Почетна Интервју О. Партениј: Томост за автокефалност го потпишува Вселенскиот Патријарх
О. Партениј: Томост за автокефалност го потпишува Вселенскиот Патријарх

О. Партениј: Томост за автокефалност го потпишува Вселенскиот Патријарх

1.11K
0

Во интервјуто за дневниот весник „Нова Македонија“игуменот на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ говори за празнувањата на Божиќ, плановите за одбележување на 1.000-годишнината на Бигорскиот манастир, како и за односите со сестринските цркви

-Бигорски одамна стана едно од омилените места за собирање на православните верници за време на големите празници, секако поради тоа што манастирот има многу свои духовни чеда, од кои дел доаѓа и на празничното бдение за Рождеството Христово. Подготовката за празникот, не само за монасите туку и за сите христијани треба да е, пред сѐ, духовна. Сепак, не изостанува ни оној дел, веќе добро познат на народот, што вклучува целосна подготовка на монасите за што поубаво да се испеат прекрасните божиќни песнопенија создадени од познати црковни химнографи. Тука влегуваат и напорите на еклесијарсите за што подостојно украсување на храмот и сите оние нешта што ги предвидува монашкиот атонски типик во однос на богослужението. Сите тие напори се крунисани со едно византиско благолепие на бигорското светилиште, кое придонесува подобро и на вистински начин да се почувствува величината на самиот празник. Тогаш храмот навистина се претвора во витлеемска пештера, во која присутните верници земаат удел во радосното торжество за Богомладенецот, кој на благодатен начин се раѓа во нивните смирени срца, вели Архимандритот Партениј во интервју за Нова Македонија.

-Што се однесува, пак, до песната што се пее, „Вечниот Бог“, таа сама по себе на соодветен православен и теолошки исправен начин го објавува рождеството Христово, а покрај објавата, целта на овие поворки е и повикувањето на верните кон литургиско славење на празникот во храмовите следниот ден, вели Отец Партениј во интервјуто.

Н.М: Во 1995 година дојдовте во древното македонско светилиште – бигорски манастир „Свети Јован Крстител“ и ја започнавте мисијата за обновување на монаштвото. Запознајте нѐ со реализираните активности за зголемување на духовноста на верниците, за зачувување на црковното наследство, како и за обнова и реконструкција на црквите и другите црковни објекти, изградбата на нови. 

О. ПАРТЕНИЈ: Секогаш и на сите им кажувам дека јас не го избрав Бигорскиот манастир, туку самиот св. Јован ме избра мене. Доаѓајќи во манастирот во 1995 година затекнав едно запуштено светилиште, кое долги години функционираше како културно-историски музеј – запуштени, претежно нефункционални згради, празен и запоставен храм. Почетокот на возобновата на монашкиот живот не беше нималку лесен, но, и покрај сите тешкотии, никогаш не се вртев назад, туку секогаш гледав само напред и се трудев колку што можам да му послужам на Бога, творејќи, заедно со моите браќа, што повеќе дела во слава божја. Сега, пак, по повеќе од 20 год., правејќи некаква ретроспектива, на духовен план, гледам стотици, па и илјадници верници што се воцрковија токму поради трудот на нашето монашко братство. Ова не го зборувам заради себе, туку за да го истакнам тој пожртвуван труд на браќата, но и на сестрите, кои денес се населени во три манастири, па и на целото монаштво во нашата татковина. Сега, знаете, со благослов на митрополитот Тимотеј, под мое духовно раководство се 4 манастири – Бигорскиот и Рајчичкиот и уште две монашки сестринства што произлегоа од последниов: Пречистанското и Кнежинското. Затоа ја користам можноста да ги замолам сите духовни чеда, сите верници да се молат за нас, Господ да ни дава сила да продолжиме по тешкиот пат на спасението и на духовната преродба на нашиот народ, да растеме заедно едни покрај други.

За реконструкцијата на обителот и околните храмови сме зборувале многупати досега и во тој поглед многу е направено, но сега сакам да ја споделам радоста за манастирот во Рајчица, зашто денес таму се случува уште една голема архитектонска преродба. Имено, уште пред неколку години почнавме да откупуваме објекти и земјиште од непосредната околина и сега, со помош на една наша блиска пријателка и голема православна верничка, а можам слободно да кажам и прекрасна личност, која веќе станува генерална ктиторка на манастирот, г-ѓа Елена Пандева, се гради чудесно убав конак во византиски стил, кој ќе биде идно сместувалиште за гости, но и за работилниците за сестрите, бидејќи Рајчица, како манастир-мајка, или расадник за другите женски манастири, е веќе претесен.

Во тој контекст морам да кажам дека сега, во пресрет на илјадагодишнината, од особена важност, не само за Бигорскиот манастир туку и за целиот овој крај, кој премногу ѝ дал на нашата татковина во однос на духовното, народното будење, црковната уметност, писменост, е да се создаде еден таканаречен музеј на сакралното преродбенско творештво. Знаете, крајов изобилува со преубави храмови во кои, за жал, во изминатиот период се случија ужасни грабежи на иконите, при што многу од нив беа изнесени надвор од Македонија и не знаеме каде се наоѓаат денес. Затоа би сакале некои од иконите што превентивно беа однесени во митрополијата во Охрид, како и оние привремено сместени во Бигорскиот манастир, да се вратат и да се сместат во овој преродбенски музеј, што за таа цел би се направил во Рајчичкиот манастир, кој во случајот е најпогоден за тоа. Овој предлог, за кој се согласува и нашиот надлежен митрополит г. Тимотеј, е веќе доставен до сегашниот министер за култура. Со тоа иконите ќе си останат таму каде што биле создадени, сведочејќи пред целата светска јавност за нашиот идентитет, за духовното богатство на овој прекрасен дебарско-мијачко-рекански крај, бидејќи двата манастира се доста посетувани од страна на странските туристи.

Н.М: Како ги оценувате процесите и настаните што се случуваат помеѓу БПЦ-БП и МПЦ-ОА и зошто нашиот синод побара БПЦ-БП да ѝ биде црква-мајка на МПЦ-ОА?

О.ПАРТЕНИЈ: Имајќи ја предвид долгата заедничка црковна историја со нашите најблиски браќа Бугарите – најпрво мисијата на светите сесловенски рамноапостоли Кирил и Методиј, личноста на св. рамноап. Борис-Михаил, кој, патем, одиграл клучна улога во реевангелизацијата на голем дел од Балканот и придонел да успее мисијата на светите кирилометодиевски ученици и започнатата словенска писменост, Охридската архиепископија, заедничката света егзархија, која била последната канонска јерархија на територијата на денешна Р. Македонија (1941-1945) пред возобновувањето на ОА – сметам дека нашата црква направи еден навистина многу важен дипломатски и единствено исправен чекор, и од историски и од црковно-канонски аспект. Зашто, благодарение на божјата семудра промисла, денес се создадоа поволни општествени околности, кои на нашата црква ѝ дадоа слобода конечно да го побара своето признавање од таму од каде што тоа најпрвин треба и да дојде и да им се обрати на оние што можат и треба да го направат тоа, за најпосле вистината и правдата да восторжествуваат.

Но за да можеме да го расветлиме нашиот долгогодишен црковен проблем, треба да се вратиме на самите почетоци, непосредно пред создавањето на македонската држава во 1944 година, кога се јавиле и првите никулци на самостоен организиран црковен живот, од кои подоцна израснала обновената Охридска архиепископија, добивајќи, според примерот на другите околни цркви, и национален предзнак – Македонска православна црква. Членовите на тогашниот иницијативен комитет за обновата на ОА во лицето на МПЦ биле клир или верници и приврзаници на светата Бугарска егзархија и во никој случај не сакале враќање на српската црковна јерархија. Така, првата влада на новата федерална македонска република во рамките на тогашната ФНРЈ, во чиј состав имало многу наши свесни и разбудени родољупци, заклучила дека обновата на Охридската архиепископија е неминовен и народнопосакуван процес, па затоа и го потпомагала. Едноставно, тогашното македонско духовенство и паства жолчно се бореле и не дозволувале враќање на српската црковна јерархија во Македонија, до толку повеќе што таа никогаш не им излегувала во пресрет за задоволување на нивните духовни потреби, како што ѝ прилега на една црква-мајка, ами само служела како инструмент за србизација. Под закана дека доколку не им се задоволи барањето за ракополагање на домородни владици, ќе побараат висок клир од Бугарската црква, по потекло од Македонија (во тоа време голем дел од свештенството и монаштвото во Бугарија биле родум или по потекло Македонци), нашето свештенство, по повеќе од 20 години родољубива борба, успеало да издејствува во Македонија да биде пратен тогашниот топлички епископ г. Доситеј, по род Македонец. На Вториот црковно-народен собор во Охрид, во 1958 година, свечено била обновена Охридската архиепископија, а за прв нејзин поглавар бил избран г. Доситеј. На своето заседание во 1959 година, САС на СПЦ донел позитивна одлука дека се согласува со одлуките на Вториот црковно-народен собор, потврдувајќи дека трите епархии во Македонија „се издвоиле во самостојна Македонска православна црква, која се управува според Уставот донесен на тој собор“.

Понатаму се вели дека „со оваа одлука престануваат да важат прописите од уставот на Српската православна црква за епархиите и архијереите на територијата на НР Македонија“, што значи дека самата СПЦ констатирала дека територијата на Македонија повеќе не принадлежи на нејзиното канонско поле. Набргу потоа биле ракоположени и домородните митрополити Климент и Наум и конституиран Синодот на МПЦ. Но, за жал, Српската црква продолжила да ја злоупотребува автономијата на Македонската за понатамошно србизирање и негирање, како и за узурпирање на црковната територија. Затоа, во 1967 година, во Охрид, на Третиот црковно-народен собор, била прогласена автокефалноста на Охридската архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ. По тој чекор, од страна на Српската црква било прекинато сослужението, а било побарано тоа да го направат и другите православни цркви, со едно циркуларно писмо од тогашниот српски патријарх Герман. Така, Српската црква, во историски контекст, се покажа навистина како една црква што нема чувство за пастирските потреби на православниот народ во Македонија, туку само неволно, поради барањето на македонската паства изразено и преку тогашните власти, придонела да се конституира Синодот на обновената ОА во лицето на МПЦ. Па дури и последниве 50 години, нашата егзистенцијална борба за признание на автокефалноста беше сосема игнорирана – просто, како да немаме право да постоиме. За жал, наместо решение, состојбата дополнително се влоши со создавањето паралелна црковна јерархија, српската експозитура на чело со поранешниот митрополит повардарски г. Јован Вранишковски.

Затоа, ако погледнеме подлабоко, единствено БПЦ-БП го има правото да се застапува и бори за признание на автокефалноста на нашата црква, со оглед на тоа што таа, според нејзиниот устав, се јавува како наследничка и на Охридската архиепископија. А штом БПЦ-БП е признаена од сите помесни православни цркви, тоа значи дека сите тие го признаваат и нејзиниот устав и не смеат да ѝ се мешаат во однос на ова прашање. Фактот, пак, дека БПЦ-БП според својот устав е наследник и на Трновската патријаршија, како и тоа дека во извесен временски период (речиси два века) Охридската архиепископија и Трновската патријаршија коегзистирале паралелно како две посебни автокефални цркви, ни укажува на тоа дека автокефалноста на МПЦ-ОА не претставува никаков канонски проблем.

Бидејќи во јавноста се појавија доста полемики за последниве црковни случувања, при што доста неосновано и неуко се манипулираше со терминот црква-мајка, би сакал да дадам дополнително објаснување за што, всушност, станува збор. Имено, доколку некоја помесна црква се одвојува како автокефална, или, пак, во одреден историски момент била укината, а во друг повторно се обновува, за да влезе во канонско единство со другите православни цркви, тогаш кога нејзината црква-мајка ќе благоизволи и благослови, ќе треба да ја претстави пред другите помесни цркви, како и да ѝ издејствува томос за автокефалност од Вселенската патријаршија. Последнава, пак, историски гледано, се јавува како црква-мајка на сите цркви на Балканот – таа така и се нарекува. Во однос на томосот за автокефалност останува да важи стариот обичај: правото да го даде тој томос го има константинополскиот патријарх, со оглед на тоа што на соборот во Крит не се направи никаква промена на процесот за добивање автокефалија. Се појавија и такви што манипулираат со предлозите за промена на овој обичај, разгледувани на сеправославното советување во Шамбези, но треба да се знае дека никаков предлог што се однесува на обичајното право за автокефалност не беше усвоен и ратификуван во Крит, што значи дека старата практика останува во сила.

Значи, формулацијата црква-мајка се однесува на онаа црква од која обновената црковна јерархија произлегува или под чија јурисдикција се наоѓала. Конкретно во нашиов случај, досега како црква-мајка во православниот свет, заради еднострано и површно толкување на ова прашање, се водела Српската црква. Исто така, конечно треба да престане споредувањето на нашиот црковен проблем со украинскиот или со кој било друг во православието, затоа што тука се работи за сосема посебно прашање. Се разбира, како што веќе образложив, најголемо историско и канонско право, во однос на другите цркви, да ни биде црква-мајка има Бугарската црква.

Сметам дека Бугарската црква тоа добро го разбира и нејзиниот Свет синод, возглавен од богомудриот патријарх Неофит, ќе се потруди, како што и самиот изјави, да направи сѐ што е неопходно за да се исправи историската неправда со Охридската архиепископија. Чекорите што бугарските архијереи досега ги презедоа одат во прилог на тоа. БПЦ-БП навистина се постави како црква-мајка, со високоразвиено чувство за пастирска грижа за своите православни браќа во Македонија, во духот на Христовата љубов. За разлика од СПЦ, која веќе 70 години го игнорира нашиот проблем и непастирски се однесува кон македонската паства, БПЦ-БП веднаш по историското писмо од страна на нашиот Свет синод, формира комисија и ги повика нашите архијереи за заеднички да го договорат понатамошниот тек на процесот за признавање на автокефалноста на МПЦ-Охридска архиепископија. Самото тоа е показател за нивното големо братољубие и евангелска пожртвуваност.

Целото интервју прочитајте го ОВДЕ.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *