Почетна Коментар „Му рече Господ на мојот Господ“, или слово за господата и за Господа
„Му рече Господ на мојот Господ“, или слово за господата и за Господа

„Му рече Господ на мојот Господ“, или слово за господата и за Господа

625
1

Црногорско-приморскиот митрополит Амфилохије доби одговор од Вселенската патријаршија на неговото последно интервју за „ТАСС“ во кое директно му се закануваше на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, дека СПЦ ќе го смета за отварање војна против нејзе, евентуалното применување на украинскиот рецеп на Балканот. Одговорот дојде од Архимандрит Роман Анастасијадис, клирик на Критската црква. Еве го неговиот целосен коментар на интервјуто на Амфилохије.

Никогаш не верував дека ќе дојде денот кога сите оние „тешко вам“ изрази од ова евангелско четиво* ќе се однесуваат на една ситуација, како оваа која настана околу црковното прашање за канонското доделување на внатрешна самостојност, односно автокефалија, на Црквата во Украина. Секако дека сакам да се осврнам на последното интервју на Високопреосвештениот митрополит Црногорски г. Амфилохиј од Црквата на Србија, кое го даде за официјалната руска агенција ТАСС.

  1. Навистина, Високопреосвештен, не ви ја допре совеста писмото што го добивте од двајцата украински новинари? Не почувствувавте срам од сето ова сознание?
  2. Се смета дека сте еден од најдуховните архиереи на Црквата во Србија. И се прашувам: духовност без еклисиологија постои? За мене – не!
  3. Очигледно 1879 година (кога официјално е доделена автокефалијата на денешна СПЦ, н.з.) според математиката на светиот Црногорски, и претходи на 1453 година (според ставот на СПЦ дека добила автокефалија во 1219 година, н.з.)… Па така , како што изгледа, српската автокефалија му претходела на Падот на Константинопол, односно се случила во „Константиновиот период“! Што ли не друго ќе прочитаме, браќа?
  4. Вакво извртување на вистината немам сретнато досега. Вие, Високопреосвештен, поминавте речиси десет месеци покрај преподобен Пајсиј Светогорец? На ова ли Ве научи? Ако му го прочитате Вашето интервју, би се согласил ли тој со Вас? Не Ви е срам од него? Или, пак, потребна Ви е неговата личност само за да го надградувате Вашиот профил на старец во рамките на Вашата помесна Црква? Ќе ми кажете дека за да постои скромност, треба да постојат и вредностите и идеалите во човекот, а не сè да биде предадено на берзата на животот…
  5. Сакав да се зафатам со болната и крајно самоволна, неодржлива и измислена еклисиологија што сакате да ја лансирате, но не го правам тоа, затоа што не сакам да му придадам значење на нешто кое уште од првото читање се покажува неосновано и гнило.
  6. Не Ви се допаѓа Вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој со толкава храброст се труди да ги запази одговорностите на својот Престол, а? Ви се допаѓа тој да биде снисходлив, млак, сите Православни без исклучок да ги става на една маса, како небаре протестантска конфедерација на Цркви. Сега, кога после случајот со Украина се открија срдечните помисли на сите, Ви пречат чекорите и делата на овој храбар патријарх! Секако! Затоа што сакате да се смирува, да се раководи од една лажна благородност и да Ви угодува на сите, сеправославно. Тој е добар и неопходен Вселенски патријарх, тогаш кога ни пишува писма до претседателот на Црна Гора за црковните работи таму, но кога постапува во рамките на неговите историски и канонски одговорности, „ни ја расипува супата“! Но, ете ние токму ваков Патријарх сакаме! Да ги следи неговите херојски и свети претходници, а не да биде млак и нерешителен, односно да е ни вода, ни киселина, како што сакате да го претставите со Вашите подмолни методи!
  7. Целото интервју е чисто разочарување. Ваш духовен дедо бил свети Николај Охридски? Такви ли работи кажуваше тој за Константинопол? Најпосле, не бидете преносител на туѓи пораки, тоа многу Ви го намалува авторитетот.
  8. Откријте му на целиот грчки народ дека вие први, со години ја нарекувавте Црквата во Скопје „Македонска“ и државата „Македонска“! А сега со сите сили се борите против договорот кој дава едно име, очигледно затоа што не сакате таа земја да влезе во сферата на западниот свет, туку да остане да биде протекторат на панславизмот! А моите несреќни сонародници од незнаење и како резултат на сета оваа пропаганда, се восхитуваат на пријателството со Србите и го сметаат другиов народ за непријателски..

Ви ги повторувам, Високопреосвештен, зборовите на преподобен Пајсиј Светогорец, што Ви ги кажа Вам лично: „Зарем не си монах? Значи, треба да правиш послушание. Или си толку непослушен Црногорец? Мојот мачор Бајум овде е попослушен од тебе…“

Ви пречи тоа што Константинополскиот бил, е и ќе биде видливата глава на помесните Православни Цркви и на сè останато што произлегува оттаму! Тоа е Вашиот проблем, ништо друго! Ниту повторените хиротонии, ниту неважечките таинства, ниту било што друго! Сè друго е лицемерие. Само ова ви пречи и сакате овој Престол да биде истребен. Но, зад овој Престол видете Го Праведниот Судија. Ако не верувате во нешто друго, барем верувајте во оној Престол, пред кој ќе постојат сите други добра освен милоста. „Во тој ден ќе исчезнат сите помисли нивни“ (Пс. 145,4).

На крај, Високопреосвештен, како Ви се чини за Константинополскиот Престол? Чиј син е тој? И продолжувам да парафразирам… Тие одговараат: на сите останати Цркви, ако не и на Ерусалимската. Тој им вели: како тогаш Антиохискиот Јоаким и Ерусалимскиот Софрониј преку Светиот Дух, во годината 1590 на Московскиот му велат дека треба „за глава и начело да го има Апостолскиот Престол на Константинопол, како што го имаат и другите патријарси“? Ако Ерусалим го нарекува своја глава, тогаш чиј син е тој?

„И никој не можеше да Му одговори, ниту се осмели некој од тој ден да Го праша нешто“ (Мт. 22,46).

Со многу почит и жал,

Архимандрит Роман Анастасијадис

 

*„И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша и рече: Што мислите за Христа? Чиј е син? Му одговорија: Давидов. Им рече: „Како тогаш Давид, надахнат од Духот, Го нарече Господ, велејќи: ‘Му рече Господ на Мојот Господ: Седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои’. И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш да Му е Он син?” И никој не можеше да му одговори ниту збор, и од тој ден никој веќе не се осмели да Го праша. Тогаш Исус му проповедаше на народот и на учениците Свои, говорејќи: „На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите. Затоа, сè што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат; врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат; и сите свои дела ги прават, за да ги видат луѓето; ги истакнуваат своите записи од законот и прават големи поли на својата облека; сакаат прво место на гозбите и предни места во синагогите, и поздрави по улиците, и да им велат луѓето ‘учителе, учителе!’ А вие, немојте да се нарекувате учители, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сте сите браќа и никого на земјата не викајте го свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата; и наставници немојте да се именувате зашто, еден е вашиот Наставник – Христос. Но поголемиот меѓу вас да ви биде слуга; зашто, кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по копно за да добиете еден последовател, и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас. Тешко вам, водачи слепи, кои велите: ‘Ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но ако се заколне некој во црковното злато, виновен е.’ Безумни и слепи! Што е поголемо, навистина: златото или црквата, која го осветува златото? Исто така велите: ‘Ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е’ Безумни и слепи! Што е, навистина, посвето: дарот или жртвеникот, што го осветува дарот? А кој се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сè што е врз него; и кој се заколне во црквата, се колне во неа и во Оној, Кој живее во неа; и кој се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној, што седи на него. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти давате десеток од нане, копра и кимин, а сте го оставиле најважното во Законот: праведноста, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате. Водачи слепи, вие комарецот го цедите, а камилата ја проголтувате. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ја чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда. Слепи фарисеју, очисти ја чашата и чинијата најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија; така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие. Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ѕидате гробници за пророците и ги украсувате спомениците на праведните, па велите: ‘Ако живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците’. А со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние, што ги убиле пророците. Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши. Змии и породи аспидини, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот? Затоа, ете, Јас праќам при вас пророци и мудреци и книжници; едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги биете по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град; за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел па до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот. Вистина, ви велам: сето тоа ќе падне врз овој род. Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои, како кокошка што ги собира пилињата свои под крилја, а вие не сакавте. Ете, ви се остава вашиот дом пуст. Оти, ви велам: нема да Ме видите отсега дури не кажете: »Благословен е Оној, Кој иде во името Господово!’“ (Мт. 22,41-23,39).

Коментар(1)

  1. Mizerija. Relativizatori na vistinata. Kako i da e obrabotuvate za drug “gazda”. Ke ovozmozi Hrista Raspnatiot i Voskresnatiot da se nadmine ovaa laga koja sto ja plasirate na makedonskiot narod osobeno ovaa cenzura.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *