Почетна Анализа Необични и малку познати факти за комплексот Свети Петнаесет во Струмица
Необични и малку познати факти за комплексот Свети Петнаесет во Струмица

Необични и малку познати факти за комплексот Свети Петнаесет во Струмица

374
1

Дали сте знаеле дека Струмица е најбогата со цркви, дури и повеќе од Охрид? Неоткриеното богатство сè уште не е доволно истражено, а тоа се наоѓа под самиот град, кој изобилува со најстарите храмови уште од самите мугри на христијанството.

Базиликата која е подигната над гробот на Светите Петанесет Тивериополски маченици е најстариот вид на христијански храм на Балканот. Станува збор за црква-мартириум која е уникатна по своето архитектонско решение. Над самата базиликата е подигната крстовидна црква во чија олтарната апсида е исто така пронајдена крипта-реликвијар во форма на крст. Во неа се наоѓаат реликвии од уште еден, веројатно некој голем и познат мартир. Нејзината местоположба е над самиот свод на централната гробница во која биле погребани Светите Петнаесет маченици. Ваков тип на црква-„гроб во гроб“ или „пештера во пештера“ е најстариот начин на изградба на храм засведочен од ранохристијанскиот период и доцната антика. Единствено од ваков тип постара е гробницата под базиликата Свети Петар во Рим, а слични гробници се сретнуваат и во Стоби. Но, за разлика од Стоби каде тие се над земја или во рамките на самите цркви, гробницата на овие мартири има посебно мистични белези. Во нејзината срцевина на уникатен начин се сокриени чудотворните мошти на Струмичките маченици.

Водечкиот текст или текстуална подлога за ваквата сакрална архитектонска конструкција е деветтиот стих од шестата глава на Откровението: „А кога го симна петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите заклани заради словото Божјо и за сведоштвото, што го имаа“.  Доколку застанете на жртвеникот и погледот го насочите надолу, вие гледате токму на овие души убиени заради божјото слово, стоите над гробовите на Светите Струмички маченици!

Што велат преданијата? Најстариот писмен споменик за Светите Тивериополски маченици, житието на Теофилакт Охридски говори дека Петнаесетте проповедници биле фатени, мачени и погубени за време на императорот Јулијан Апостата (361-363). Тоа било времето на задоцнетите прогони на христијаните кога христијанската вера сè уште не била целосно прогласена за државна. Житието Мачеништво на Теофилакт нè известува дека четворицата од мачениците побегнале од Никеја во Солун, а потоа во Тивериопол, денешна Струмица. Кон оваа група се придружиле и другите проповедници и откако биле откриени сите настрадале во Тивериопол. Житието понатаму известува дека над нивните гробови била подигната црква.

Во 13-тиот век познатиот архиепископ на Струмичката епископија, Константин Кавасила, напишал два канона за струмичките маченици. Службата на овие маченици пишувана на словенски јазик со македонска редакција потекнува од еден празничен минеј од 17-тиот век. Во овиe стихови на Кавасила, црквата на Струмичките маченици се спомнува како чудотворно светилиште, како ковчег на нивните мошти, на нивните пелени. Нашите познати медиевисти при разгледувањето на содржината на овој препис го открија авторот на словенската служба за Петнаесетте Тивериополски свештеномаченици. Тоа бил Свети Климент Охридски! Нивното откритие беше уникатно во многу нешта. Имено, почетните букви на тропарите од осмата и од деветтата песна на канонот во акростих го испишуваат името КЛИМЕНТ! Култот на Светите Петнаесет Маченици бил толку многу голем, што Светиот Климент ги пренел нивните мошти во Баргала во 9-тиот век, формирајќи ја најстарата словенска христијанска организација-епископијата на Брегалница.

Божјата сила не престанала да дејствува преку силата на каменот кој ја чувал меморијата на Тивериополските маченици. И во најтешките времиња на Христовата црква, местото било магнет за посета. Имало временски периоди кога немало никакво обележје на светилиштето, но верниците потсвесно ја чувствувале моќта на камењата каде палеле свеќи и се молеле. Тогаш станувале безброј чуда. Во 1921 година на светото место била подигната една мала капела во која можело да влезе само еден од верниците, да се поклони и помоли. Оваа капела постои и денес. Со благослов на тогашниот митрополит Злетовско-струмички г. Наум и одѕивот на верниците од Струмица и околијата, во 1972 година се одлучи да се изгради нова црква.

Но што се случи? Веднаш штом започна градењето беа откриени наоди кои укажуваа дека тука постои нешто древно. Откриен бил комплекс од црковни градби во чиј централен дел во наосот се наоѓала поголема засводена гробница и 15 стандардни гробни засводени структури. Гробовите биле откриени во самата црква, под нејзините темели и покрај црквата. Како некое божјо провидение, градењето на новата црква запрело додека не се извршат целосно археолошките истражувања.

На западниот ѕид од гробницата бил пронајден портрет на Петнаесетте мартири насликани до појас. Се смета дека овој фунерарен портрет кој потекнува од 9-тиот век е најстариот групен портрет на Балканот. Централната гробница била засводена со полуоблица, влезот бил од источната страна, а на северната и јужната страна биле насликани два големи крста. Уникатни крстови со проширени краци, живописани со темнокафеава боја, карактеристични од прво апостолско време (веројатно апостол Павле кога поминувал тука оставил траги и организирал основна ќелија на црковна општина).

Редоследот на мачениците во портретот открива уште еден куриозитет. Првите букви од нивните имиња го сочинуваат името: IC XC NH KA (ИСХС НИ КА). НИ КА е кратенка од црковнословенската реченица: На Крести Искупиу Кровиу Адама. Имено, на секоја претстава од Распетието Христово, во подножјето кај неговите нозе, во мала пештера се наоѓа насликан черепот на прататкото Адам. Над него е Спасителот кој треба да ги воскресне и спаси оние кои го носат гревот на Адама. Ништо чудно и распоредот на портретите во гробницата да крие некаква тајна.

Еден друг куриозитет поврзан со црквата Свети Петнаесет е тунелот кој според литературните сведоштва постоел веднаш до сегашната црква и одел подземно сè до Царевите Кули. Според црковните преданија, низ тунелот можело да помине едно натоварено магаре, најчесто со вода и основни прехранбени продукти. Во лето најголем проблем за жителите на Цареви Кули била водата, која морале да ја носат од пониските делови на Струмица, па дури и од црквата Свети Петнаесет, каде што постоел извор под еден повеќевековен брест. Но, по Втората светска војна се губи секаква трага од овој тунел и денес неговата локација претставува енигма.

Градината на Свети Петнаесет е една од најубавите која изобилува со разни цвеќиња. Посетителите земаат по еден цвет кој им носи мир, телесно и духовно здравје. Брестот има посебно место во сеќавањето на Струмичани. Но, најголемиот дар од црквата Свети Петнаесет е дарот кој Светите Петнаесет маченици го дале за црквата. Таа нивна пролеана крв била семе од кое изникнала црквата. За тоа сведочат и многубројните чуда кои и денес таму се случуваат. На нивните гробови одвреме навреме се појавувало оган, таму се случиле 24 чуда според житието на Теофилакт Охридски. Една мајка го донела своето немо дете за да преспијат во храмот каде биле погребани мачениците. Детето имало 7 години и тогаш во тремот на црквата прозборело во тивката ноќ. И во поново време, ноќта наспроти празникот Свети Петнаесет маченици со верата и молитвите на верниците се случуваат многу благослови.

Црквата Свети Петнаесет денес е целосно обновена и во неа редовно се вршат богослужби. Во рамките на комплексот се возобновени и конаците, а во приземјето е познатата галерија на икони. Духот на Византија и натаму бие во звукот на камбаните чиј такт и мелос за миг ќе ве вратат назад во времето.

Пишува: Огнен Коцевски

Коментар(1)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *