Молебен на гробот на Свети Кирил во Рим

Date:

Share post:

Државно – црковна делегација предводена од претседателката Гордана Силјановска – Давкова денеска во базиликата „Сан Клементе“ во Рим присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил по повод чествувањето на 24 мај – Денот на сесловенските просветители.

Со молебенот, како што јави известувачот на МИА, чиноначалствуваа митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф и епископот Стобиски Јаков, во придружба на повеќе свештенослужители.

– Еве нè пак и оваа година тука во вечниот град Рим, токму во пресрет на празникот посветен на светите рамноапостолни солунски браќа Кирил и Методиј, за овде, од гробот на светиот Кирил, да им оддадеме почит и благодарност за нивното свето дело и молитвено како што доликува да го прославиме нивниот спомен. Денес, повторно сме сведоци дека паметта за нив ги помина границите на вековите, бидејќи ниту еден огромен временски период од преку 1156 години не е во состојба да го намали епохалното значење на нивниот придонес за сесловенската култура, рече митрополитот Јосиф.

Тој додаде дека случајот со солунските браќа е сосема спротивен – колку повеќе време одминува, толку појасно, позабележливо се оцртува големината на нивното дело кое македонскиот народ заедно со останатите словенски народи, но и со сите христијански народи го почитува како вечна придобивка и се сеќава на него со посебен пиетет.

Посочи дека неговото денешно слово пред сѐ ја одразува македонската благодарност кон светиот Кирил Солунски кој ја создаде првата словенска азбука – глаголицата и го внесе словенскиот јазик во црковна употреба, да ги просветли словенските земји и да извојува победа над тријазичните еретици, силно бранејќи го правото на еднаквост и можноста сите народи и луѓе да дојдат до познание на верата.

На свечениот чин во базиликата, јави известувачот на МИА, присуствуваа и министерот за култура Зоран Љутков, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и претставникот на Католичката црква протојереј ставрофор отец Зоран Стојанов.

Поклонението на гробот на Свети Кирил во Рим е централниот настан во чествувањето на Денот на просветителите Кирил и Методиј. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

Традиционално, 24 Мај беше ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Македонија.

Македонската делегација, предводена од претседателката Силјановска – Давкова, утре ќе ја посети базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде што ќе положи венец на спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј и ќе го посети гробот на папата Франциск.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img