За првпат – и најсилно досега – папата Лав XIV во своето апостолско писмо од 23.11.2025, In Unitate Fidei, посветено на 1700-годишнината од Никејско-Цариградското Кредо, се обидува да го минимизира „филоквето“ како причина за спор меѓу православните и католиците. Иако не го негираше (а како папа практично и не може), тој сепак направи нешто што долго беше незамисливо: го спушти филоквето од догматска на интерпретативна категорија.
Филоквето – делот од Символот на верата во кој се вели дека Светиот Дух „произлегува и од Синот“ – е една од главните причини за непомирливоста меѓу православната и католичката црква. Но Лав XIV за првпат вели дека оригиналното Кредо (она утврдено во Никеја со учество на најмногу епископи и претседавано од светиот цар Константин) е заедничката основа на единството во верата. Според ова подоцнежното западно во кое е додадено „и од Синот“ не треба да биде препрека за заедничко исповедање на верата.
“…the Nicene-Constantinopolitan Creed, in its original form, expresses our common faith.”
Дали ова негово писмо е обврзувачко за Католичката црква?
Не, апостолските писма сами по себе немаат догматска сила – но имаат голема морална и учителска тежина.
Дали е ова доволно за помирување?
Не. Ни од далеку не е, затоа што ова е само едно од големите прашања што се причина за спорот и шизмата.
Ама дали е ова чекор во вистинска насока?
Апсолутно да. Папата Лав четиринаесети всушност се обидува да го спушти нивото на овој спор од догматско и да го претстави како теолошко појаснување за происхидот на Светиот Дух во западната традиција кое не треба да не разделува.
Како ќе се развие понатаму, ќе видиме. Но едно е сигурно: иако ова писмо секако дека не го решава многувековниот спор, но ја отвора дебатата со нов, помирлив тон и го намалува јазот – барем за неколку милиметри – меѓу „двете белодробни крила“ на едната света, соборна и апостолска Црква.
Да е за арно на сите!
Пишува: Оливер Шамбевски, поранешен амбасадор во Рим (Фејсбук статус)


Основната разлика меѓу Православието и Римокатлицизмот (па и останатите христијански конфесии, грубо кажано, иако тие во пракса многу се разликуваат исто така меѓусебе) е во доследноста кон Светото Предание од страна на Православието и т. н. ‘развојна теологија’ на Римокатолиците и останатите христијански заедници подоцна произлезени од нив. Не се работи просто за теоретски разлики, начини на организирање итн., туку за целосно различен пристап и на внатрешен и на надворешен план, за различна поставеност на духовниот живот и на поединечно и на црковно и на општествено рамниште. Богочовекот Исус Христос е извор на бесконечно вдахновение и за едните и за другите и за третите, но друг посериозен заеднички именител којзнае дали може и треба да се бара. Единството е во Него, не во некоја друга појавност. Обидите за изедначување на разликите преку дијалог на неколкумина Поглавари не можат да го елаборираат богатството на пројавите на верата со сите Божји дарови кои произлегуваат од различните начини на нејзиното практикување и во таа смисла секое воспоставување вештачко единство може да нанесе огромни штети. Потребен е огромен духовен опит кај мнозина (не добра волја кај неколкумина) за да се пронајдат здрави начини на комуникација во смисла на осознавање на плодовите од практиките и подвизите кај ‘другиот’ и да се разбере дали и колку тие би биле употребливи за очистување или оплодување на својот подвиг. Секое хипотетично единство би морало да има за цел збогатени можности за духовно растење на сите, не просто некаква гола униформна слика на масовност на христијанството како номинална категорија. Трезвеноумието, како и дарот на расудување, се непроценливи дарови Божји.