Почетна Анализа Мојаноски: Модерното општество подразбира плурализам на организирање
Мојаноски: Модерното општество подразбира плурализам на организирање

Мојаноски: Модерното општество подразбира плурализам на организирање

106
0

Универзитетскиот професор  и поранешен претседател на Комисијата за односи со верски заедници,  Цане Мојаноски за Фактор вели дека модерното општество подразбира плурализам на организирање и дејствување. Македонија според него е модерна држава во која владее плурализам во објаснувањето на светот и начинот на кој ќе се изразува посебноста и припадноста кон одделни групи, верувања или идеологии. Толерантноста кон разликите  смета дека е израз на модерниот плурален човек.

-Ако организаторите се здружение, согласно позитивните прописи, тоа остварува интереси на неговите членови и асоцијации. За тоа, дали училиштето како институција е фактор или не, за тоа треба да одговори Министерката за образование. Дали тие и кадровските состави што ги водат училиштата се координирани или не незнам. Организирањето на верски прослави и манифестации не му припаѓа на овие институции. Но, ако тоа го чинеле родителите самостојно или во содејство со други здруженија, па и со црквата како дел од цивилното општество тогаш критиките немаат посериозно значење”- вели професорот Мојаноски.

Според професорот градоначалницте кој ја поддржаа манифестацијата треба да се обидуваат да ги артикулираат интересите на граѓаните и да дејствуваат во рамките на законот.

-Во општините имате нови градоначалници. Тие не се и не треба да се однесуваат како партиски комесари. Се изнагледавме такви персони. Тие треба да се обидуваат да ги артикулираат интересите на граѓаните и да дејствуваат во рамките на законот. Ништо повеќе и ништо помалку. Ако така се однесувале градоначалниците тогаш треба да им се честита. Ако се набљудува од овој  аспект, тогаш може да се воочи дека црквата како верска институција постанува субјект кој е во состојба да мобилизира определен дел од населението за сопствени цели. Дали тоа, нам, ни се допаѓа или не, факт е. Се надевам дека при тоа организаторите ги почитуваат сите стандарди за вклучувањето на децата во јавниот, овој пат и во религиозниот простор. Тоа исто важи и за родителите. Тие се субјектите кои ја носат одговорноста за децата (од училишна возраст) за нив. Во такви услови дебатите се прашање на идеолошките, политичките и човечките разлики”- додава универзитетскиот професор.

Секуларните општества како што вели се разликуваат по односот на религијата и политиката. Историјата, но и современата практика познава различни модели на односи меѓу државата и црквата.

-Кога се зборува за радикален секуларизам (Франција), се исклучува секое мешање на политичката власт во внатрешните работи на Црквата, но и на било какво влијание на Црквата на јавниот простор. Нешто поинаква е ситуацијата во САД, каде е прогласено одвојувањето на Црквата од државата и се гарантира немешање на државата во религијата и слобода во практикувањето на верата, иако, таа, во Уставот се повикува на Бог, како заедничка точка на сите религии. Третиот модел е оној на Турција. Во нејзиниот Устав се наведува дека исламот е државна религија, прогласена е слобода на совеста и вероисповедта, но политичките власти не се мешаат во религијата и можат да пропишуваат правила кои се однесуваат на религијата”- вели професорот Мојаноски.

Глобализацијата вели е светски, планетарен процес. Секуларизацијата  заедно со модернизацијата ја следи глобализацијата. Тој процес на глобализација е испреплетен со висок степен на секуларност на општествата, а во него може да се идентификува и еден интензивен процес на диригирана секуларизација, која има идеолошки карактер.

“Според Боберо, француски професор по социологија на религијата, апсолутен лаицизам никаде не постои, туку станува збор за елементи за и против. Ако за пример се земат Соединетите американски држави, во кои одвојувањето на црквата од државата е на сила што е основа за групирање на оваа земја во групата на лаички земји, но, нивниот лаицизам се смета за ограничен затоа што атеизмот во оваа земја тешко се прифаќа, односно не е на цена. Според него атеист може полесно да владее во Канада каде е афирмиран канадскиот механизам на „разумно прилагодувавање” како инструмент за воспоставување на еднаквост меѓу малцинските барања, кои немаат тешки последици по институциите и не ги загрозуваат туѓите права. Чарлс Тејлор смета дека има три нивоа на секуларност: а) секуларизиран јавен простор, б) опаѓањето на верничката практика и в) како процес кој трае. Првото ниво на секуларност е објективната даденост. Тоа што се случува. Второто ниво на секуларност е опаѓањето на верничката практика, односно кризата на верата и религиската практика. Третото ниво на секуларност е во процес на настанување.Според пишувањето на Дарко Танасковиќ, кардиналот Франце Род, смета дека на „секуларизмот му е иманентна и атеистичката идеологија затворена за трансцендентните и за религиските вредности“. Значи, постои потреба на еден определен ниво, јасно и прецизно да се спогоди, дефинира и утврди токму тој опозитен терминолошки „пар на двојки“, како што се лаичност – лаицизам, а од друга страна секуларност – секуларизам, за да може сите можни замаглувања кои произлегуваат од поимно-терминолошкиот тип, да се отстранат и да се понудат во онаа форма на дебата која доаѓа до израз општествениот интерес и одговорност.

За што станува збор? Што е суштинскиот проблем? Глобализацијата е светски, планетарен процес. Секуларизација, заедно со модернизацијата ја следи глобализацијата. Тој процес на глобализација е испреплетен со висок степен на секуларност на општествата, а во него може да се идентификува и еден интензивен процес на диригирана секуларизација, која како објаснува Танасковиќ, има идеолошки карактер. Затоа, денес не може да се зборува дека црковниот конзервативизам, верскиот фундаментализам или некој реликт од комунистичкиот антитеизам се главните препреки и главни проблеми, не само заради фактот дека ниту црквите, ниту комунистите се носители на процесот на глобализацијата. Тоа не значи дека од анализата ги исклучуваме облиците, а понекогаш и интензитетот на дејствување на црковниот конзервативизам и верскиот фундаментализам и по некој реликт од комунистичкиот антитеизам. Но, тие не се суштината на проблемот. Причината треба да се бара во идеолошката исклучивост и неподготвеноста да се прифати вистинскиот плурализам, како рамноправно уважување и почитување на различностите и издигање над нивото на толеранција”- објаснува професорот Мојаноски.

За вклученоста на децата во активности што се организирани надвор од училиштето и во време на училишен распуст одговорноста е на родителите, на верниците и атеистите, вели професот Мојановски за Фактор.

-Родителите атеисти треба да имаат одговор на тоа  прашање. Државата и општествената структура треба да создава услови во институциите што таа ги финансира да се обезбеди примена на стандардите, а не во вкупниот живот на граѓаните. Овде треба да се подвлече обврската во секојдневната работа, секој од нас, како поединци и институции, овде и насекаде треба да ги извршува своите задачи во рамките определени со законот. Ништо повеќе и ништо помалку. Државните органи тоа што им е определено како функција, црквата и верските заедници тоа што е нивна функција. Но, државните органи, пред се, се грижат за остварување на слободите и правата, значи и на слободата на вероисповедание и на слободата на несметано движење. Тие не треба да имаат пристрасен или двоен аршин. Ако, граѓаните и нивните асоцијации имаат потреба од остварување на определени права, овој државен орган, согласно законските овластувања е должен да постапува, без разлика дал тоа нам, од овие, или оние причини ни се допаѓа или не”- потенцира професор Мојаноски.

Легитимно право  на било кое здружение  вели  е да ги афирмира своите цели. Но, легитимно право е и на другите субјекти, во духот на плурализмот и толеранцијата да имаат простор да ги определат постапките и дејствувањата.

-За тоа дали градоначалниците направиле вистински избор или не ќе одлучат граѓаните на изборите. Тие се мерилото за постапките, за политичката одговорност на носителите на јавни политички функции. Се надевам дека градоначалниците постапувале во рамките на правата и обврските определени со законите и дека тие се водат од таа логика, а не од логиката на било кое здружение, без разлика какви идеи, цели или политики застапува. Треба да се има предвид дека здруженијата, во крајна истанца штитат определени интереси, но не и сите интереси. Тие ги имаат истите права и обврски како што ги имаат и останатите. Исклучивоста е непотребна”- нагласува поранешниот претседател на Комисијата за односи со верски заедници.

Државната политика како што вели мора да го почитува плуралитетот на идеите и мислењата. За државата плуралниот пристап е значаен, за неа атеизмот и теизмот се дел на ориентациите на граѓаните и таа треба тоа да го почитува.

-Државната политика не е партиска. Партиската политика може да определува концепти и динамика, но скраја да е  партиската да е и државна политика. Државната политика мора да го почитува плуралитетот на идеите и мислењата. За државата плуралниот пристап е значаен, за неа атеизмот и теизмот се дел на ориентациите на граѓаните и таа треба тоа да го почитува. Во современото општество атеистите немаат поголеми права од теистите и обратно. Таа треба да е независен судија. Ако државен орган ги пречекорил овластувањата, ако политичката контрола не е доволна да го врати во законските рамки, логично е да се бара судска заштита, како најобјективна. Се друго е обид да се глуми „модерност“, која нејчесто е во скриена или јавна форма подразбира исклучивост, проследена со сатанизација и медиумска манипулација. Модерното општество е плурално и во него право и простор на остварување имаат пристапите кои се во согласност со концептот на слободата на избор и на слободите и правата на граѓаните како дејствени субјекти. Се друго е политички фолкор”- порачува универзитетскиот професор.

/Фактор.мк

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *