Почетна Анализа Москва и Цариград се обединети во еднo – Црна Гора
Москва и Цариград се обединети во еднo – Црна Гора

Москва и Цариград се обединети во еднo – Црна Гора

348
3

Кога во јануари 2019 Вселенскиот Патријарх (ВП) им додели автокефалија на Украинците беше јасно дека ова ќе доведе до домино ефект низ останатите региони во светот каде се појавуваат слични црковни поделби но и аспирации за црковна независност. Ова посебно важи за балканскиот регион каде политичките елити во Црна Гора и Македонија водени по примерот на поранешниот украински претседател Петро Порошенко со зголемен интензитет работат кон постигнување на оваа цел, што пак  доведува до заострување на односите со Српската православна црква (СПЦ) чија канонска јурисдикција се протега во двете земји.

Црногорското политички раководство се одлучи да го поврзе прашањето за црковна независност со тоа за имотните права на религиозните заедници преку усвојувањето на контроверзниот закон за верски слободи на 27 декември 2019 според кој имотот на верските заедници изграден пред 1918 година ќе биде префрлен во државна сопственост доколку верската заедница која е засегната од ова не покаже соодветни докази за сопственост.  Усвојувањето на ваквиот закон иницираше големи протести во Црна Гора организирани од СПЦ според која овој закон е насочен токму против нивното функционирање во оваа земја.

Доколку се земат предвид неколкуте последователни изјави на црногорскиот претседател Ѓукановиќ кои одат во прилог на барање за црковна независност (види овде и овде) во СПЦ постои страв дека овој закон ќе им овозможи на црногорските власти далеку поголема моќ во црковните релации, а со тоа и минимизирање на позицијата на СПЦ во црногорското општество и пренос на дел од имотот на далеку помалата и непризната Црногорска православна црква (ЦПЦ), што пак би го зајакнало нејзиното барање за автокефалност. За поддржувачите на ЦПЦ усвојувањето на законот се смета за доста важен чекор кон таа цел.

СПЦ ужива висока поддршка низ Црна Гора каде впрочем и големо мнозинството од православните верници се припадници на оваа црква. По референдумот за независност во 2006 и прекинот на заедницата со Србија, властите во Црна Гора се одлучија да се ангажираат со зголемен интензитет околу идентитетски политики каде традиционално црквата игра значајна улога.

Ваквите напори беа евидентни во ноември 2018 со укинувањето на 100 години старата одлука од 1918 донесена од страна на “Подгоричкото собрание” со која Црна Гора влегува во состав на Србија. Актуелното црногорско раководство гледа на 1918 како година во која Црна Гора е насилно инкорпорирана во Србија односно своевиден чин на анексија и исчезнување на Црна Гора како држава но исто така и исчезнување на Црногорската православна црква за која властите во Подгорица и дел од академската јавност таму сметаат дека била автокефална и призната црква.

Актуелната Црногорска православна црква е оформена во 1993 година која за себе се смета за наследник на историската ЦПЦ. Во изминативе 25 години оваа црква имаше доста трнлив пат за да се етаблира во црногорското општество доколку се земе предвид доминантната позиција на СПЦ како и недоволната поддршка од страна на државните власти. СПЦ остро се противи на постоењето на ЦПЦ и во обид за дисквалификација ја нарекува “секта која е регистрирана во полициска станица”. И други доста значајни фигури во православието не се многу наклонети кон оваа верска организација, како што е примерот со Вселенскиот Патријарх кој во интервју за српскиот таблоид Курир во месец декември 2019, ја нарече ЦПЦ “лажна црква”. Поглаварот на оваа црква Мираш Дедеиќ попознат помеѓу верниците на ЦПЦ како Митрополит Михаило е расчинет и екскомунициран од Вселенската Патријаршија.

Единствената надворешна поддршка кон оваа црква доаѓаше од Украинската православна црква – Киевски патријархат (УПЦ-КП) на чело со Филарет кој и ја посети Црна Гора во 2010 година и сослужуваше заедно со Митрополитот Михаило. Преку соработката со УПЦ-КП  неколку свештени лица од ЦПЦ завршија богословски факултет во Киев. Меѓутоа, оваа меѓусебна поддршка дојде до прекин со формирањето на Православната Црква во Украина и оттргнување на Филарет од водечките позиции во оваа црква.

Внатрешната и надворешна изолација на ЦПЦ резултираше со низа предизвици во развојот и етаблирањето на оваа црква како на пример недостатокот на свештени лица, црковна инфраструктура, број на верници итн. Ова несомнено влијае негативно на перцепцијата која оваа црква ја има во црногорското општество.

Наспроти ова, СПЦ ужива висока поддршка и се наоѓа на врвот на институции со најголема доверба помеѓу граѓаните во Црна Гора. Со големиот број на верници, поддршка од страна на останатите локални цркви како и контактите со просрпските опозициони партии во Црна Гора, СПЦ се профилираше како силен политички актер во црногорското општество што често пати и резултира со судир со официјалните власти. Примерите се навистина бројни, а како позначајни би ги споменал противењето на СПЦ околу признавањето на независноста на Косово во 2008 или пак зачленувањето во НАТО во 2016.

Исто така забележлив е тренд на ескалирање на состојбите кои на прв поглед изгледаат доста локални по карактер, како што тоа беше случајот околу нелегално изградената крстилница на Превлака (Тиват) во пролетта 2019 што резултираше со повлекување на владините планови за физичко поместување на овој објект. Ваквиот летаргичен одговор од страна на официјалните власти многумина ги потсети на примерот со нелегалното поставување на монтажната црква со поддршка на армиските хеликоптери на планината Румија во 2005 година.  Преку ваквите активности СПЦ од себе направи силен опозиционен играч кој пркоси на владеењето на Мило Ѓукановиќ.

Очигледниот пораз околу поставената крстилница на Превлака не беше единствената препрека поставена од СПЦ. Во 2015 после низата негативни реакции и неуспешните јавни консултации кои прераснаа во инциденти оркестрирани од поддржувачите на СПЦ во Котор и Бело Поле, црногорските власти беа приморани да го повлечат нацрт законот за слобода на вероисповед кој имаше за цел да го замени тој од 1977 година.

Во сржта на оваа правно-политичка спрега помеѓу СПЦ и владата на Црна Гора се наоѓа мислењето на Венецијанската комисија чиј тим на експерти начелно имаше доста резерви кон првичното законско решение од 2015. После низата измени во пролетта 2019 црногорските власти по втор пат ја консултираа Венецијанската комисија по однос на новата верзија од предлог законот и по добивањето на зелено светло од ова советодавно тело беа одлучни дека законот мора да се усвои до крајот на 2019та.  Меѓутоа, најпроблематичните делови од законот за СПЦ, а тоа е можноста за национализација на имотот останаа и во новото законско решение. Заради ова СПЦ се одлучи да организира низа црковно-народни собири и литии низ Црна Гора кои пак резултираа со зголемување на тензиите со соседна Србија. За поголема масовност, СПЦ дури и ги донесе моштите на Свети Василије Острошки на собирот во Никшиќ на 21 декември 2019.

Регулирањето на имотните права иако на изглед e внатрешно прашање на Црна Гора доби на одзив во рамките на православието каде и впрочем може да се забележи силна поддршка на СПЦ кон ова прашање. Руската православна црква и Украинската православна црква – Московски Патријархат го поддржаа Митрополитот Амфилохије (СПЦ), а во исто време го искористија црногорскиот случај за да ги промовираат своите аргументи околу украинските црковни поделби. Двете цркви гледаат на развојот на настаните во Црна Гора како реприза од црковните случувања во Украина. За Митрополитот Онуфриј од УПЦ-МП она што се случува во Црна Гора е резултат на проблематичната улога на Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и неговите активности во Украина.

Додека УПЦ-МП се фокусира кон барање на виновникот, Вселенскиот Патријарх исто така застана цврсто во поддршка на СПЦ и интервенираше во дебатата околу спорниот закон уште во месец јуни 2019 кога и му испрати  писмо на црногорскиот претседател Ѓукановиќ. Во преписката Вартоломеј стои цврсто на тоа дека единствена канонска јурисдикција во Црна Гора за ВП и севкупното православие е СПЦ предводена од Митрополитот Амфилохије и дека Црногорската православна црква никогаш не била автокефална. Што се однесува пак до поглаварот на ЦПЦ, Михаило, според ВП тој не припаѓа на православната црква.

Поддршка за СПЦ исто така дојде и од Ерусалимскиот Патријарх Теофилос III, а Руската православна црква ги повика црквите од соседството мислејќи тука на Албанската, Бугарската, Романската и Грчката православна црква исто така да заземат став и да излезат со поддршка на СПЦ во Црна Гора.

По се изгледа развојот на настаните во Црна Гора успеа да ги доближи Москва и Цариград во поддршката која овие два центри ја даваат на СПЦ. Со усвојувањето на законот за слобода на вероисповед Ѓукановиќ на краток рок несомнено ќе ги придобие симпатиите на приврзаниците на ЦПЦ но неговите планови за независна Црногорска православна црква со оглед на реакциите од надвор би застанале тука.

Пишува: Андреја Богдановски (докторанд на Универзитетот во Бакингем, Велика Британија каде истражува и работи на црковна политика во Православната Црква)

Текстот е оригинално објавен на англиски јазик во Orthodoxy in Dialogue

https://orthodoxyindialogue.com/2020/01/08/one-thing-unites-constantinople-and-moscow-montenegro-by-andreja-bogdanovski/?fbclid=IwAR3g4AUGVikSMo5brdctQAbSHjHghHKwPbm-VvIq89o8yar1xkCI0v2jkrw

Коментар(3)

  1. Ви у Македонији ни у ком случају не треба да се угледате на тзв. “ЦПЦ”. То је једна дружина бивших попова које плаћа мафија. Како Васељенски патријарх рече Мираш Дедеић није чак ни члан Цркве. Ваша МПЦ је основана сагласно канонима ,чак је једно време била аутономна Црква призната у целом Православном свету и регулисање њеног статуса је чисто ствар процедуре ,зато немојте да се поредите са оном бандом са Цетиња.

  2. Почитуван г. Слободан, изгледа забораваш дека Охридската Црква од која како нејзин продолжеток е МПЦ беше автокефална, исто како што СПЦ е продолжеток на Пеќката патријаршија, инаку Пеќката архиепископија се одвои од Охридската Архиепископија под чија канонска јурисдикција се наоѓаше, се додека св. Сава со помош на Вселенскиот патријарх и византискиот император Теодор 2 Ласкарис, чија ќерка му беше жена на Стефан Првовенчани, а св. Сава стана прв српски архиепископ, значи политика, а не канони, потоа во 1766 год. бидејќи пеќката патријаршија не можеше да ги плати долговите кон Турската власт, долгот го плати охридската автокефална црква, а потоа и охридската падна под јурисдикција на вселенската патријаршија, фактички двете цркви својата автокефалија ја изгубија заради апетитите на вселнската како што го прави истото и денес. А во 1918 год. кралството СХС ја откупи својата автокефалност плаќајќи ги долговите,тогаш ги плати и долговите на епархиите на Охридската Архиепископија и ги присвои за себе, што значи пак политика, а не канони. А да не ви објаснувам како пеќката архиепископија стана патријаршија па за тој чин беше анатемисана од страна на ВП, а бидејќи со доаѓањето на турците бараше од кнезот Лазар помош во војска, овој ја искористи ситуацијата за возврат да биде симната анатемата од цар Душан и од патријархот Јоаникие 2, пак политика, а не канони. Инаку ова што го напишав го пишува во историјата на СПЦ од проф. протоереј-ставрофор Милан Кашиќ

  3. Нисам ништа заборавио. Све што сте рекли је тако. Велика је неправда укидање Охридске архиепископије 1767. Сви смо ми поносни на Охридску архиепископију ,јер смо од ње и научили шта је Православље. Ово што сам рекао сам мислио на период 1959-1967 када је МПЦ била аутономна Црква. Наравно да мислим да Охридској архиепископији треба вратити аутокефалност и надамо се сви да ће то ускоро се и десити.

Напиши одговор на Слободан Cancel reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *