Почетна Анализа МПЦ меѓу приоритетите на Вселенската патријаршија?
МПЦ меѓу приоритетите на Вселенската патријаршија?

МПЦ меѓу приоритетите на Вселенската патријаршија?

298
0

Македонското црковно прашање станува дел од приоритетите на Вселенската патријаршија и во периодот што следува треба да се очекуваат многу поконкретни чекори за решавање на овој повеќедецениски проблем во православието. Кон ваков заклучок, според познавачите на состојбите во православието, водат последните две информации во јавноста, кои коинцидираат во ист период. Првата е дека Вселенската патријаршија (ВП) испраќа делегација за разговори со црковен Белград, а втората е одговорот од архимандритот од Вселенската патријаршија на интервјуто на Јован Вранишковски, расчинетиот владика од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, дадено за српска „Политика“.
Верските аналитичари велат дека овие настани укажуваат на тоа дека вселенскиот патријарх не се откажал од решавање на прашањето за МПЦ, а особено е интересен коментарот на архимандритот на Вселенската патријаршија, со кој јасно се става до знаење дека Вселенската патријаршија не ги смета Вранишковски и неговата православна Охридска архиепископија (ПОА) за решение за црковното прашање во Македонија, нешто што СПЦ со години се обидува да го претстави пред православниот свет.

Експертот Бранко Ѓорѓевски вели дека сето ова недвосмислено значи дека Вселенската патријаршија не ги смета Вранишкоски и ПОА за решение на проблемот за автокефалноста на МПЦ.

– Посетата на делегацијата на Вселенската патријаршија на СПЦ е сигурен знак дека нашето црковно прашање, односно нашето барање упатено кон ВП, ќе добие некаков епилог. Делегацијата на ВП сигурно не оди во Белград да ги слушне веќе познатите ставови на СПЦ во однос на МПЦ. Тие ставови им се добро познати на цариградските митрополити и не би оделе таму да го слушнат истото тоа. Значи, ВП оди во Белград за да каже нешто ново од своја страна во однос на нашето црковно прашање. Тоа „ново“ сигурно нема да биде полошо по нас од состојбата што ја имаме сега. Се очекуваат позитивни поместувања во однос на статусот на МПЦ. Ако се случи спротивното, ќе значи губење на угледот на Вселенската патријаршија и на вселенскиот патријарх, а тој нема да го дозволи тоа – посочува Ѓорѓевски.
Според него, од друга страна, и ставот на архимандритот на Критската црква, Роман Анастасијадис, е охрабрувачки за МПЦ.

– Тој директно му кажа на Вранишковски дека направил „отпадништво од архијереите што го ракоположија“, дека „државата (нашата) сака да се ослободи од канџите на српската асимилаторска политика, која тој ја носи тука“. Ова се силни пораки, кои го покажуваат и односот на Вселенската патријаршија кон Вранишкоски и кон овој проект на СПЦ во нашата земја – вели верскиот аналитичар Ѓорѓевски.
Тој додава и дека ставот на критскиот архимандрит открива и една друга страна, дека постои еден прикриен, но голем и длабок, судир меѓу СПЦ и ВП во однос на улогата и позицијата на ВП.

– Јасно е дека СПЦ не сака зголемена улога на ВП и на патријархот Вартоломеј. Тоа предизвикува реакција на ВП, а тоа јасно се гледа од ставот на архимандритот, и мислам дека ова ќе биде основа за конфронтацијата меѓу ВП и СПЦ и во однос на нашето црковно прашање – додава Ѓорѓевски.

Пред два дена во српските медиуми излезе информацијата дека патријархот Вартоломеј следниот период ќе испрати делегација за разговор со српските владици. Оваа вест доби потврда и од Српската православна црква, како и дека логично би било на тие состаноци да се разговара и за статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Верските аналитичари оценуваат дека оваа есен може да се очекува некакво придвижување на работите за прашањето за МПЦ-ОА и дека Вселенската патријаршија, најверојатно, прво ќе се обиде да разговара со СПЦ за да го стави прашањето за автокефалноста на МПЦ-ОА на маса.

За сите цркви исти правила за автокефалност

Архимандритот Роман Анастасијадис, клирик на Критската црква, која е дел од Вселенската патријаршија, одговори на последното интервју на Јован Вранишковски, расчинетиот владика од МПЦ.
– Кога на Србија ѝ беше дадена автокефалија, но и патријаршиско достоинство, лично од Вселенската патријаршија и од никој друг, тогаш не беше неприфатливо тоа што вие го нарекувате „првенство по власт“? И зарем само на Србија? Но, секако, тоа беше во 20 век! Во овој 21 век еклисиологијата наеднаш се смени, и тоа сега, по двете Светски војни, поточно по случајот со Полска! Како поинаку да го објасниме ова? И уште колку пропаганда треба да трпиме? Колку? – посочи критскиот архимандрит.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *