Почетна Коментар Насекаде гледа „Американци“ митрополитот Бачки, кој ја откри „Мајката Црква“ во Ерусалим
Насекаде гледа „Американци“ митрополитот Бачки, кој ја откри „Мајката Црква“ во Ерусалим

Насекаде гледа „Американци“ митрополитот Бачки, кој ја откри „Мајката Црква“ во Ерусалим

516
0

Повеќе од три години после неговиот неуспешен обид да ја задржи Српската црква подалеку од Светиот и велик собор во Крит, водачот на групата „вазали“ на Руската црква, митрополитот Бачки Иринеј сега се впушти во напад без преседан против Вселенската патријаршија, која ја осудува за наклонетост кон „новопапизам“.

Во своето интервју за српскиот весник „Печат“, митрополитот Иринеј не се колеба да го осуди Фанар дека се обидува да ја раздели Православната црква под наредба на американците, додека ја повторува теоријата дека Вселенската патријаршија го држи „приматот на честа“, додека Ерусалимската патријаршија има „примат на благодатта“, поради што и е „Мајка на Црквите“.

Ако Вселенскиот не сака да свика Собор, има други што сакаат

Веднаш потврдувајќи ги сомнежите на оние што во неговото лице препознаваат еден од иницијаторите на теоријата врз која се изгради „помирителната иницијатива“ на Ерусалимскиот патријарх, митрополитот Бачки вели карактеристично:

„Таа иницијатива е буквално боговдахновена и спасоносна. Нашата Црква доследно и одлучно се застапуваше за таа идеја уште од самото избивање на кризата. Повеќето од Црквите се за неа. Проблемот е во тоа што Цариградскиот патријарх одбива да свика такво советување, знаејќи дека на него ќе остане во малцинство, а некои гркојазични Цркви – Еладската и Кипарската, на пример – не сакаат да учествуваат на сеправославен собир кој не е свикан од Вселенскиот патријарх како прв по ранг помеѓу претстојателите на Православните цркви. Јас лично таквиот став го сметам за неоправдан. Работата е едноставна: ако тој не сака, некој друг сака! Напоменувам дека од вселенските собори од минатото, од кои два се одржани во самиот Цариград, ниту на еден не претседавал Цариградскиот патријарх.“

Секако, повторувајќи ја веќе познатата аргументација на Руската црква, г. Иринеј го анализира приматот велејќи: „Неговото канонско првенство на честа во Православната црква досега никој не му го оспорил, а и кога би сакал, никој не може да го оспори без нов вселенски собор. Сепак, постои особеното, духовно, благодатно првенство на Ерусалим како „Мајка на сите Цркви“, единствената Црква чиј непосреден Основач е Самиот Господ Христос, та затоа сметам дека Ерусалимскиот патријарх има и морално право и должност да ги повика сите Православни цркви на советување, пред толку многу предизвици и искушенија.“

Босфор воведува новопапизам

Продолжувајќи ја реториката против Вселенската патријаршија, српскиот митрополит не се колеба да го изрази своето мислење дека во последниов век Константинополската патријаршија е склона кон „новопапизам“, отворено негирајќи ги некои од привилегиите кои ги смета за „подоцна воведени“.

„За време на последните сто години, од времето на патријархот Мелетиј Метаксакис до времето на денешниот патријарх Вартоломеј, навистина, и во теорија и во пракса, од бреговите на Босфорот се јавуваат повремени признаци на „новопапизам“ или „источен папизам“ во обид.“ – тврди митрополитот Бачки, кој го продолжува своето размислување, кажувајќи што признава, а што не ѝ признава на Вселенската патријаршија.

„Великата Христова црква во Константинопол без никаква задршка ја признаваме за првопрестолна Православна црква, а нејзиниот чесен претстојател за прв по чест и ранг православен епископ. Свесни сме, со љубов и благодарност, дека токму таа маченичка Црква нè просветлила со светлоста на Евангелието Христово и, преку Света Гора, ни го вратила Растко Немањиќ како свети Сава и дека пред осум векови преку него ни дарувала автокефалија. Истовремено ги признаваме сите ингеренции на Вселенската патријаршија кои се во согласност со канонскиот поредок на Православната црква и нејзината еклисиологија

„Меѓутоа, не ги признаваме дополнително припишаните „специјални права“, прерогативи и повластици кои излегуваат надвор од канонските рамки. Устројството на Православната црква е втемелено на соборноста, а не на издвоениот и апсолутизиран Прот, што и претставува искушението на папизмот.“

Американците ги притискаат црквите

Повторувајќи ги еден по еден аргументите на Московската патријаршија, митрополитот Бачки го препознава зад дејствијата на Вселенската патријаршија, но и оние на Александрискиот патријарх и Атинскиот архиепископ по Украинското прашање… американскиот прст.

„Протагонистите повеќе не чувствуваат потреба нешто да кријат: на отворена сцена, секогаш документирано и со понекоја фотографија, високи чиновници на американската администрација ги посетуваат православните првојерарси и архиереи, се среќаваат со игумените на древни манастири и отворено бараат тие да се приклучат на Цариградската патријаршија во несомненото кршење на устројството и канонскиот поредок на Православната црква“ – тврди митрополитот Иринеј и продолжува:

„Во ова, барем навидум и засега, имаат извесен успех: Александриската патријаршија и Грчката црква ја признаа лажната „Црква на Украина“. Не е, за жал, исклучена можноста да им се приклучи уште некоја помесна Црква.“

Но, според него, не е првпат ова да се случува: „Се случувало понекогаш, и се случува, поединци или групи во рамките на некоја од помесните Цркви да грешат, давајќи им предност на интересите на политиката, странска или, почесто, државна, над интересите на Црквата, имајќи или немајќи илузија дека тие интереси се поклопуваат.“

Продолжувајќи ја својата мисла и забележувајќи му на Константинопол што се самонарекува Вселенска патријаршија, јасно ја обвинува како мајка која си ги доведува во опасност сопствените деца. „Но, тоа една помесна Црква, иако навистина прва по чест и ранг, која себе си се кити со називите Вселенска патријаршија или дури и Мајка на сите Цркви, го загрозува организмот на некои од помесните Цркви за кои тврди дека им е Мајка Црква, навистина не е видено како појава во христијанската историја. Патем да се каже, Црквата која ќе добие автокефалија не е повеќе „ќерка“, туку рамноправна сестринска Црква, како што и пишува во секој Томос за автокефалија.“

Жедни се за власт

Тужбата на митрополитот Бачки против Вселенската патријаршија има и продолжение, зашто освен американците, зад нејзините дејствија препознава и други силни световни сили кои во Фанар имаат најдено „расположени соработници“.

Одговарајќи на прашањето: „Ударот на моќните светски сили на Православието во сегашново време добива нова енергија и силовитост. Аналитичарите велат: ‘Религијата игра водечка улога во новата студена војна помеѓу Западот и Русија.’ Како да се објасни тоа? Зошто Православието е препознаено како опасност за силите кои веќе владеат со светот?“ – митрополитот Бачки одговара:

„Алчноста е единствената религија [на моќниците]. Вистината е дека тие, без оглед на моќта и богатството, не би можеле да ја произведат актуелната криза во православниот свет ако не беа нашле соодветни „инсајдери“, соработници жедни за власт, а конкурсот е отворен и понатаму, не само на Босфорот, туку и на други места.“

„Неуспешен Собор“ на Крит

Иако и покрај сите негови обиди за спротивното, неговата Црква нормално учествуваше на Светиот и велик собор на Православната црква, митрополитот Бачки сепак го смета за неуспешен. Уште почудно е тоа што, наместо да ја критикува Руската црква што го блокираше новиот начин на доделување на автокефалија, ја обвинува Вселенската патријаршија што не го применила.

„Поводите за стапување во раскол може да се препознаат во мотивите кои во основа се политички или етнофилетистички, но, духовно и психолошки, се работи за гревот на гордоста. И начинот на манифестирањето и психолошките причини се исти и во она што се случува денес во врска со црковно-политичката идеологија на Цариградската патријаршија и статусот на Црквата во Украина. Да потсетам: пред неславно завршениот Собор на Крит беше воспоставен консензус за начинот на прогласување на автокефалија. Тој консензус е заснован на светите канони и на соборната структура на Црквата и, во главни црти, изгледа вака: автокефалноста ја дава Цариградската патријаршија, но во името на целата Црква, а не во свое име, во договор со останатите Цркви, при согласност на сите првојерарси, сообразно со мислењето на нивните помесни Цркви. Томосот за автокефалија го потпишуваат, по ранг и ред, сите патријарси и претстојатели на Црквите, а не само Цариградскиот патријарх.“

Сега, најинтересно од сè е ставот на самиот претстојател на Српската патријаршија, патријархот Иринеј и тоа колку се согласува или не со ставовите на митрополитот Бачки во неговиот впечатлив обид да ја разори, не само улогата на Вселенската патријаршија, но и начинот на кој функционира Православната црква во последново илјадалетие.

Сепак, до овој момент Српската црква нема објавено официјален став во врска со иницијативата на Ерусалимскиот патријарх.

Пишува: Андреас Лударос

Извор: Orthodoxia.info

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *