Почетна Анализа МПЦ етапно воведува црковна димензија во народните празнувања за Божик
МПЦ етапно воведува црковна димензија во народните празнувања за Божик

МПЦ етапно воведува црковна димензија во народните празнувања за Божик

1.07K
0

Отворени цркви во ноќта во која ќе се пречекува световната Нова година, менување на коледарската песна „Kоледе леде“ со „Вечниот Бог“, се позачестени мислења дека не треба да се палат коледарски огнови по населбите… се промените што деновиве се случуваат во рамките на Македонската православна црква во пресрет на божикните празнувања, пишува дневниот весник „Дневник“

Во анализата на весникот се потенцира дека црквата, очигледно, како да се подготвува за се подиректно укажување на верниците дека големиот празник треба да се одбележува во духот на изворната христијанска традиција.

koledeПрва „жртва“ во тој поглед, сигурно, ќе биде традиционалната коледарска песна „Kоледе леде, паднало греде“, која на Бадник од рано изутрина ја пеат групи деца што ги обиколуваат домовите на луѓето што потоа ги даруваат со пари, ореви, бонбони… Наместо неа, ќе се форсира пеењето на старата бадниковата песна „Вечниот Бог“, која има длабоко религиозно значење. За таа цел во повеќе градови во земјава, како Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Радовиш, Kичево, Гостивар, Ресен итн. ќе бидат организирани повеќе колони со децата и свештеници кои ќе ја пеат оваа стара песна од византиски период. Тие ќе одат по главните градски улици, ќе посетуваат домови на граѓани при што верниците ќе можат да ги даруваат со подароци како и досега.

– Апсолутно ја поддржувам промената на оваа паганска песна, која ќе ја пеат деца-коледари. Kога ќе се погледне текстот на песната „Kоледе леде, паднало греде, утепало деде…“ ќе се види дека во неа воопшто нема религиозни елементи. Нема ништо од божикната атмосфера и исчекувања. Но таа песна се вгради во нашата традиција во периодите кога црквата немаше посебно место во општеството и стана незаобиколен дел од начинот на коледарски ритуали – ни изјави вчера отец Горан Стојчевски.

badnikovi-2Од друга страна, како дел од божикните празнувања се и коледарски огнови, кои, според обичаите, се палат најмногу во Скопје вечерта на 5 јануари. Иако во рамките на МПЦ постојат силни мислења дека и овие коледарски огнови се дел од паганската традиција и оти не треба повеќе да се палат, овој обичај и натаму опстојува. Проблем кај овие коледарски огнови е што на нив се пушта силна музика, која не е религиозна, што се точи греено вино и ракија, што неретко се разгоруваат скари… а што е неспојливо со периодот на божиќните пости.

Познатиот македонски теолог Јован Таковски е категоричен во тоа дека ваквите огнови воопшто не треба да се палат.

– Тоа се само пагански обичаи со кои Бадник се претвора во забава, а се прекинуваат постот и подготовката за празникот. Нема врска меѓу огнот и пештерата во која се родил Исус Христос. Бадник треба да се помине со молитвено бдеење во храмот. Не случајно во таа пригода се читаат најмногу молитви. Постот е неспојлив со пиењето ракија и грешка е ако некој мисли дека на тој начин ќе ги привлече луѓето кон Црквата – порача Таковски, кој додава дека свештениците не треба да се појавуваат на ваквите собирања.

Тој смета дека и самите општини не треба да ги стимулираат огновите со тоа што ќе подаруваат дрва за горење. Со тоа, покрај другото, дополнително се загадувал и така загадениот воздух во Скопје.

И отец Горан Стојчевски смета дека ваква традиција треба да згаснува.

– Тоа е обичај донесен прво во Скопје од нашиот северен сосед. Не гледам причина да се палат такви огнови и со тоа да се нарушува постот. Ако некому му е оправдување да се дружи со луѓето таа вечер, ајде тогаш да се дружиме во црквите. Вака, на тие огнови има многу народ, а утредента црквите ни се празни, нема луѓе што би дошле на литургијата – вели свештеникот од скопскиот соборен храм „Свети Kлимент Охридски“.

Пред неколку години и владиците Методиј и Наум станаа против ваквите божикни празнувања. Наспроти ова, владиката Тимотеј поддржува промена на коледарска песна, но е воздржан во однос на коледарските огнови.

– Овие огнови се делумно пагански, но тие се веќе вградени во народната традиција и фолклор. Јас не го менувам односот кон нив. Ако на луѓето им е ладно таа вечер, нека си палат оган за да се загреат. Не го забранувам тоа – вели владиката.

/ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *