Почетна Анализа Нашите потопени цркви
Нашите потопени цркви

Нашите потопени цркви

925
0

Малки ги знаеме тајните на нашите потопени цркви. Кои се тие и каде се наоѓаат?

Нуркачите-спелеолози од клубовите „Врело“ и  „Акватек“ во 2013 година во една нивна подводна експедиција во водите на езерото Матка открија темели за кои се смета дека се од стара црква. Објектот се наоѓа на околу 1км од браната, а до него беше пронајден камен со натпис „Света Недеља“. По должината на левиот и десниот брег на реката Треска  денес се видливи остатоците од  повеќе монашки скитови, односно испоснички ќелии на осамените монаси од средниот век. За испосничките ќелии на Матка сведочи археологот Љубинковиќ кој во 40-тите години успеал и да слика една од нив. На една фотографија стои забелешка: „Испосница на отец Геласиј крај манастирот Свети Андреја“. Подоцна, вели тој, истите биле потопени со вода при полнењето на вештачкото езеро, а дека се монашки скитови го потврдува со фактот дека истите немаат живопис.

Постарите жители на Матка стрмниот крш кој се спушта надолу кон реката го нарекуваат „Мачин дол“. Дали топонимот „Мачин“ означува дека некој тука бил мачен? Или под „Мачин“ дол се подразбера самоизмачувањето на средновековните испосници-пустиници кои тука наоѓале идеално место за својот духовен подвиг? Самата духовна архитектура на кањонот со страотни вертикали речиси без хоризонтален терен околу себе, со карпести врвови и многу стрмни кршови, им одговарало на пустиниците. Средновековниот човек верувал дека се ближи страшниот суд, па за да ја спаси својата душа градел многу монашки скитови. Во нив се одвивале верски обреди од највисок степен, некои и со камшикување. Од една страна сурово место идеално за маченички подвиг и совладување на демоните, а од друга страна монашки рај, место за духовно преображение и средба со Бога. Така, тука се подвизувале монаси од највисок ков и углед, свети луѓе и чудотворци.

Не се знае точно колку скитови се потопени во езерото Матка. Меѓутоа, бидејќи станува збор за сакрален простор, сосема е извесно дека иста таква сакралана содржина се крие и во езерската длабочина. Тоа го потврдува и најновото откритие на еден таков скит, тврда градба со камен натпис Св. Недеља во самите води на Матка. Обично монасите од пештерите и испосниците се собирале околу еден постар, искусен духовник, под чија духовна патронажа се усовршувале во аскезата. Секој скит припаѓал на одредена матична црква. Оттаму и името Матка-матична лавра за испосниците кои тука живееле поврзани меѓусебе и со Бога. Црквата „Света Недела“ која се наоѓа во карпите над Свети Андреа е веројатно главната црква на пронајдениот скит со истото име. Подводните пештери се меѓусебно поврзани ќелии кои водат до матичните манастири.

Во познатиот париски ракопис кoj го содржи списокот на Охридските архиепископи до средината на 12-тиот век, наречен Каталогот на Дуканж, се дознава дека првиот Охридски архиепископ Јован бил од Дебарско, каде бил игумен на манастирот Богородица пред да биде избран за Охридски архиепископ. Но, до денес не се направени сериозни научни истражувања за местоположбата на овој манастир, ниту за седиштето на дебарската митрополија. Некои научници сметаат дека тоа е манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Ростуше. Други укажуваат на остатоци од еден средновековен манастир во Скудриње, а некои го посочуваат градот Пешкопеја во соседна Албанија, кој тогаш влегувал во составот на дебарската епархија.

Академикот Цветан Грозданов изнесува една мошне интересна теза. Тој посочува на остатоците на една многу постара неиспитана црква кај Горенци сега веќе потопена во акумулационото езеро. Имено, познато е дека во водите на Дебарското езеро денес се наоѓа познатиот Горенечки мост, споменик на културата, низ кој порано поминувал прочуениот римски пат- Виа Игнација. Според изворите кои ги посочува академик Грозданов, на левиот брег на реката Радика, во непосредна близина на некогашниот Горенечки мост е пронајдена мермерна плоча на која пишува: „во спомен на ктиторот на овој манастир“. Ова ја потврдува хипотезата дека во близина на селото Горенци, сега веќе во Дебарското езеро, се наоѓа манастир. Дали можеби тоа е Богородичниот манастир на првиот Охридски архиепикоп? Локацијата на манастирот (под Дебарското езеро) можеби ќе ни открие уште една голема мистерија-седиштето на дебарската митрополија.

На самиот брег на езерото Глобочица, во 2014 година жителите на струшкото село изградија црква посветена на пророкот Св. Илија. Поставувањето на нејзините темели беше свечен чин од големо значење за мештаните зошто беше плод на нивните молитви да се врати стариот сјај на црквата, потопена со подигањето на хидроцентралата од 1964 година. Со потопувањето на црквата згаснала и некогашната традиција на прославување на селската слава Св. Илија. Но, не и духовниот копнеж на селаните кои вложија големи напори и средства да го возобноват потопениот храм од 15-тиот век. Камен плочата и крстот кои нуркачите успеаа да ги извадат од старото светилиште, беа вградени во новиот храм. Всушност, тоа беше еден величествен воскрес и обнова на старата душа на селото. По педесет години, храмот Свети Илија блесна одновно на брегот на езерото. Интересно е што нејзиниот градител, младиот Марко, на влезната порта, пред околу 600 години оставил отпечаток од неговата дланка и рекол: „Оваа црква нека биде вечна и нека постои сè додека не се најде човек што ќе има поголема рака од мојава за да ја поклопи“. Денес, црквата уште се наоѓа во водите на езерото Глобочица. Понекогаш кога ќе се спушти нивото на водата, според кажувањата, скромно се појавува нејзиниот врв, а на полноќ, од планината Јабланица кон неа се спушта сноп светлина. Како знак од нејзиниот градител Марко дека ниту една сила, вклучително и водата, не може да ја поклопи раката која гради со вера и заедништво.

Црквата „Свети Никола“ во Маврово со право се смета за најмистериозната црква во Македонија. Опстојува еден век се до настанокот на Мавровското езеро во 1953 година. Оттогаш па наваму, половина век бдее во водата, издигнувајќи се повремено кога се намалува езерскиот водостој. Денес, таа со право го носи епитетот една од „најнапуштени цркви во светот“. Она што ја прави да биде посебно убава е нејзиниот пркос на времето и на природните закони. Црквата и натаму стои цврсто задржувајќи го својот автентичен стар изглед како и некогаш. Жителите на Маврово велат дека светителот и Божјата сила не дозволуваат да исчезне во длабочините на езерото.

Откако била потопена мештаните успеале да ги спасат дрвениот иконостас, вредните икони на Дичо Зограф и книгите. Интересно е сведоштвото дека кога започнала да се гради новата црква на брегот на езерото во 90-тите години, на ѕидовите на старата црква се појавила мистериозна гравура со ликот на Свети Никола Чудотворец. Народното верување вели дека Свети Никола бил „чувар на водите“, т.е. оној кој варди од потонување. Тој секогаш бил на вода, „за да ги држи клучевите од седумте извори за да не се удават луѓето, зошто во спротивно сите би се удавиле“.

По создавањето на Тиквешко Езеро во 1964 – 1968 година, поплавено било селото Брушани, а со него и црквата „Света Троица“. Од старата црква останале само дел од ѕидовите, крстот и камбанаријата. Крај езерото по 50 години од потопувањето беше подигната нова црква „Света Недела“. За прв пат после педесет години минатата година се слушна црковното ѕвоно во сега веќе населбата Брушани. Од Тиквешкото езеро било потопено и селото Полошко од кое останал само Полошкиот манастир,  до кој се стигнува само по воден пат.

Во селото Здуње потопено со вештачката акумулација Козјак се наоѓаат голем број неистражени археолошки локалитети. Со Здуње се поврзуваат многу сакрални објекти, култни места каде престојувале свештени лица и се лоцирани гробишта.

Пишува: Огнен Коцевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *