Од единството до расколот – еден погребен пат

Date:

Share post:

Многупати кога сакаме да се осврнеме на сериозни црковни прашања, ја полагаме својата тежина и интерес на големите случувања. И тоа не без причина. На крајот на краиштата, кога некој сака да се занимава со прашања поврзани со функционирањето на структурите и организациите како што се Патријаршиите и автокефалните Цркви, со многуте сложени параметри што ги сочинуваат нивните административни механизми, тој нема „луксуз“ да посвети време и енергија на таканаречените „мали нешта“. Верни, значи, на логиката на малата важност во „дрвото“, за да „не ја изгубиме шумата“, понекогаш поминуваме покрај „ѓаволот“, за кој се знае дека има особена слабост во деталите.

Така и во случајот со погребот на блаженоупокоениот Архиепископ Кипарски, претпочитавме да ја видиме „крупната слика“ зад отсуството на четирите Цркви (на Русија, на Србија, на Полска и на Чешка и Словачка), припишувајќи го нивниот избор на суд за украинското црковно прашање, за кое блаженоупокоениот зазеде став спротивен на ставот на горенаведените Цркви, од кои едната го избриша, како што е познато, од своите диптиси.

Така, во тие дни сите зборуваа за суровоста на Руската црква која одби да склучи примирје дури и за еден ден, но и за односот на нејзините „сателити“, кои, исто така, се погрижија да се воздржат од сеправославната жалост за својот поранешен брат и сослужител Хризостом, верно следејќи ја пораката што Москва сакаше да ја испрати до целиот свет. Но, дури и најромантичните меѓу нас не очекуваа таква непромисленост од Москва. Нејзиниот став не остави никаков впечаток, или барем никаков дополнителен негативен впечаток. Москва е онаа која сите ја знаеме и за среќа многумина ја „познаа“ во последно време. И Чешка и Полска се познати по својот избор. Ни и од нив нема изненадувања. Србија, сепак, е друга работа.

Во времето кога оваа напатена балканска земја го креваше својот крст, многу архиереи од гркојазичното православие си поставија животна цел на секој начин да го поддржат српскиот народ, кој виде како животот се губи во пламенот на војната. Во тоа време, Хризостом од Пафос го сврте „светот наопаку“, за да ги поддржи „браќата Срби“. Организираше собирање средства, собираше храна, купуваше облека, угости деца и семејства. Хризостом не беше од оние кои се задоволуваа само со зборови на поддршка и молитви за сила. Дополнително, имајќи го почувствувано на своја кожа лутото чувство од огнот на војната што ја изгоре неговата сопствена земја пред неколку децении, тој од прва рака знаеше што значи оваа ситуација.

Годините поминаа. Пламенот на војната згасна. Србија повторно застана на нозе. Животот продолжи понатаму. Хризостом повеќе не беше митрополит на Пафос, туку Претстојател на Црквата на Кипар, одржувајќи ги истите чувства што ги имал за „сестринската“ Српска црква и за нејзиниот народ. Се разбира, некои негови одлуки, особено во однос на украинското прашање, беа различни од оние на Црквата на Србија. Но, Црквите, за жал, се чини дека во својата ДНК имаат код да не се согласуваат, особено кога дискусијата се одвива за прашања во однос на администрација, територија и влијание.

Но она што го немаат во својата ДНК, или барем не би требало да го имаат, е неблагодарноста, непризнателноста. И тоа не затоа што не е политички коректно, ниту затоа што правилата за добро однесување го наметнуваат, туку од многу едноставна причина што во христијанското учење ваквото однесување се смета за смртен грев. Во ред, луѓето се несовршени. Правиме грешки, правиме гревови, се лизгаме. Но, Црквите ли?

Кога си замина од животот блаженоупокоениот Митрополит на Црна Гора, погоден од корона вирусот, никој од „грчкиот свет“ (да го наречеме така за потребите на мислата), не се сети на колосалните несогласувања што се појавија со него во последните години. Како „дожд наврнаа“ соопштенијата, сочувствата и изјавите на жалост од сите. Затоа што сите чувствуваа дека изгубиле пријател, дури и ако тој имал поинаков пристап кон работите.

И кога Србија го загуби својот поглавар, во чии денови Српската црква се качи на „кочија“ на рускиот црковен фанатизам, никој од „другата страна“ не зазеде непочитувачки однос кон таинството на неговата смрт. Вселенскиот Патријарх, среде пандемија, отпатува во Белград, за да му оддаде почит на починатиот. Можеше да остане дома како ништо да не се случило, како што направи српската јерархија во случајот со Кипар.

За да ви појаснам, со овие осврнувања не се обидувам да кажам дека грчките Претстојатели се над другите, туку дека имаат предвидливост да стават над какви било несогласувања, или дури и конфликти, нешто многу поголемо и поважно од самите нив. Единството на верата.

Затоа, многу се плашам дека Црквата на Србија не е само „неблагодарник на кого му е направено добро“ како што вели изреката, туку уште полошо, од ден на ден се претвора во најсигурен непријател. Не на Вселенската патријаршија или на гркофонското православие, во контекст на борбата за превласт меѓу грчкиот и словенскиот свет, туку на самата вера. Вера која, како што се покажува, веќе нема никаква моќ против интересите.

Значи, кога една Црква одбива да каже едно просто „Бог да го прости“ за човек кој ѝ сторил добро, само затоа што интересите на кои таа им служи повеќе не го дозволуваат тоа, тогаш многу се плашам дека украинското прашање наспрема она што следува е само млака работа.

Пишува: Андреас Лударос

Извор: ORTHODOXIA.INFO

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here