Почетна Коментар Ние не сме посебни, ние сме последни
Ние не сме посебни, ние сме последни

Ние не сме посебни, ние сме последни

650
0

Да не си помисли некој, бидејќи сме се собрале оваа ноќ на бдение на Црквата Божја – наместо заедно со сите други луѓе да го прославуваме административниот почеток на новата година, дека сме нешто посебни, подобри. Не, ние не сме посебни, ние сме само последни. Последни, непотребни и бескорисни. Слуги Божји, не се ни осмелувам да помислам.

Зошто? Па нели ние требаше да сме квасец на овој свет, нели требаше да сме сведоци на Богочовекот Христос во овој свет, нели требаше преку нас да влезе Божјата благодат што го преобразува овој свет и нели требаше да бидеме слуги на луѓето од овој свет – за нивно спасение? Нели истото ова го вели и Светото Евангелие Божјо и житијата на сите Свети?

Е, па, токму тоа – што ние сме овде собрани, а светот во моментот го прави тоа што го прави, е еден неспорен доказ дека ние комплетно сме потфрлиле во нашата мисија. Знам дека истиот овој свет на големите празници ќе го видиме и во црква, но токму оваа ноќ и посебно оваа ноќ – во предвечерието на подготовките за учество во Христовото Раѓање, е показателот дека овој свет нема суштинска врска со Црквата, а за тоа ние сме виновни.

Ете зошто ние сме непотребни и бескорисни и треба самите себеси да се сметаме за последни од сите луѓе, а не да негуваме демонска помисла во нас дека сме нешто посебни и подобри. Наместо високото мислење за самите себе, ајде да се смириме, да ја привлечеме Божјата благодат на нас и оваа ноќ нека нѐ потсетува дека вистинското покајание е плач за целиот Адам.

Господи Исусе Христе, заради Богородица и Секогашдева Марија, прости.

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *