Во Европа созрева тивок, но длабок пресврт, изјавил норвешкиот римокатолички епископ Ерик Варден, кој во интервју за германското издание Communio изјавил дека процесот на секуларизација во западниот свет ја достигнал својата граница – и дека младите повторно се свртуваат кон духовноста.
Епископ Варден, кој претседава со Конференцијата на скандинавските епископи, оценил дека општеството ја исцрпило својата способност да ги „ресекуларизира“ христијанските значења. „Можеме да кажеме дека секуларизацијата е завршена. Едноставно затоа што нема повеќе што да се секуларизира“, рекол тој. „Тоа не е бесконечен процес.“
Според него, современиот човек – а особено младите – повторно бараат содржина, вистина и заедништво: „Тие не сакаат празни и сентиментални говори, туку автентични одговори.“
Варден забележал дека религиозно оживување се гледа не само во Норвешка, туку и во други европски земји што одамна се сметаа за целосно секуларизирани. „Го гледам растот на религиозниот интерес кај младите и нивното верно учество на литургиските богослужби,“ истакнал тој. Не се работи за масовна појава – но насоката е јасна: „Младите жеднеат за содржина. Гледаат дека возрасните околу нив имаат сè — и сепак не се среќни. Тоа ги тера да бараат подлабоки одговори,“ објаснува епископот.
Според него, Западот влегува во период по секуларизацијата – време на барање, преиспитување и враќање кон подлабоката духовна суштина што долго време беше потиснувана.

