света Црква е втемелена врз нашето славно црковно минато, врз многувековните напори за возобновување на црковната автокефалност на сите наши видни национални и црковни дејци, како и врз духовните и пастирски потреби на македонското свештенство и македонските верници и овде во татковината, но и во дијаспората. Прогласената автокефалност на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква, насекаде, со нескриена радост и одобрување била прифатена и пречекана од македонските православни верници. МПЦ – ОА во овој период од 50 години и овде во татковината, но и во дијаспората, изгради стотици нови Божји храмови, манастири, просветни центри и парохиски домови, каде во љубовта и доблеста духовно се напредува. Овде, со Божја помош и закрила, се спасува душата на конкретниот верник, но и слободно се унапредуваат и негуваат националните чувства и потреби на Македонците. Македонската православна црква следејќи го благочестивиот и свет пример на свети Климент Охридски достојно ја продолжува неговата просветителска мисија градејќи сопствени просветни институции, од каде произлегуваат идните свештенослужители, мисионери и вероучители кои го шират Словото Божјо, активно работат на македонската Нива Господова и успешно ја утврдуваат православната христијанска вера меѓу од Бога доверениот ни македонски православен народ. Македонското православно свештенство, во сите времиња и историски епохи, татковски е поврзано со секој верник без разлика на неговата национална и јазична припадност. Секој од нив ја смета МПЦ – ОА за своја духовна мајка и столб и тврдина на Божјата правда и вистина. Преку издавачката дејност и секојдневното богослужение во нашите велелепни храмови, се допира до секоја душа, која има потреба да се напие од живата вода на спасоносното Христово учење. Под јурисдикција на МПЦ – ОА денес постојат многубројни манастири со над сто и педесет монаси и монахињи, кои со многу љубов, труд и посветеност ги негуваат и чуваат Христовите евангелски пораки и го живеат древното светоотечко предание. Нивниот духовен подвиг, како светило на врв планина ја осенува секоја христијанска душа и нивната светлина надалеку ги фрла своите спасоносни зраци, па мнозина препознавајќи ја нивната скромност и мудрост со многу радост го величаат Бога во нивните срца и со многу усрдност Му благодарат за нивната светост и посветеност. Во Македонската православна црква литургискиот и активниот христијански живот ги дава своите најубави благодатни плодови. Колку е милостив и благонаклонет Бог кон своите македонски чеда видливо е и од неодамнешното канонизирање и вбројување во светиите на Епископот Велички Гаврил Светогорец и преподобните оци наши Јоаникиј Ракотински и Кипријан Слепчански, кои во времето во кое живееле на македонскиот богозаљубен православен народ му биле светилници на љубовта и доблеста и достојни учители во благочестивоста. По нивните молитви и по молитвите на сите македонски светители Господ Бог нека ја чува и закрилува секоја македонска душа и нека ја крепи и запазува автокефалната Македонска православна црква – Охридска архиепископија во вековите кои доаѓаат.

Драги браќа и сестри, живееме во време исполнето со бројни неизвесности. Пред македонскиот народ и неговата света мајка МПЦ – ОА престојат години во кои е потребно да се пребродат големи предизвици и искушенија. Посветеноста кон вистољубието и правдољубието не треба никогаш да изостане од нашите срца. Христос е нашиот пример, нашата смисла и нашата светлина. Од Него ја црпиме нашата духовна сила, во Него е сета наша надеж. Нека ни дава Господ духовни сили да ги унапредуваме старите и да создаваме нови духовни вредности кои ќе ја подобрат нашата благосостојба и морално и духовно ќе ја воздигнат личноста на секој поединец, без разлика на неговото национално потекло. Нашиот штит нека ни биде трпението, а нашето копје божествената мудрост. Усвојувајќи и живеејќи ги овие доблести безбедно ќе пристигнеме во мирното пристаниште и ќе оставиме уште еден светол историски пример кој долго со благодарност и почит ќе биде паметен од идните генерации Македонци. Како верен христијански народ, кој во целост се потпира на Божјата промисла никогаш не треба да паднеме со духот, без разлика на тоа какви штетни предлози ни нуди и на какви разединувачки договори нé присилува овој свет воден од неговата огревовеност и острастеност. Наша предност и обележје отсекогаш било единството.

Она што Бог го изградил и благословил, силите на темнината не можат да го разрушат и да го уништат. Македонскиот православен народ како дел од Македонската православна црква уште многу години на Бога ќе му принесува слава и дарови на благодарност. Да престојуваме во добродетелите драги браќа и сестри, меѓусебно да си подадеме рака како народ Божји. Водејќи се од нашите духовни дарби заедно да работиме на преуспевање, напредок и духовна благосостојба во нашето македонско општество и како достојни наследници на Свети Кирил и Методиј и на нивните Свети ученици, со многу љубов да ја унапредуваме и пазиме автокефалноста и светоста на нашата Света Македонска православна црква и како таква чиста и неосквернета да ја предадеме на идните наши поколенија.

На мноја лета!

Пишува: Митрополит Повардарски Агатангел

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *