Почетна Проповеди Образец на женственото достоинство
Образец на женственото достоинство

Образец на женственото достоинство

488
0

Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски Зубовце „св. Марина“ 30.07.2017 г.

Се собравме оваа недела соборно и во голем број во овој храм – достојно да го прославиме храмовиот празник (слава) и достојно да го одбележиме споменот на светата великомаченичка Марина, во народот позната и како Огнена Марија, која Светата Црква ја чествува заедно со преподобниот Леонид Устнедумски.

Многумина од вас си го поставуваат прашањето: Која е светителката Марина, чиј спомен го празнуваме? – Света великомаченичка Марина е родена во Антиохија Писидиска од незнабожечки родители. Дури во својата дванаесетта година таа слушнала за Господа Исуса Христа како се овоплотил од Пречистата Дева, како направил многу чуда, примил крстна смрт и славно воскреснал.

Нејзиното младо срце се разгорело со љубов кон Господа и дала завет дека никогаш нема да се омажи, и уште сакала со сета душа да пострада за Христа и да се крсти во крвта на мачеништвото. Нејзиниот татко ја намразил поради нејзината вера и не ја сметал за ќерка. Царскиот намесник, Олимвриј, дознавајќи од Марина дека е христијанка, посакал од неа прво да му биде жена. Кога Марина го одбила тоа, тој ѝ наредил да е поклони на идолите, но таа не се поклонала. Тогаш Олимвриј ја ставил на тешки маки, па целата изранувана  и крвава ја фрлил во самица, каде се молела на Бога, Кој на еден чудесен начин ја исцелил од сите рани и болки. Безумниот судија ја мачел вториот ден во оган и во вода, но Марина сѐ претрпила како во туѓо тело. Најпосле ја осудил на погубување со меч. Пред самата смрт, ѝ се јавил Господ Исус Христос со ангели. Била обезглавена во времето на царот Диоклецијан, но со душата и силата останала во животот на небесата и на земјата. Дел од нејзините свети и чудотворни мошти се наоѓаат во нашата соседна земја Р. Албанија, каде до ден денес се случуваат многубројни чуда.

Кога станува збор за чудата, и денешното четиво од Светото евангелие, кое беше прочитано на Божествената литургија – говореше за едно целисходно чудо што нашиот Спасител – Господ Исус Христос го направил на едно пусто место во близина на градот Витсаида, нахранувајќи пет илјади луѓе, умножувајќи ги петте леба и двете риби, преку кое нѐ поучува нам луѓето дека не треба да се грижиме за овоземните блага, бидејќи Милостивиот Бог промислува и за секого од нас има предвидено сѐ. Народот, Кој ја слушал беседата Христова сѐ до зајдисонце, имал чест да го чуе Евангелието и да ја нахрани душата со Неговите зборови, а во исто време, со лебовите и рибите да ја задоволи и телесната глад. На грижливите апостолите кои биле загрижени како ќе го нахранат сиот тој народ, Господ им покажал дека тие треба да имаат само силна вера, а за останатото Бог ќе се погрижи. Христос погледнал кон небото, односно се помолил пред почетокот на јадењето. Тоа значи, дека и ние секој наш оброк треба да го започнуваме со молитва.Чудото со нахранувањето на пет илјади луѓе со пет леба на еден начин ја претставува Светата тајна – Евхаристија (Причест), која и ние денес ја отслуживме за време на Божествената литургија.

Токму заради тоа,  свети Нектариј Оптински, во една прилика слична на мојата, упатувајќи совети до христијаните, рекол: Не треба да инсистираме или да бараме чуда на земјата: си имаме чудо – Божествената литургија.Но како слушателите Христови и вие „барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ќе ви се придодаде“ (спореди: Матеј 6,33). Како што тие не барале храна, туку го барале царството Божјо и трчале по Христа цел ден, а потоа им се дала и храна – така и ние да притрчаме кон Христа, и да дојдеме во Неговиот храм на Божествената литургија и да се стремиме што почесто и што подостојно да притекнуваме кон светата Причест – најголемото чудо и животворен лек.

Овој празничен ден, драги браќа и сестри ќе ја искористам оваа прилика да позборувам за жената. Апостолот и евангелистот Матеј во денешното евангелие, зборувајќи за оние, кои се нахраниле, како неизоставен дел ги спомнал и жените – заедно со децата. Колку е прекрасно кога жената ќе се спомне заедно со децата – како успешна мајка и сопруга. Колку е убава сликата кога ќе се види жената како матица на семејството, како сопруга и мајка – нешто што денес постепено станува туѓо и за жената на овие наши македонски простори. Денес жената сѐ почесто ги кине сите превези на свештеното. Таа е скоро тотално одвоена од тајната на женственоста и нејзиното достоинство. Разголена, таа единствено ја открива својата празнота, ништожност и нејзината закоравена пустота. Нажалост тајната и свештениот карактер на љубовта изчезнуваат.

Денес, во модерниот свет жената како никогаш досега го исклучува христијанското начело на смиреноумно градење на релациите помеѓу половите и несвесно и стромоглаво се потчинува на феминистичкото движење, кое оди во сосема спротивен правец и сосема несфесно ја принудува жената да ги поседува карактеристиките на мажот, губејќи ги своите вистински вредности и женствените црти, како: нежноста, чуствителноста, природната потреба за поткрепа во нејзиниот живот, чистотата, саможртвувањето, заштитата на слабиот и секако мајчинството, кое е различно од татковстото.

Би го спомнал мајчинството, кое денес како да стана нешто што не е толку важно и во втор план на жената и мажот. Поради ослабениот мајчински инстинкт ние денес како општество се соочуваме со голем број на абортуси, со намален наталитет, со слабо воспитани и порочни деца и млади луѓе. Дури кога го прашале и големиот војководец Наполеон Бонапарта „Што и е потребно на Франција?“ – Тој знаејќи ја големината на мајчинството за иднината на неговата држава, црквата и за светот, одговорил со само еден збор „Мајки!“. Ако за мажот да се живее, треба да значи да се освојува, да се бори, да се работи – за жената тоа треба да значи да се раѓа, да се храни и да се принесува животот преку предавање на себеси.

Е дека низ историјата најстрашните прогони се одигрувале заради порочните и развратните жени. Но, наспроти ваквите жени, драги браќа и сестри – постоеле онакви, кои со само еден збор, со својата вистинска женска нежност и чуствителност, со својата вера и љубов кон светото, како светата великомаченичка Марина, ги совладувале и најцврстите вериги, најсилните мечови и ѕверови! Жената низ сите времиња била чувар на моралот и на религиозните вредности. Таква жена ни е потребна и денес, жена која е целомудрена сопруга и мајка, која повеќе внимание ќе посвети на свештеното, на она кое е исконско добро, подобриот дел, кој го избра Марија, сестрата на Марта од Евангелието, па и нашата прва христијанка Лидија, како и светата великомаченичка Марина, која денес вака соборно собрани ја молиме да Го моли Севишниот Бог, Кој умножувајќи ги лебовите и рибите го нахранил насобраниот народ, и нас да ни ја умножи верата и духовно да нѐ нахрани, да нѐ препороди и умножи како народ, кој ќе го слави Неговото свето име во сите векови. Амин!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *