Почетна Коментар О, sancta simplicitas!
О, sancta simplicitas!

О, sancta simplicitas!

154
0

Реакција на веста за социјалниот експеримент на двајца Холаѓани за Библијата и Куранот.

O, sancta simplicitas! Какво незнаење! Колку жално – Европска младина, којашто живее во некогаш христијански континент, среде народ којшто можеби сѐ уште се смета за христијански, а сепак, нема ни основно познавање за христијанската вера. Велиме ни основно, бидејќи доколку тие, макар и површно, ја познаваа верата што нивната земја ја издигнала на толку висок степен на цивилизација, ќе го знаеја барем тоа дека Библијата се дели на Стар и Нов Завет.

Не знаеме дали е тоа претенциозно, но претежно сите стихови од Библијата, прочитани од страна на истражувачите, се земени од Стариот Завет. А имајте на ум дека во тоа време менталитетот на народите бил на многу ниско ниво: тие биле примитивни, груби и сурови во своите постапки. На пример, мажот можел да си ја убие сопствената жена само поради лошо приготвен ручек, прељубниците биле каменувани, мажеложниците убивани… Навистина, некои закони од Стариот Завет денес можеби звучат сурово, но имало причина за тоа. Бог морал да им даде построги заповеди на Евреите: едно, за да ја заштити чистотата на верата од разните други религиозни и многубожечки влијанија, кои на Евреите постојано им се наметнувале, и, друго, за тие да одговараат на ниското ниво на цивилизираност, односно на грубоста и суровоста на менталитетот на луѓето што живееле во времето на Стариот Завет.

biblija-i-kuranИ токму некои од суровите закони на Јудеизмот непосредно се преземени во учењето на исламот, а дали ќе бидат ползувани зависи од имамот или другите водачи. Тоа, впрочем, може и да се воочи во Шеријатскиот закон. Таа, пак, суровост на Евреите не Го заобиколила ниту Христос. И Он бил жртва на нивното формално, егоистично и слепо следење на законите.

Всушност, иако дојде за да го исполни Законот, сепак Он не пропушти да ги разобличи оние сурови елементи во него, за коишто Самиот вели дека Мојсеј така им заповедал поради суровоста на нивните срца. Добар пример за тоа е евангелскиот настан кога разгневената толпа се спремала јавно да каменува жена фатена во прељуба. Според еврејскиот Закон таа навистина требало да умре. Но, Христос со еден мудар гест го разобличува нивното жестокосрдие и ги става лице в лице со нивната сопствена грешност. Епилогот од сето тоа било никој да не може да фрли камен на неа, па следствено ни Он не ја осудил. Напротив, поучувал да се љубат и да им се проштева на непријателите свои, нешто што го нема во ниту една друга религија.

Токму на тоа Негово учење за љубовта е заснован Новиот Завет. Но, овие „истражувачи“, повторно тенденциозно, не одбраа ниту еден Негов пасус за љубовта. Единствениот пример што го искористија од Новиот Завет е оној од Посланието на Апостол Павле којшто постојано се оспорува од страна на феминистичкото движење, и којшто речиси секогаш, како по некое правило, е изваден од контекст, како и претходно одбраните пасуси. Станува збор за делот каде што Апостол Павле вели дека на жена не ѝ е дозволено да поучува, ама во храмот. Освен тоа, оној што го прочитал внимателно Посланието на Апостол Павле, ќе види дека таму тој зборува и други работи: Нема машки пол, ни женски, туку сите се едно во Христа Исуса, при што секој е носител на особеностите на неговата природа: жената е жена, а мажот е маж. Поинаку не може. Но, во достоинството на личноста, како и во подвигот и можноста за спасение, тие се рамноправни.

Впрочем, историјата покажува дека почитта кон жената како кон рамноправна личност во Бога, во Европа дојде заедно со Христијанството. И токму на Христијанството се темелат современите закони и норми за рамноправност на мажот и жената како човечки битија.

Како што гледате, многу работи можат да бидат погрешно претставени доколку се извадат од контекст. А, контекстот е многу важен при толкувањето на Светото Писмо, оти некои зборови добиваат друго значење или симболика во дадениот контекст. Згора на тоа, мора да се забележи дека во поглед на методологијата употребена во ова истражување, ако воопшто може да се нарече така, е потполно погрешна, бидејќи на испитаниците веќе им се предлага став, односно предрасуди. Но, пак ќе кажеме: доколку целта беше преку овие пасуси да се прикаже дека христијанската вера е не помалку сурова од исламот, тогаш целта е промашена и излегува на површина сета онаа неукост и непознавање. Бидејќи суштината на христијанската вера, онаа која според зборовите на двајцава истражувачи, „извршила големо влијание врз нашата култура“, не е Стариот Завет, туку Новиот, односно учењето на љубов кон човекот од Овоплотениот, Распнатиот, Воскреснатиот и Вознесениот Христос. Таа проповед изврши најголемо влијание во дотогашното паганското и обезличено општество, го смени менталниот склоп на суровото човештво – го омекна и го повика на патот на љубовта, милосрдието, солидарноста, чистотата, кротоста. Бидејќи Он таа проповед и Самиот ја исполни на дело. Поучуваше дека нема поголема љубов од онаа да ја положиш душата своја за ближниот, и навистина ја даде душата Своја за спасение на целото човештво; поучуваше за прошка кон непријателите и од Крстот Го молеше Бога да им прости на Неговите убијци; и на Неговите верни ученици доследно им ја пренесе оваа совршена наука и никој од нив не постапи поинаку. Значи, за нас, Христијаните, суштината на верата е подражавањето на Христа во рамките на нашите сили, колку што ни е тоа возможно.

Во иднина им препорачуваме на сите вакви истражувачи дека најдобар начин да ја согледаат разликата меѓу религиите, е да ги споредат плодовите на верата.

Пишува: Никола Георгиевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *