Почетна Коментар На гората Крчин за Преображението на Спасителот
На гората Крчин за Преображението на Спасителот

На гората Крчин за Преображението на Спасителот

251
0

Годинава меѓу оние кои го искачија врвот Голем Крчин за да присуствуваат на величествената литургија имало и гости од соседна Грција. Бигорскиот манастир објави текст во кој гостите од Грција ги пренесуваат своите впечатоци.

Оваа година имав испланирано и од претходно знаев каде ќе бидам за денот на Преображението. Бидејќи уште од лани дознав од познаници и пријатели за искачувањето на планината Крчин и за служењето Божествена Литургија на 2341 метар! И така, „љубоморен“, сакав и јас оваа година да учествувам по секоја цена.

На еден друг Тавор, требаше да се искачиме на врвот на планината Крчин, затоа и тргнавме пред да изгрее сонцето. Бевме околу 600 души, организирани во групи. Се наоѓав во првата, заедно со отците од манастирот, кои имаа земено неопходни работи за служењето на Божествената Литургија. Искачувањето беше тешко, но и восхитувачко, два часа искачување низ шума со огромни и стари дрва наоколу и два часа искачување низ бескрајните ливади по сртот на Крчин.

Пристигнав заедно со првите сончеви зраци. На врвот се наоѓаат рушевини од храм посветен на Преображението на Спасителот. Таму горе отслуживме Божествена Литургија. Светлината од сонцето што паѓа директно врз нас нè ослепува – не можеме да го погледнеме сонцето кое штотуку изгрева. Таа слика ме наведе да размислувам колку посветла би можела да биде Светлината на Преображението, којашто ја виделе учениците Негови, Петар, Јован и Јаков, или Несоздадената Светлина, Светлината на Животот. Колку благословени се оние кои се удостоиле да ја видат!

Позади нас Албанија, додека пред нас се протега Северна Македонија, планини, долини, реки, езера, селца… Сè преубаво, кое те прави да се восхитуваш на величието на Созданието и да Го славиш Бога уште повеќе.

Силен и студен ветер нѐ удираше безмилосно. Единственото „греење“ таму горе – нашите молитви, обединети околу Светиот Жртвеник, околу Светиот Путир.

По завршувањето на Божествената Литургија беше одржан еден мал симпозиум, една „празнична“, би рекол, трпеза според сфаќањата. Си поделивме што имавме донесено секој: еден овошје, друг двопек, трет маслинки, четврт домати… Па така, наситени духовно и телесно, ни претстоеше слегување, и тоа тешко како и искачувањето. Назад во Манастирот Старецот, отец Партениј, нѐ чекаше сите трпеливо, да нè прими и да ни честита.

Така, значи, го прославив оваа година Господовиот празник Преображение на Спасителот. Ако би можел да одделам некој момент, тоа со сигурност би бил за време на Божествената Литургија, кога јеромонахот воскликна: „Да му благодариме на Господа!“. Ете зошто Му благодарам на Господа уште еднаш што ме удостои да го прославам Неговото Преображение заедно со почитуваните пријатели, со браќата во Христа на 2.341 метар. Затоа отповикувам пак:

„Достојно и праведно е!“

Пишува: Фотис Сионис

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *