Почетна Коментар Неколку поуки за борбата против демоните
Неколку поуки за борбата против демоните

Неколку поуки за борбата против демоните

173
1

Сè се случува според правилата на духовниот закон. Најпрвин демонот нè напаѓа преку погрубите страсти: сластољубие, среброљубие – како што гледаме кај жителите на земјата Гергесинска, а на крајот преку најсуптилната, славољубието (види: Матеј 8, 28–34). Демонот се бори секогаш да си ги поврати загубените позиции од Светото Крштение, па дури и да се врати во центарот на нашето срце.

Во врска со борбата против демонот, треба да знаеме дека демонот нè напаѓа со енергијата на својот ум – неговиот ум против нашиот ум. Ако ние во умот го прифатиме она што тој ни го предлага, односно ако се согласиме со неговата мисла, ја губиме благодатта и се затемнуваме. Значи, благодатта ја губиме не кога демонот нè напаѓа со некаква си своја зла енергија, туку тогаш кога ние го прифаќаме со нашата слободна волја она зло што тој ни го предлага.

Демонот не знае што мислиме ние и што се случува внатре во нас. Но тој, бидејќи е стар борец, знае од искуство и заклучува според нашето надворешно однесување. Значи, ние не смееме надворешно со ништо да покажеме што се случува внатре во нас при некое искушение. Треба да се држиме до петте точки со кои се надминува секое искушение, од кои последната е – молитвата.

Ако ја кажуваме молитвата собрано, за кратко време стануваме како оган. Исто како оган кој откако ќе се разгори, никој повеќе не може да го допре без да се изгори. Тогаш демонот и да се обиде да ни пристапи, брзо ќе се повлече, бидејќи молитвата го гори. Ова се познава од пракса.

Но, треба да имаме и правилен став во молитвата. Тоа е кога молитвата ја доживуваме како наше давање и кога ја кажуваме од љубов кон Господ и од желба да бидеме со Него. Тогаш таквата молитва е попостојана, и демонот тогаш тешко може да ни пријде. А, ако молитвата ја кажуваме со став на барање, односно само како борба против демонот и неговите искушенија, тогаш таа брзо ќе се прекине.

Нашите внатрешни борби не треба да ги кажуваме на никого освен на оној што ни е одреден за тоа – духовниот отец, инаку демонот ќе дојде до потребните информации. На тој начин се исклучува градење паралелни односи (почеток на секое зло), ширење страв од демонот, се оневозможува неговото влијание и се спречуваат многу други работи поврзани со ова.

И не треба да се плашиме од демонот. Тој, според Светите Отци, по Христовото Воскресение, за нас е „опасен“ само колку играчка во рацете на мали деца. Треба да се плашиме од неправилно водење на војната со него. Тоа е причината за нашите изгубени битки…

Сè што демонот сака да нѐ убеди дека ни пречи однадвор, треба да го опфатиме во нашата молитва, и тогаш ќе го почувствуваме како дел од нас и ќе престане да ни пречи.

Кога знаеме дека сме острастени, затемнети и под големо внатрешно влијание на демонот, зошто проблемот го бараме надвор од нас? Зошто секогаш се самооправдуваме, а другите ни се виновни за сè?

Штом го лоцираме проблемот надвор од нас, ние сме надвор од Патот, надвор од Христос, надвор од Евангелието Христово, надвор од Духот Христов, надвор од своето срце… Го оставаме тесниот пат и трчаме по широкиот. Самооправдувањето, а осудувањето на другиот се сигурни знаци дека под нашите стапки се наоѓа широкиот пат – кој не води нигде.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Коментар(1)

  1. Кога ќе видиш дека демонот силно те напаѓа тогаш речи ЈАС СУМ НАЈЛОШ ОД СИТЕ и тогаш ќе побегне како од оган.
    Св Силуан.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *