Почетна Коментар Невистините на Епископот Давид
Невистините на Епископот Давид

Невистините на Епископот Давид

936
2

Досега сум се воздржувал на сите прозивки и напади кои преку своите колумни ми ги упатувал епископот стобиски Давид од Православната охридска архиепископија на Јован Вранишкоски. Сум сметал дека тој како личност и припадник на групацијата за која често пишувам по природата на својата професија, има право на свој став, на свое несогласување со мене. Во тоа име природно е да се истрпат и сите квалификации и навреди кои тој и оние нему блиски ми ги упатуваат за моите „чкртаници“, како ми ги опишуваат пишувањата.

Но, кога некој постојано е опседнат со нечии „чкртаници“, не ќе да се тие таму некакви „чкртаници“ на кои треба да им се посветуваат серија колумни и пишувања. Не е важно. Она што сега ме испровоцира да му одговорам на епископот Давид на неговата колумна објавена на 26 октомври на еден наш портал и под наслов „Демитологизација сега!“ е првенствено потреба да се заштити еден чесен и доблестен архимандрит Порфириј, игумен на грчкиот манастир „Свети Јован Претеча“ кај градот Верија познат и по тоа што во него се чува черепот на свети Климент Охридски. Оти чувствувам дека во периодот од три недели, откако тој во Бигорскиот манастир најави дека за четири години ќе го донесе черепот на овој сесловенски светител меѓу бигорските монаси за да ја зголеми прославата на еден век од манастирското постоење, нешто чудно и опасно се случувало поврзано за иднината на овој игумен.

Што ми дава основа за тоа? Во својата колумна, епископот Давид пишува дека во мојот текст сум напишал две невистини: првата е дека по 700 години черепот на свети Климент ќе дојде во Македонија и дека овој светител бил основоположник на Македонска православна црква. Истовремено, ме упатува да му се јавам на грчкиот архимандрит Порфириј за да ја потврдам таквата информација, при што самиот се нуди како посредник за контакт.

Јас не се сомневам дека за три недели колку што поминале од обраќањето на игуменот Порфириј во Бигорскиот манастир, па до објавувањето на неговата колумна, епископот Давид и неговиот претпоставен имале зачестена комуникација со грчките владици, особено на оној што му е претпоставен на архимандритот, кој го чува черепот на светителот за да му ги избијат од черепот таквите молитви. Со каква цел лесно е да се види и сфати – за да го принудат да се откаже од убавата идеја реликвијата да го донесе во ова македонско светилиште. Ако не беше такво нешто изнудено под притисок, од каде ќе му е смелоста на десната рака на Вранишкоски да им порачува на новинарите лично да му се јават на игуменот за да го проверат она што на почетокот на октомври го кажал во Бигорскиот манастир.

А колку за потсетување, игуменот, покрај другото, го кажа и ова:„…Се молиме да ја прославиме заедно илјадагодишнината на вашиот свет манастир овде и со нас да ја имаме меѓу нас и чесната глава на свети Климент…“. Што е тоа ако не желба и намера да се донесе вредната реликвија во име на вистинската христијанска љубов за надминување на сите проблеми, а за што игуменот Порфириј вдахновено зборуваше таа вечер на празникот на упокојување на големиот светител. Се чини, токму таа идеја е вистинскиот проблем кој го има епископот Давид – вредната реликвија да дојде во македонското светилиште кое му припаѓа на црквата од која тој се откажа пред 12 години и за која се срами да каже дека била негова црква. Затоа, требало во меѓувреме да се изврши притисок и да се принуди архимандритот да се откаже од јавно изречените зборови во своето обраќање, за да не се случи така значаен настан што ќе ги подобри односите на МПЦ со Грчката православна црква.

Инаку, епископот добро знае дека новинарите воопшто немаат професионална обврска да ги проверуваат или потврдуваат јавно изречените изјави. Јавните личности по разни поводи даваат јавни изјави врз основа на кои потоа новинарите пишуваат анализи, коментари, статии и кои не се проверуваат оти се јавни и јасно и гласно кажани. Затоа, епископот на Вранишкоски не треба да се вчудоневидува зошто јас како новинар или некој друг мој колега не им се јавуваме нему или на Јован Вранишкоски кога во своите јавни настапи (јавни собири, интервјуа…) постојано ќе ја повторуваат тезата дека „Таканаречената МПЦ е расколничка црква која е создадена со одлука на Комунистичка партија на Тито, дека е настаната со цел да се зајакне македонскиот национален идентитет…“.

За такви јавни изјави нема потреба од дообјаснување, нема потреба од професионални јавувања, слушања „втората страна“ и од јавни обвинувања во колумните дека овој новинар бил непрофесионален, зборувал невистини и пишувал чкртаници. Да бев таков новинар каков што ме опишува епископот Давид немаше да бидам прв новинар кој токму со него, како млад монах и дел од МПЦ, пред Божик 2004 година токму на страниците на „Дневник“ објавил интервју на цела страница за да може да каже сето она што смета дека треба за нашата црква. Интервјуто беше објавено, а тој таа предбожикна вечер веќе служеше со Вранишкоски прифаќајќи ја јуриздикцијата на Српската православна црква. Се разбира, за такво нешто во интервјуто ништо не кажа, не го најави, освен што искажа куп критики за МПЦ кои ги искористи како „аванс“ во новата дружина чии ментори експресно му ги задоволеа амбициите да стане епископ. Толку за нечија чесност и доблестен „професионален“ однос.

И за втора „невистина“ што ми ја припишува, тоа дека „свети Климент Охридски не бил основоположник на МПЦ бидејќи се упокоил во 916 година, цели 102 години пред да биде основана Охридската архиепископија“. По оваа логика тогаш свети Климент не е ниту основач на првиот словенски универзитет бидејќи го немало ректорот, деканите, немало факултети, немало студентски прашања, испитни сесии, услови за запишување на годините, кредит-трансфер системи… Намерно правам ваква банална споредба бидејќи, иако тој како православен теолог треба тоа подобро да го знае, во црковната историја работите не треба да се врзуваат за формирањето на институциите. Свети Климент Охридски се смета за основоположник и патрон на МПЦ бидејќи со својата дејност во областа Кутмичевица ја почнал евангелизацијата на македонскиот народ, го посеал семето на христијанството од кое подоцна била создадена Охридската архиепископија и чие наследство сега во Македонија го чува и продолжува Македонска православна црква. Затоа тој е основоположник и патрон и нема никаква невистина кога овој сесловенски просветител се смета за таков.

BrankoЕден ден епископот Давид веројатно ќе го прифати и ова. Дотогаш, молбата до него е да го поштедат архимандритот Порфириј бидејќи христијанска љубов за која тој зборуваше во Бигорскиот манастир кој има многу мошти на светители кои му се подарени токму од Грција, од грчки црковни достоинственици и за кои нема да биде преседан донесување на черепот на свети Климент, ни е попотребна најмногу сега. Епископот Давид нека не се плаши дека ќе ја загуби својата употребна вредност од оние грчко-српски црковни структури кои го создале него и Вранишкоски, нека не се плаши дека ќе ги загубат финансиерите во периодот на подобрувањето на односите на другите православни цркви со македонските владици. Такви структури секогаш ќе сакаат да го имаат за да го искористат кога им одговара, посебно кога ќе сакаат да ги дискредитираат новинарите и другите што мислат поинаку од нив. Но, ним треба да им се спротивставуваат сите тие кои во зборовите на архимандритот Порфириј ја препознаа вистинската христијанска љубов кон блискиот свој и за кои сум сигурен дека се во многу поголем број. Тие се најголема вистина за која треба сите да се бориме.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски/ ДНЕВНИК

Коментар(2)

  1. Јас го Посеав Семето Вие Ожнеетего.
    Ги боли ВИСТИНАТА!

  2. Koga se zboruva za vistinata , taa nema mesto i ne prilici da se opotrebuva pokraj imeto na ovoj , kako se spomnuva vo tekstov , episkop David. Epskop e titula od pravosvno poteklo, so koja se titulirale crkvenite velokodostoinstvenici koi bile pripadnici na pravoslavnata crkva, a se odlikuvale so moralen zivot i voopsto so drugi hristijanski dobrodeteli. Znaci sluzele na crkvata ,bile pobozni , ne se zanimavale so politika i ne sluzele na nekoja druga ideologija , pogotovo na edeologija koja ne propagirala posesivnost i agresija na verka osnova, kako sto e slucajov so ovoj , za kogo velite vo tekstov deka e episkop David. So episkopska titula nikoj ne se zdobil, barem do sega, poradi toa sto ke izrazuva omraza protiv crkva, a osobeno protiv ona vo koja gi slusnal prvite soznanija za hristijankata vera, crkva koja go vovela i mu poklonila , posle neuspeh vo sportskoto komentatorstvo. monaski cin , veruvajki mu deka od nego, ako ne moze da bide dobar sportski komentator, ce bide dobar monah. Mu poveruvala deka ne treba da se maci so promaseni, neuspesni sportski emisii na Radio Skopje, tuku prvin neka bide poslusanik , ikusenik vo nekoj od manastirite. I go primile, ali nabrzo mu dale i monaski cin, bes da se nekoj doseti deka toj ne smee da bide primen bez bogoslovija vo manastir. Nego go pratile duri i da studira na Bogolovskiot fakultet vo Belgrad kade sto nabrzo postanubava plen na neprijatelite na MPC i naskoro se pridruzuva na tajfata na Vraniskovski , koi postanuvaat episkopi na srpstvoto i politikata na propadnatiot dvor na Karadjordjevicite vo Makedonija. Znaci , toi e episkop samo na antimakedonskata propaganda na verska osnova vo Makedonija, a nikako episkop na nekoja crkva, ili episkop na vistinata,oti toj , kako Makedonec vo srpskata crkava bi bil postaven samo kako mazgar ili vodonosa, a nikako kao igumen ili arhimandrit, a za sepiskop da i ne zboruvame. Taka da, toj e daleku od epskopskiot cin, vokolku ne e episop na srpstvoto i toa samo za Makedonija, a nikako vo Srbija, ili pak vo Srpskata crkva. Toi e samo slep propagator na antimakedonskata propaganda na verska osnova i toa, za zal i cudenje samo bas vo Makedonija. . So tao, toj i negovite bratija se episkopi na antimakedonstvoto, a nikao episkopi-nadgleduvaci na crkoven zivot.Pa tie nemaat vernici, a so toa niti crkva pa ottamu nemozat da bidat nitu episkopi. , toa e isto kako da se direktori na igorenA BANKA. a izgorena banka ne funkcionira, pa spored toa ne moze da ima nitu direktori. Taka da na zborot vistina ne mu e mestoto pored imeto na ovoj lazen epskop. Toj e episkop samo na omrazata, sovinizmot i nacionalizmot izrazen preku verska fanaticna ekipa na Vraniskovski pod dirigentska palka na Amfilohie, i Irinej Bulovic , a koi se tie faci, znaat samo tie –Makedonci koi postanale srpski monasi

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *