Почетна Репортажа Молитвите во Бигорски, Димитар Андоновски за чудотворната икона на Св. Јован Крстител
Молитвите во Бигорски, Димитар Андоновски за чудотворната икона на Св. Јован Крстител

Молитвите во Бигорски, Димитар Андоновски за чудотворната икона на Св. Јован Крстител

1.70K
0

Благодарение на отецот Партениј, кој му е духовен водач, музичарот и пејач Димитар Андоновски, длабински ја запознал верата и го пронашол вистинскиот Бог во своето срце. Се променил, созреал како личност и станал подобар човек.

*Кога првпат го посети Бигорскиот манастир и каков впечаток ти остави?

-Мојата првата посета во манстирите Св.Јован Крстител-Бигорски“ и Св.Георгиј во Рајчица беше случајна, по иницијатива на мојот драг колега Ламбе Алабаковски. Тој често беше присутен таму. Речиси секој викенд преноќуваше во Бигорскиот манастир. На почеток ми беше малку чудно и често се прашував себеси, што е тоа што толку силно го влече токму за Бигорскиот манастир. Дали тоа е поради светињата, убавината на манастирот, љубовта на монасите кон мирјаните. Или поради отецот Партениј, кој тогаш го знаев само по неговите дела и мисија и од раскажувањата на луѓето. И така, на ден Крстовден 2011 година се одлучив да тргнам со Ламбе на манастирската слава во манастирот Св.Георгиј во Рајчица. На тој ден за прв пат се запознав и со отецот Партениј кој не покани да останеме на вечерно бдение за празникот. Така започна се. После ова бдение се разгори уште посилно желбата кон Бог. Кога се вратив дома, цела недела бев под преголема импресија и восхит. Со возбуда им раскажував на луѓето за манастирот, за благодетта што ја доживеав, за отецот и за сè што ми се случи таму. Тоа и беше пресудно и да продолжам да го посетувам Бигорски и манастирите. Денес Бигорскиот манастир е мојот втор дом, отецот е мојот духовен Татко, а братството и сестринството се мојата фамилија.

Чуда се случуваат во манастирот

*Кој беше мотивот да се приврзеш толку? Имаше ли можеби некој здрастевн проблем?

-Мисијата на манастирот е да им помага на сите луѓе, но посебно на оние кои се борат и бараат спас од пороците на денешницата. Знаете дека манастирот брои многу штитеници кои и денес успешно се лекуваат и се враќаат во светот како целосно променети и нови личности, благодарение на Бог, на благодетта на самиот светец Св.Јован Крстител, како и на љубовта и пожртвуваноста на отецот Партениј. Мојата причина беше од поинаков аспект, иако многумина мислеа дека и имам некаков проблем со кој се борам, па барам спас таму. Слушав многу приказни за себе, но ништо од тоа не допре до мене. Единствено љубовта кон Бог беше најголемата причина за подвизувањето во манастирот. Благодарение на отецот Партениј длабински си ја запознав верата, го пронајдов вистински Бог во своето срце. Буквално се променив, созреав како личност и карактер, станав подобар човек. Од денешна перспектива сметам дека Бог ме благословил што имам можност да сум дел од фамилијата на Бигорски и што баш отецот Партиниј е мојот духовен водач. Не сакам ни да замислам каков би ми бил животот доколку не сум ги запознал баш тие луѓе и да не сум го посетувал манастирот. Бигорски, отецот Партениј и братството станаа нераскинлив дел од мене и имаат посебно место во моето срце и мојот живот.

 

*Познаваш ли луѓе кои нашле решение за својот здраствен проблем?

– Многу луѓе се исцелуваат благодарение на светињата. Познавам многумина меѓу кои и мои блиски луѓе кои многу години не можеа да имаат деца, па по молитвите на отецот добија пород. Познавам и многумина кои се излекувале од разни болести, депресии, пороци. Дури и луѓе од други вери барале и наоѓале помош од моќта на чудотворната икона на Св Јован Крстител. Господ Бог и прекрасниот Христос дефинитивно го благословиле манастирот. Не е случајно што години наназад чуда се случуваат во манастирот. Најголемо од сите чуда е впрочем и самата Благодетна икона на Св.Јован. Затоа монасите кои живееле тука во XIX век, на оковот од иконата, како сведоштво, додале и трета рака, во спомен на чудата што Крстителот ги прави преку неа.

*Легендите говорат и за многу други чуда?

-Едно од чудата е и самиот начин, на кој иконата му се открила на ктиторот. Таа, според преданието на манастирот, едноставно лебдела во воздухот над изворот со вода, на чие место денес се наоѓаат трите чешми под црквата. Чудо било и нејзиното исчезнување во немирните и тешки времиња, низ кои минувал манастирот. Благодетта, што иконата ја носела во себе, ја чувала од погибел и не дозволила таа да биде уништена, во неколкукратното пустошење на манастирот. Таа секогаш одново се појавувала, сведочејќи за вечно-живиот дух на манастирот, кој повторно се раѓал, како феникс, од своите урнатини. Така, уште од самиот почеток, иконата не престанала да чудотвори. Неизбројано мноштво намерници, кои пред неа застанале со вера и од срце го помолиле Крстителот, биле услишани, исцелени од болести, утешени. Претечата, преку својата икона, им доаѓал на помош на сите: стари и млади, болни и здрави, православни и иноверци. Годинава Бигорскиот манастир го славеше својот голем љубилеј – 1000 години од своето постоење. 1000 години духовност, историја , просвета, родољубие, преродба и светост. 1000 години плодотворна почна за духовно наситување и успокојување на душите обременети од гревот и светот.

Отец Партениј и сестра Касијана имаат посебно место во моето срце

Целиот текст на овој ЛИНК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *