„Успокојувањето“, рекол еднаш Винстон Черчил, „значи да го храниш крокодилот, со надеж дека ќе те изеде последен“. Токму овој пристап на успокојување и отстапка го примениле православните претстојатели кон црковните амбиции на Московската патријаршија.
Додека доделувањето автокефалност или статус на самоуправа на Православната црква во Украина (ПЦУ) од страна на Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија во 2019 г. ги објави внатрешните православни тензии во јавноста, основната причина за денешното растечко неединство постои со децении.
Опсесивниот етнофилетизам на Москва и промовирањето на нејзината агенда за „Рускиот свет“ беа тивко признати, но главно игнорирани во име на мирот. Сепак, неодамнешната агресија на Москва бара широк и решителен одговор од православните јерарси. Неуспехот да се справи со експанзионизмот на Московската патријаршија само ќе го поттикне нејзиното уште поагресивно однесување во иднина.
На 29 декември 2021 година, владејачкиот синод во Москва усвои резолуција за основање егзархија во Африка на неспорната канонска територија на древната Александриска патријаршија – втора по ред по Константинопол од петнаесетте локални православни цркви (Москва е петта).
Оваа одмаздничка акција има за цел да ги казни Александрија и нејзиниот поглавар, патријархот Теодор, заедно со неговото свештенство и паства, за одлуката од ноември 2019 година со која официјално ја призна ПЦУ и го спомна името на нејзиниот поглавар митрополитот Киевски и цела Украина, г. Епифаниј.
Овој конкретен случај на посегнување на руската црква, за кој има многу други примери, уследи по двегодишни неуспешни обиди да се натераат патријархот Теодор и неговите архиереи да ја поништат својата одлука за Украина. Покрај одмаздата, присуството на Москва во Африка ќе ѝ служи на нејзината стратешка цел на најмалку два начина.
Прво, го привлекува вниманието на другите локални цркви, но особено на поранливите, како што е древната Ерусалимска патријаршија, која, можеби, размислува да ја признае ПЦУ. Второ, прекинот на општење со оние кои ја признаваат ПЦУ, како што е Александрија, ѝ дава на Москва изговор да воспостави официјално присуство надвор од нејзината традиционална сфера на влијание.
По доделувањето на автокефалноста на ПЦУ од страна Константинопол во јануари 2019 година, Москва, на пример, забрзано се придвижи уште следниот месец да формира голем број епархии во Југоисточна Азија. Неодамна, руските говорници ја отворија вратата за воспоставување на црковно присуство во Турција, во пазувите на Вселенската патријаршија.
Во исто време кога Москва ги прошири своите црковни стапки, таа, исто така, прекина општење и започна војна со дезинформации насочена конкретно кон Константинопол и кон вселенскиот патријарх Вартоломеј. Една тактика што ја користи Москва, а особено Иларион, рускиот митрополит задолжен за надворешни односи, е да се фокусира на популарните веб-страници за црковни вести на грчки јазик, за да предизвика поделби и на тој начин да се ослабне православниот свет што зборува главно грчки.
Овој пристап не е нов: по обидот за државен удар во Турција во 2016 година, на пример, беа измислени и објавени написи на веб-страници поврзани со Русија, кои ја „разубавуваат“ врската на патријархот Вартоломеј со Фетулах Ѓулен, на кого турскиот претседател му го припиша пучот – сè со цел зголемување на непријателството кон Патријаршијата .
Сега намерниот комуникациски спин на Русија е да ја поврзе одлуката на Константинопол за ПЦУ со американскиот Стејт Департмент, или да ја прикаже како трик на ЦИА за уништување на Православието. Минатиот месец рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, го обвини патријархот Вартоломеј за заговор со американската влада за „закопување на влијанието на Православието во современиот свет“.
Мултилатералната и одржлива политичко-црковна унија на Русија за промовирање на промосковскиот наратив, исто така, не е нова. Новото, сепак, е дрскоста на нејзините постапки и смелоста на нејзината реторика – Иларион јавно призна дека Москва ги уценува и заплашува локалните цркви, за да обезбеди поддршка или барем неутрална позиција, особено во однос на Украина.
Од своја страна, Константинопол продолжува да го проповеда единството и важноста на придржувањето кон Вселенските собори и нивните соодветни канони. Значајно е тоа што патријархот Вартоломеј сè уште го споменува името на својот руски колега за време на црковните богослужби, а ниту тој, ниту неговите архиереи не реагираат на запаливата реторика на Иларион и на другите руски клирици.
Има некои кои сега предлагаат да се свика Сеправославен собор, за да се реши украинското прашање. Меѓутоа, оваа наводна одлука го игнорира историскиот прерогатив на Константинопол да дава автокефалност, како што беше случајот со речиси сите древни помесни цркви. Таквото нешто, исто така, убедливо го игнорира фактот дека најголемата пречка за сеправославната соработка е самата Московска патријаршија.
Најновиот пример за неподготвеноста на Москва да соработува се нејзините обиди да го саботира Светиот и Голем Собор од 2016 година. И покрај бројните отстапки од Константинопол, вклучително и преместувањето на Соборот од Турција на Крит, отстранувањето на точките од дневниот ред што не им се допаѓаа на Русите и ограничувањето на закажаното време за дискусија, Москва, сепак, одби да учествува „во единаесеттиот час“ (во последен момент).
Крајно време е православните водачи да размислат како да се справат и да ги спречат идните измамнички дејанија од страна на Русија кои имаат за цел „да го нарушат канонскиот поредок на Црквата“, како што тоа го опиша Митрополитот од Александрија, Неговото Високопреосвештенство г. Григориј Камерунски.
Најочигледно, најразумно и најправилно е официјалното признавање на ПЦУ и митрополитот Епифаниј. Освен Александрија, тоа веќе го направија и помесните цркви на Грција и Кипар. Доколку другите претстојатели и нивните синоди го сторат истото, Москва прво ќе мора да го преиспита својот пристап, за да не се најде во изолација од речиси сите други помесни цркви. Колку подолго им е потребно на другите цркви да ја препознаат ПЦУ, толку поголема штета ќе биде направена, а навлезените структури, како на пример во Африка, ќе биде потешко да бидат одвратени.
Молкот од страна на водачите на Православието ќе ги поттикне голите црковни амбиции на Москва. Без одлучна коалиција меѓу архиереите, неканонските акции и експанзионизмот на Москва дополнително ќе го поткопаат единството на Црквата. Создавањето егзархија во Африка не е само директна закана за Александрија. Руската акција е закана за сите други помесни цркви, кои или сега, или еден ден наскоро, неизбежно ќе се соочат со непријателски дејствија кога интересите на Москва не се во согласност со нивните (како што е Грузиската црква, која се соочува со постојаните канонски упади на руското свештенство).
Православните поглавари ќе треба да се запрашаат уште колку време ќе потрошат за хранење на крокодилот и што ќе прават кога ќе дојде време самите тие да бидат консумирани од него.
Пишува: Евангелос Сотиропулос
