Почетна Коментар Недела на слепиот
Недела на слепиот

Недела на слепиот

171
0

Ова евангелие (види: Јован 9, 1–38) опишува само уште еден школски пример, од многуте во Новиот Завет, на судирот меѓу оние што се држат до словото на Законот – кое убива, и оние кои Го почитуваат Духот на Законот – Кој оживува; меѓу оние кои на сè што не одговара на нивното самољубие се спротивставуваат со празни зборови и оние кои на празните зборови им одговараат со дела; меѓу оние што се служат со лични дисквалификации и оние кои се личности; меѓу оние што самодоволно престојуваат во темнината на својот ум и оние кои постојано го просветлуваат својот ум; меѓу оние што се кријат зад авторитетот на институцијата и оние кои се носители на харизмата, на дарот на Светиот Дух.

Гледајте колку празните зборови и личните дисквалификации се немоќни пред добрите дела: „Прослави Го Бог; ние знаеме дека Оној Човек е грешен“. А тој одговори и рече: „Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам“. И што да одговорат на проверениот и потврден факт дека човекот беше слеп, а сега гледа? Со која човечка мудрост и домисла би му се спротивставиле на овој факт на сите познат? Со кои зборови би му се спротивставиле на кое било добро по Бог дело, а камоли на лично Божјото…

Но, дали по ова следи покајание или уште едно промашување? Фарисеите се обидуваат да го дознаат рецептот за успехот, како да е тоа некое тајно знаење што може само со разумот лесно да се достигне и научи, како да е тоа некоја независна безлична моќ, како да е тоа нешто што се продава и купува: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?“ Кога не би знаеле дека човекот, односно Господ преку него, најдобронамерно ги потсетува на растењето во личниот однос со Него како пат до таа моќ, би си помислиле дека човекот се шегува со нив: „Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?“

Но, дали и по ова следи покајание на фарисеите или уште едно промашување? Еве како луѓето без авторитет се кријат зад авторитетот на институцијата што ја претставуваат, а со која очигледно немаат никаква врска: „Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е“. Кога не би знаеле дека човекот, односно Господ преку него, најдобронамерно ги потсетува на духовниот закон на послушанието, повторно би си помислиле дека човекот се шегува со нив: „Тоа и е за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бог и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. И ако Он не беше од Бог, не можеше да направи ништо“.

Но, дали и по ова следи покајание на фарисеите или уште едно промашување? Просудете сами: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нè учиш?“ И како што во продолжение вели евангелието: тие го испадија надвор. Тоа е сведоштво на немоќта, немоќта за покајание. Ова евангелско четиво многу потсетува на односот на СПЦ кон МПЦ – ОА.

Но, кога фарисеите ќе ве отфрлат од себе, не плашете се, туку радувајте се: тоа е само сведоштво дека Самиот Христос ве пронашол и ве прифатил, и дека Самиот Христос ве води и ве внесува во сета Вистина. „Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече: ’Веруваш ли ти во Синот Божји?‘ Тој одговори и рече: ’А Кој е, Господи, па да поверувам во Него?‘ Исус му рече: ’И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е‘. А тој рече: ’Верувам, Господи!‘ И Му се поклони“.

А кога Богочовекот Исус Христос нè води, тогаш телесниот подвиг преминува во аскетска љубов кон непријателите, па и во мачеништво заради Него; тогаш умната молитва преминува во умно-срдечна, па и во непрестајна; тогаш гледањето на првата светлина преминува во просветленост, па и во гледање на несоздадената светлина Божја; тогаш верата преминува во знаење, па и во предзнаење. Од умно-срдечната молитва не можеме да побегнеме; таа е првото  прогледување, затоа што е просветлување.

Господи Исусе Христе, преку Богородица, отвори ни ги очите на сите!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *