Почетна Коментар Не уништувајте ги добрите односи меѓу македонската и албанската црква
Не уништувајте ги добрите односи меѓу македонската и албанската црква

Не уништувајте ги добрите односи меѓу македонската и албанската црква

880
0

ОДГОВОР НА ПИСМОТО НА ГОСПОДИНОТ Д-Р БРАНИСЛАВ СИНАДИНОВСКИ
Господине Синадиновски,

Преку овој одговор на Вашето писмо кое го оценувам пред сѐ како тенденциозно, политички мотивирано и полно со базично непознавање на догмите и канонските правила на нашата света Православна црква, сакам да предизвикам внимание кај македонската јавност за катастрофалните душепогубни чекори кои ги повлекувате, искористувајќи ја светата православна вера во рамките на Вашата лична користољубивост од само вам познати цели и интереси.

„Со цел да бидат избегнати какви било манипулации, уште на самиот почетокот да расчистиме една многу јасна работа, дека Македонската Православна Црква – Охридска Аерхиепископија не застанува против Албанците, ниту против кој било граѓанин на Република Македонија од која било верска заедница, а не пак против своите чеда кои како православен верен народ ги прима како мајка.“

Она што Вие го изнесовте во јавноста во вашиот напис на 31. 12. 2015 година, само го разобличува Вашето непознавање на православната вера и укажува на нечесните намери кои ги имате, а притоа замешувајќи ја етничката припадност на православните верници во Република Македонија со исповеданието на светата православна вера. Така постапувајќи, ќе се осмелам да кажам дека безобразно ја навредувате нашата света вера додавајќи богоборни и пагански таканаречени традиции, кои се спротивни на учењето на Православието, Светото писмо, Апостолските дела, Светото предание и Светите отци.

И покрај болеста која од 19-от век ја наследивме, а се нарекува „етнофилетизам“, во Православната вера не постои разлика во догматското учење, каноните и црковното право и Православната црква во своето битие онака како што ни е предадена од Господ Иисус Христос е една и во неа не постојат нации „нема Евреи и Елини, само еден народ Божји народ“.

Постои една многу јасна дистинкција во смисла на територијалното протегање на власта на секоја помесна црква и нејзиниот епископ, а што се нарекува „јурисдикција“. Каноните изрично определуваат дека на една јурисдикциска територија не може да се прави паралелна јурисдикција ниту по една основа, ниту пак друг епископ да врши работи на територијата на друга помесна црква или епархија.
Од овој аспект, создавањето на Албанска Православна Црква (верска заедница на православните Албанци во Република Македонија) како и на која било друга Православна црква на територијата на Република Македонија претставува мешање во јурисдикцијата на МПЦ-ОА.

Нешто слично како паралела би било доколку МПЦ-ОА создаде своја јурисдикција во Мала Преспа-Пустец и постави свој епископ и свештеници без знаење на Корчанскиот владика, неговото Високопреосвештенство, митрополитот Јован.

Доколку се повикувате на измислените бројки за 50.000 илјади православни Албанци во Република Македонија, ќе Ве замолам конкретно да кажете-посочите пред целата македонска јавност каде се тие Православни, наши браќа и сестри и во кои храмови на МПЦ се парохјани. Тоа е многу важно од аспект на утврдувањето на точната бројка на Православни кои имаат потреба од богослужба на албански јазик, а за што со сигурност Ви тврдам дека надлежните епископи на МПЦ се подготвени да им излезат во пресрет и да подготват свештеници кои во некој од храмовите ќе ја извршуваат службата на албански јазик. Впрочем Бог се слави на сите јазици и се е во слава на Бога.

„Нашите две сестрински цркви МПЦ-ОА и АПЦ по прашањето на потребите на Православните Македонци од Пустец за Богослужба на Македонски јазик ова прашање го решија на нормален канонски начин, а Вам како лаик и непознавач на каноните на Светата Православна Црква можам да Ви го доближам начинот на решавање и можам да Ви кажам дека во состав на Корчанската епархија на АПЦ има свештеници Македонци кои се дел од АПЦ и во своите парохии служат на македонски јазик. Притоа, архиереите на МПЦ-ОА не се надлежни архиереи туку тоа е Корчанскиот владика Јован. Господине Синадиновски, ова е единствениот канонски, јурисдикциски, црковно-правен и пред се Православен начин на решавање на потребите на Православните верници од Албанската етничка заедница кои се чеда на МПЦ-ОА, односно живеат во Република Македонија и се под канонска јурисдикција на МПЦ-ОА.“

Служејќи се со пагански обичаи, невистини и анти Православни „аргументи“, односно квази аргументи, пред што и да напишете или да кажете за Светета Православна Црква, потребно е да бидете оцрковен и да знаете, односно да бидете свесни дека и МПЦ-ОА и АПЦ и сите други помесни Православни цркви Веруваат во единиот Бог Отец седржител творец на небото и на земјата и на се видливо и невидливо, во Господа Иисуса Христа и во Светиот Дух кој исходи од Отецот. Ова е содржано во Символот на верата, а врз основ на пишаното во Вашето писмо убеден сум дека не го познавате Символот на верата. Исто така, нема разлика во догматските верувања помеѓу АПЦ и МПЦ-ОА, во Литургиското Богослужење, извршувањето на Светите тајни и на сите треби и славењето на светителите во Светата Православна Црква која е безвремена.

Оттука, Вашите небулози за некакви традиционални, ранохристијански, етнички, а во основа длабоко неправославни искази кои со ништо не се уподобени на Христа и немаат никаква допирна точка со спасителната мисија на Светата Православна Црква, се против Православната вера и претставуваат неопаганизам и Богоборство кое јавно го пропагирате.

Каква врска има Ѓерѓ Кастриоти (Скендер – бег) со Православната традиција, а уште повеќе со вистинското исповеданието на Христа? Историски факт е дека тој бил Албански велмож од доцното средновековие кој пак во неколку наврати бил конвертит и тоа од чисто политички причини, а не како светител кој го спасува Христијанството.

Доколку и најмалку бевте Православен ќе знаевте дека Православните светители се маченици за Христа, исповедници или преподобни кои својата света крв ја пролиле за Христа или живот кој го посветиле за сведоштво на Христа и вистината.

Колењето на животни како „курбан“ и разделување на местот од кои било причини, нема ништо заедничко со Света Петка ниту пак со кој било Православен светител, тоа е крајна вулгаризација пренесена од некои пагански и неправославни религии. Славењето и споменот на Свети Мартиниј и Свети Георгиј не е ексклузивитет само на Православните Албанци, како што и славењето на Светите Климент и Наум не е ексклузивитет на Православните Македонци, впрочем светителите во Православната Црква се слават насекаде и исто без пагански обичаи на жртвопринесување на животни. И уште еден куриозитет, ако така може да го наречеме, но во контекст на Вашите невистини. Според световните помпи и начинот на неправославно празнување, Ѓурѓовден најмногу и најбучно го празнуваат Ромите, па сега дали тоа значи дека и тие треба да оформат парасинагога и да според Вашето милување од световен интерес се наречат „православна црква“.

Тоа дали некој порано или подоцна на овие простори го примил Христијанството нема значение во денешните собитија и реалност, бидејќи: „првите ќе бидат последни, а последните први“. Прифаќањето на Православната вера има значение за тоа колку ревносно како поединци и како народ ќе се бориме во живеењето и опстојувањето во верата.

Гледајќи процентуално и компаративно, фактите говорат дека за жал во најголем дел Албанците го напуштаат Христа и конвертираа од Православие кон Ислам за разлика од Македонците, а тоа сепак доколку сакаме да зборуваме за подлабоките верски убедувања и не е некој аргумент на кој можете да се потпрете.

За волја на историските вистини, Албанската Православна Црква доби автокефалност во 1937 година, а потполно започна со функционирање од 1992 година и денес сеуште еден дел од епископатот на истата е со Грчко етничко потекло.

„МПЦ-ОА е реализација на вековниот обид на Македонскиот народ за возобновување на Светата Охридска Архиепископија неправедно и насилно укината 1767 година и во современи услови остварена во полнотата на Господа Иисуса Христа. Ова тенденција на Македонскиот народ е остварувана во не помалку тешки историски собитија од оние на Албанскиот народ и на разни начини низ борбата за ослободување од Фанариотското влијание преку Бугарската егзархија, под окупацијата на Српската црква се до создавањето услови за потполна канонска и јурисдикциска самостојност и прогласување на афтокефалност во 1967 година.“

Во Законот за верски заедници и религиозни групи во Поглавје II, член 9, ст. 3, се вели: „Во надлежниот регистар се запишува црква, верска заедница и религиозна група доколку претходно веќе не е извршена регистрација на таква црква, верска заедница и религиозна група“. Ете уште еден доказ за Вашата „искрена“ намера и „православен дух“ и душегрижништво со цел формирање на верската заедница на православните Албанци во Република Македонија што е во спротивност со Законот. Во смисла на Законот, тоа е потполно исто како Македонците со Исламска вероисповест да формираат своја верска заедница паралелна на официјалната ИВЗ. Оттука, Ве замолувам да престанете со невистини и навреди насочени кон Македонскиот народ и МПЦ-ОА. Да престанете со Вашите манипулации, невистини и полувистини мотивирани од Вашите лични интереси.

Не може поради вашите лични интереси да ја нарушувате јурисдикцијата на една помесна Православна црква. Поради Вашите лични интереси добивам впечаток дека сте подготвени да предизвикате меѓуетнички и интрарелигиски конфликт во Македонија, а тоа не само како номинално Православен, туку и како лаик човек со научната титула која ја носите не би смееле да си го дозволите, без разлика на Вашата непостојаност при етничката определба, што впрочем е Ваше Уставно загарантирано право за кое воопшто не сакам да расправам.

Доцент д-р Оливер Андонов

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *