Почетна Вести Нова интернет страница на Богословскиот Факултет
Нова интернет страница на Богословскиот Факултет

Нова интернет страница на Богословскиот Факултет

408
0

Православниот богословски факултет, Свети Климент Охридски од Скопје, има нова интернет страница. Новиот дизајн на страницата овозможува поголема функционалност и прегледност. Истовремено на сајтот ќе има и редовно ажурирање на информации од активностите на Факултетот

Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје е основан во 1977 година, десет години од возобновувањето на Македонската православна црква.

Тој е всушност возобновител на Светиклиментовиот универзитет од пред 1122 години како негов директен наследник. Името на Факултетот е според патронот „Св. Климент Охридски“, аналогно на основоположникот на културно-просветниот центар во Охрид, наречен Светиклиментов Универзитет.

Македонската православна црква со самото осамостојување го создаде прво средното училиште – Богословијата и имаше потреба од дипломирани теолози за идните архиереи, за професорите во Богословијата, за свештенството во градските средини, како и свештеници за новоформираните македонски црковни општини во дијаспората. Овие и други потреби на Црквата беа основната причина Синодот да донесе одлука за отворање на Православен богословски факултет во Скопје.

Указот за прогласување на Уредбата за основање на Богословски факултет во Скопје е објавен на 8 декември 1977 година, на денот на Свети Климент, патронот на Факултет и со тоа практично почнала да работи оваа највисока црковно-просветна институција на Македонската православна црква.

Матичната комисија за основање на Богословскиот факултет била составена од универзитетски професори на Философско-историскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и од Македонската академија на науките и уметностите. Главен иницијатор за отворање на Факултетот и негов прв декан бил тогашниот митрополит Повардарски Гаврил, а подоцнежен трет поглавар на Македонската православна црква. Првите професори на Факултетот биле најистакнатите црковно-просветни дејци и професори од Богословијата. Тоа биле учени луѓе, со теолошки факултет, а некои од нив и уште со друг факултет од општествените, односно историско-философските науки. Некои од нив подоцна станаа и архиереи на МПЦ. Меѓувремено Факултетот се дополнуваше со млади професори кои се враќаа од последипломските студии во земјата и странство, а професорски кадар едновремено имаше и од Белград, како и континуирано за одредени општествени дисциплини од Скопскиот Универзитет.

Денес Православниот богословски факултет има петнаесеттина реномирани професори, кои се познати во современата теолошка мисла. Тие своето образовно и научно оформување го здобиле на овој Факултет, на некои од универзитетите во Македонија и во странство, како на пример на познатите теолошки центри во Рим, Атина, Белград, Софија, Бари и др.

На Факултетот се ангажирани и седуммина асистенти, кои се школуваа, исто така, во некои од странските теолошки Универзитети, а тројца од нив во Русија.

До денес Факултетот има околу 1250 запишани студенти, од кои 275 се дипломирани. На Факултетот под исти услови се запишуваат кандидати од двата пола, машки и женски. Оваа бројка од дипломирани девојки значително ја пополни вероучителската фела, којашто стартуваше со учебната 2008/09 година. Дипломирани теолози од овој факултет денес се на последипломски студии надвор од земјата, на познати теолошки центри во светот.

Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, по своето три децениско постоење, денес функционира со статус на најмлада придружна членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *