Почетна Политичка теологија Натписите во мартириумот на св. Теодор во Израел фрлаат светлина врз животот на раните Христијани
Натписите во мартириумот на св. Теодор во Израел фрлаат светлина врз животот на раните Христијани

Натписите во мартириумот на св. Теодор во Израел фрлаат светлина врз животот на раните Христијани

764
0

Археолошките ископувања од летото 2022 година во Хипос на Декаполис, грчко-римски град кој се простира високо над Галилејското море, фрла дополнителна светлина врз животот на раните Христијани, соопштува “Haaretz”. Во градот се откриени не помалку од седум цркви од ранохристијанската епоха. Од особен интерес се 4-те натписи откриени во мартириумот на св. Теодор или “изгорената црква”. За ова откритие дознаваме од раководителите на ископувањето д-р Арлета Ковалевска и д-р Михаил Ајзенберг од Институтот по археологија “Зинман” при Универзитетот во Хаифа и епиграфот проф. д-р Штааб од Институтот за класични истражувања при Универзитетот во Келн.

Од еден мозаик, поставен на видно место во влезното предворје на црквата, можеме да научиме, на пример за Мегас, “пресветиот епископ” кој го финансирал основниот мозаик на своите браќа Евсевиј и Јовиј, за чиишто души Мегас се моли.

Во страничниот параклис стои натписот: “Принос за спасението и закрилата на Уранија и Теодор. Господи Боже прими го ова! амин! Во времето на 4-от индикт во годината 619″. Изгледа дека овие две лица си создале своевиден личен параклис како место за својот последен покој, претпоставуваат археолозите.

Другиот мозаик наговестува дека свештенослужителот можеби бил златар, како што наведува Штааб: Принос на свештеникот Симеониј златар, пазител (?) Он (Господ) ќе ги заштити него, децата негови и неговата сопруга”.

Забележливо е тоа што натписите на грчки јазик се со многу грешки, што покажува дека во тој период грчкиот јазик веќе не бил толку широко распространет во Светата Земја, и во него има примеси и од локалните јазици.

Ако веќе не се зборувало на грчки, тогаш зошто натписите се на овој јазик? “Во црковниот свет било недопустливо дури и да се помисли да се користи некој друг јазик освен грчкиот – дури и кога  било јасно дека тој јазик веќе не бил владеен во неопходниот степен”, објаснува Штааб. “Оригиналниот јазик на христијанската култура и молитва кон Бога бил грчкиот, така што било невозможно да се отфрли неговото користење во христијански контекст, како во мозаиците”.

Последните откритија исто така покажуваат дека мартириумот на св. Теодор или “изгорената црква” настрадал пред исламската епоха, бидејќи тука се пронајдени монети и други артефакти од пред исламскиот период. Тоа дава основа да се смета дека црквата била уништена од пожар за време на персискиот сасанидски напад во 614 година.

Мартириумот на св. Теодор бил изграден во втората половина на V или почетокот на VI век во најзападниот дел на градот, со поглед кон Генисаретското езеро. Во 2019 година беа откриени натписи кои градењето му го припишуваат на игуменот Петар и во нив се спомнува името на Маченикот Теодор.

Од седумте цркви досега откриени во Хипос, “изгорената црква” била најоддалечената од центарот на градот и била изградена во најсиромашниот дел.

Од атриумот верниците имале навистина прекрасен поглед, подобар отколку оној што го нуделе другите цркви, поглед кон Галилејското море и кон други места каде што Исус ги вршел Своите чуда. Сепак грубата градба и лошиот квалитет на мозаиците покажуваат дека храмот веројатно го изградиле локалните жители кои не можеле да си дозволат првокласни мајстори. Изобразбите се цветни но невешти а црквата е значително мала. Затоа истражувачката екипа смета дека таа била една локална црква за обични верници.

Во друг храм во Хипос, во самиот олтар бил откриен мермерен саркофаг со крстни знаци на светителка чие име е непознато. Истражувањата покажале дека станува збор за жена на возраст од 55 години. Во горниот дел на саркофагот имало направено отвор поради нејасни причини. Истражувањата покажале дека од некаква причина влезот во таа црква бил блокиран и вратите биле заѕидани, но луѓето продолжиле да имаат пристап до тој саркофаг преку вратата што ја пробиле во олтарот.

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *