Нова монахиња во Пречиста – гости од Црквата на Финска и од Света Гора

Date:

Share post:

Манастирот Пречиста во Кичево, доби уште една монахиња. Дебарско-кичевскиот митрополит Тимотеј и Епископот Партениј, ја замонашија Сестра Текла.

-Во атмосфера на свештен трепет и на длабоко духовно ликување, вчеравечер во Свештената Обител Пречиста Кичевска, на вечерната богослужба се одвиваше еден од највеличествените моменти во животот на нашата монашка заедница – монашењето на нашата сестра Душица Будиноска од Струга, која го доби својот нов монашки идентитет пред Бога и пред луѓето, понесувајќи го достоинствено името на Светата рамноапостолна Христова првомаченица Текла. Ова небоземно собитие, исполнето со небесна благодат и со тивка радост, донесе пред Бога уште една душа целосно посветена на подвигот на љубовта, уште една запалена ламбада пред Тронот Троичен. Сестрата Текла, духовна рожба на нашиот возљубен татко во Христа, Старецот Епископ г. Партениј, своето духовно патување, со негов благослов, го започна под будната и мајчинска грижа на старешинката на Пречистанската Обител, монахиња Харитина. Нејзиниот досегашен живот, исполнет со трудољубие, молитва, послушание и искрена љубов кон Бога, беше запечатен со рамноангелскиот монашкиот постриг, кој, пак, беше извршен од пастирските раце на нашиот ценет монахољубив Митрополит, Високопреосвештениот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, велат од Бигорскиот манастир.

Гости на настанот бил  Митрополит на Олулу Илија, од Црквата на Финска и светиот светогорски Старец, Архимандритот Антипа.

Митрополитот Тимотеј во своето поучно слово по замонашувањето ја поучил сестра Текла за нејзиниот нов животен пат.

-Ти зеде завети за пост, целомудрие, послушание, трпение, сиромаштво и секаква мака до самата смрт, завети што ти ѝ ги даде на Црквата при твоето потстрижување. Сето тоа се случува пред невидливото присуство на Самиот Бог, на Неговата Пресвета Мајка и на светите ангели. Светата Црква не сокрива од тебе по каков тежок и мачен пат си должна да одиш во својот монашки и девствен живот. Не случајно св. ап. Павле вели: А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христа Исуса ќе бидат гонети (2. Тим. 3, 12). Луѓето од овој свет и по силата на своето плотско безблагодатно, противхристијанско умување, не само што не го разбираат монаштвото туку и го потценуваат овој голем подвиг, најугледен пред Бога  Животот. Но, колку и да е тешко од бремето на овој подвиг, запамети дека при своето потстрижување денес ти ја прими од Бога извонредната и голема благодат на Светиот Дух, таа Божествена сила за доблесно опстојување во монашкиот подвиг примен од тебе. Затоа светата Црква и го смета потстрижувањето во монаштво како второ крштение, за кое сведочат многу житија што се спомнати и во чинот на монаштвото, посочил владиката Тимотеј.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img