Почетна Коментар Некои аспекти на конзервацијата и реставрацијата на црковните и манастирските комплекси кај нас
Некои аспекти на конзервацијата и реставрацијата на црковните и манастирските комплекси кај нас

Некои аспекти на конзервацијата и реставрацијата на црковните и манастирските комплекси кај нас

99
0

Прашањето на заштитата на црквите и манастирите во нашата земја е комплексно и заслужува внимание. Досега во нашата држава евидентирани се повеќе од 2000 сакрални објекти, над 22 000 икони (споменици на култура), над 1000 мостови, тврдини и кули, 450 000 музејски предмети и 6000 археолошки локалитети. Според податоците од истражувањата, во изминативе 60 години украдени биле вкупно 900 икони. Во обидот да се надмине сегашната состојба и појави во оваа сфера и да се информира пошироката јавност  околу ова прашање, како предмет се поставуваат неколку аспекти на заштитата.

КОНЗЕРВАЦИЈАТА И РЕСТАВРАЦИЈАТА НА ЦРКОВНИТЕ ВЕРСКИ ОБЈЕКТИ Е НЕРАСКИНЛИВО ПОВРЗАНА СО НИВНАТА ПРЕЗЕНТАЦИЈА И РЕВИТАЛИЗАЦИЈА

Конзервацијата на црквите и манастирите и нивните артефакти е сложен и макотрпен процес кој опфаќа не само превентивна заштита, туку и обезбедување на континуитет во функционирање на објектот. Една целосна конзервација никогаш не се врши наеднаш, туку постапно, на ограничен број објекти, а паралелно со неа се врши и превентивна заштита.

Во постапката за конзервација и реставрација на една црква или манастир не може да се занемари аспектот на презентација, односно негова ревитализација. Конзервацијата не е цел сама за себе, туку таа мора да води сметка и за други функции на објектот. Ревитализацијата подразбира договорно определување на концепцијата за современа функција, односно целосната конзервација не смее да започне без претходен договор за концептот за негово осовременување. Затоа, неопходно е претходно изработка на студија која ќе ја истражи самата вредност, природа и карактер на самото добро кое е предмет на заштита.

ВЕРСКИТЕ ФУНКЦИИ КОИ ГИ ОСТВАРУВА РЕЛИГИОЗНИОТ ОБЈЕКТ И СОВРЕМЕНИТЕ ФУНКЦИИ ШТО ЗНАЧАТ НЕГОВА РЕВИТАЛИЗАЦИЈА ТРЕБА ДА БИДАТ ВО СООДНОС

Современата функција не смее и не може да противречи на намената и самата природа на верскиот објект, ниту да претставува ограничување или спречување на верските активности. Во контекст на ова, треба да се дефинира обликот, видот и начинот на градење на соодносите меѓу овие две функции. Поради сложеноста на проблемот во остварувањето на овој сооднос нужно е адекватно внимание и надвор од сферата на заштитата, односно вклучување на тим од експерти од различни области. Но, во ниту еден случај прашањето за определување на современата функција не смее да се решава одвоено од црквата или верските авторитети. Секој проект за нивна ревитализација мора да смета на полна согласност на истата.

КОНЗЕРВАЦИЈАТА, А ВО РАМКИТЕ НА НЕА РЕВИТАЛИЗАЦИЈАТА И ПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, СЕ АКТИВНОСТИ КОИ БАРААТ ПОГОЛЕМА КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Сите цркви и манастири кои се валоризирани како културно државно добро подлежат на конзерваторски третман финансиран од буџетот на државата. Но, доколку  во некое село се пронајдат вредни икони, за чија вредност местото население не било свесно, а притоа немаат стекнато статус за културно добро, тогаш истите можат да бидат конзервирани приватно од страна на стручни лица-конзерватори, а конзервацијата може да биде финансирана од самиот црковен одбор или епархија. Финансирањето на конзерваторските постапки може да оди и комбинирано со државата.

Имајќи ја в предвид сегашната општествено-економска реалност, оправдано може да се претпостави дека црквата како имател на верски објекти тешко може да учествува рамноправно во носењето на трошоците за целосна конзервација, а уште помалку сама да ги сноси тие трошоци. Конзервација која се остварува инцидентно и парцијално не претставува трајно решение на проблемите. Нашите компании МЕПСО, ЕЛЕМ, ЕВН и други донираат средства за таа намена. Средствата што се одвојуваат само од буџетот се недоволни. Најдобро е кога конзервацијата претставува синтеза на повеќе интереси, меѓу кои и стопанскиот определен во неговиот најадекватен вид. Доброто менаџирање подразбира пронаоѓање на адекватен интерес на засегнатите страни во експлоатацијата на самиот објект.

ИНТЕРВЕНЦИИ КОИ НЕ СЕ НА НУЖНО ПРОФЕСИОНАЛНО НИВО СОЗДАВААТ НЕПОВРАТНИ ПОСЛЕДИЦИ ПО ЖИВОПИСОТ И АРХИТЕКТУРАТА НА ЦРКВИТЕ

Професионална интервенција во заштитата на црквите и манастирите секогаш треба да поаѓа од пошироки мотиви и цели од верската функција што се остварува во таквите објекти. Постојат многу цркви кои се напуштени во кои нема активен верски живот од едни или од други причини. Исто така, во објектите кои се веќе заштитени и прогласени за културно наследство од особено значење,  потребно е да се утврди во која мера, колку пати и под кои услови ќе се одржуваат богослужби. Општата линија на верски активности во овие објекти никако не смее да и противречи на осознаената потреба од нивна заштита.

Еден прифатен начин на презентација на вредностите во нашите цркви и манастири е формирање галерии и музеи во рамките на црквите. Во нив на едно место ќе се соберат иконите од еден крај и организирано ќе се чуваат и стручно презентираат. Бидејќи иконата има поклоничка улога, а не само музејска вредност имаше идеја под гаранција и на реверс да се носат во црквите во оние денови кога има богослужби. Но, оваа пракса наиде на негодувања и не беше насекаде поздравена. Верските заедници доста често грижата за спомениците на културата ја препуштаат на нестручни лица и фирми наместо на стручните конзерваторски служби кои се формирани од државата. Последиците од ова се штетни како по споменичното добро, така и по она што настанува потоа, кога доброто ќе премине во други раце и фази на конзервација.

Друг начин на презентација се издавање водичи, брошури и каталози, како комуникација со црквите. Најчесто изработени од нестручни кадри кои презентацијата на објектот ја ставаат на втор план, се случува туристите да добијат еднострани информации. Станува збор за највисоки вредности на нашата сакрална архитектура, ремек-дела на фреско-живописот и резбата какви што нема на друго место во светот.

ИНФОРМИРАНОСТА И ПОДИГАЊЕ НА СВЕСТА ЗА СОПСТВЕНИТЕ КУЛТУРНИ ВРЕДНОСТИ Е НАСУШНО ЗА НИВНО ПРЕПОЗНАВАЊЕ, ЧУВАЊЕ И НЕГУВАЊЕ

Во наставните образовни програми во сите развојни фази кај нас отсуствуваат содржини за проучување на македонските цркви и манастири, а овој тренд за жал продолжува. Пред се, свеста за нашите цркви и манастири треба да биде свест за наше заедничко културно добро, за вредност која ја споделуваме, и која е наша гордост. Дури и во специјализираните образовни системи и програми за воена и граѓанска безбедност, не се застапени наставни содржини за културното наследство. Во многу развиени држави во светот, посебно се чува и негува културното наследство, зашто тоа е своедвидна туристичка атракција, но и огледало на културата.

ОДНОСОТ НА СЛУЖБИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЦРКВИТЕ И МАНАСТИРИТЕ НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ ПОД ВЛИЈАНИЕ НА АКТУЕЛНИТЕ ПОЛИТИЧКИ ЗБИДНУВАЊА

Во повеќе цркви во нашата држава, а особено во оние од 19-тиот век има натписи со кои некои светци не се означуваат како македонски. Некои од овие натписи се оригинални, а некои се правени во периодот на окупацијата. При очигледното преименување  дури на црковните натписи, конзерваторот на фреско-живописот е ставен пред дилемата, дали да биде толерантен или не на ваквата состојба. Низ долгата одисеја на војни, земјотреси, кражби и поплави, манастирите и црквите биле разурнувани и повторно оживувани, нивните икони преправани, пресликувани…Но, народот кој живеел во овие краишта ги заштитувал од непријателот, од суровиот заборав и прогоните, ги засолнувани во подруми и ги криел во куќи на угледни граѓани. Луѓето ја препознавале нивната вредност и исцелувачка моќ.

Нашите културни артефакти, не само во минатото, туку и денес, постојано се изложени пред опасностите на нивно отуѓување по пат на присвојување и изнесување од земјата и нелегална трговија. Од друга страна, ниту еден наод или споменик не е осамен сам по себе, туку настанувал како сплет на разни историски околности, во допир со соседствата и други народи. Значајно е да се истакне, дека веднаш по ослободувањето, политичкиот фактор играл голема улога и првите општествено-политички органи на Југословенската Република ги преземаа ингеренциите околу грижата на црквите и споменичните добра кои настрадаа во војната. Дури и во најголемите политички превирања и воени немири заштитата имала приоритет.

КЛУЧ НАМЕСТО ЗАКЛУЧОК

Во мирни услови какви што живееме денес изложени на постојани ревалоризации на веќе изградениот културен идентитет, мораме да воспоставиме цврст национален консензус околу овие прашања.

Како историски и културни сведоштва, а историјата секогаш ја пишувале победниците, божјите домови биле многу повеќе од тврдини на победниците и сокровишта на поразените. Во својот бит тие носат божја парадигма, меморија чија свест е длабоко вткаена во секој атом на нивната материја. Оттаму, и иднината, како и сегашноста, по истата можна постапка, ќе има право да го негира и ревалоризира она што го создава нашата современост. Човекот е градител, но и најголем урнувач на своето дело. Но она што е вредно, тоа останува вечно. Исус рекол: „Урнете го овој храм, и за три дена повторно ќе го подигнам!“

Останува да се верува дека Бог, Тој создател на времето, на крајот ќе го заштити она што ние луѓето, за жал ограничени во нашиот земен век, не можеме да го заштитиме- долговечноста на древнините. Затоа, понекогаш, грижата за некои работи подобро да му ги препуштиме Нему, и на верата во Неговите мистични патишта…

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *