
НБРМ издаде монета во чест на канонизацијата на Мајка Тереза
Народната банка на Македонија издаде монета со ликот на Мајка Тереза во чест на нејзината канонизација за светица. Монетата изработена од сребро со номинална вредност од 100 денари е дел од колекцијата на ковани пари на НБРМ.
На аверсот, во централниот дел на монетата е претставен грбот на Република Македонија и натписот „2016“. Околу монетата, по должината на периметарот, се прикажани натписите на македонски јазик: „Република Македонија“ и „100 денари“.
На реверсот, во централниот дел на монетата е прикажан портрет на Мајка Тереза. На левата страна, во заднината, се прикажани украси во форма на крстови и срца. Во долниот дел од левата страна е претставен цвет од повитот „Мајка Тереза“ („Matka Teresa“), одгледуван од страна на г. Стефан Франчак, полски језуитски монах.
На десната страна се прикажани датумите „1910 ‒ 1997“, годините на раѓање и смртта на Мајка Тереза и „2016“годината на нејзината канонизација.
Исто така, прикажано е латинското име „Sancta Teresia de Calcutta“ (света Тереза од Калкута), како и името на Мајка Тереза, на македонски и на албански јазик.
Цената на оваа колекциска монета е 3500 денари.