Почетна Проповеди Многу подвижници на почетокот извојувале некоја победа, но, крајот не го запечатиле победително
Многу подвижници на почетокот извојувале некоја победа, но, крајот не го запечатиле победително

Многу подвижници на почетокот извојувале некоја победа, но, крајот не го запечатиле победително

269
0

Митрополит Тимотеј, на Св. Климент Охридски, Манастир „Св. Климент и Пантелејмон” – Плаошник

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Црква го прославува св. Климент, Охридскиот Чудотворец. Тој е патронот на нашата света црква, на нашите просветни институции и заштитникот на Охрид. Иако се поминати веќе 11 столетија откако овој блажен и свет човек се пресели од оваа долина на плачот во царството небесно, неговиот дух и неговата молитва е присутна кај нашиот народ во катадневниот живот. Како што им помагал на луѓето додека престојувал во овој свет и век, сега, од небесната црква, е уште посилен заштитник и помагач на секоја христијанска душа, која со искрена вера и надеж му се обраќа и бара негово содејство пред Господа Христа.

Промислата Божја кога го создава човекот, го создава по Свој образ и подобие. „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие… И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде” (1. Мојс. 1, 26 – 27). Нашите прародители Адам и Ева општеле директно со Бога. Поради нивната непослушност, ќе бидат изгонети од рајот и со мака ќе ја заработуваат својата егзистенција. Но, Семилостивиот Бог, од љубов кон човечкиот род, Го испраќа Второто лице од Светата Троица, Господа Христа. Ќе се роди од света Дева Марија и ќе биде сличен со нас во сè, освен во гревот. Преку Неговата искупителна жртва, ни се дава можност повторно да ја воспоставиме изгубената врска помеѓу Бог и човекот. Можност, повторно да ја воспоставиме рајската убавина.

Секој христијанин е повикан да се угледа на својот Праобраз, односно, на Господа Исуса Христа. Тоа ќе може да го оствари само со голем труд, подвиг, духовно плачење, покајание за своите престапи и гревови, и молитва, преку која Божјата благодат ќе го поткрепува и ќе го засилува. Помогнат од Божјата благодат ќе може таа духовна борба да ја извојува и да се уподоби на својот Господ. Ние, кога сме создадени, едно ни е дадено, а друго зададено. Даден ни е образот а подобието ни е зададено. Дека тоа е можно да се оствари, ни посведочуваат многубројните Божји угодници. „Дивен Бог во свјатих своих” (Пс. 67, 35). Св. Климент ја остварил оваа христијанска цел. Не само што го добил образот, туку, го остварил и подобието, па затоа, тој е силен и моќен во редот на Божјите угодници. Затоа, тој може на сите, кои со вера му се обраќаме да ни помага, па и ние да можеме да ги совладуваме сите препреки кои не демнат во нашиот секојдневен живот.

Човекот е психофизичко битие, односно, создаден од тело и душа. Овие две состојби, кои истовремено постојат кај човекот, не секогаш се во согласност, туку, напротив си противречат. Телото тежнее кон земното, гревовното, материјалното, пропадливото и кон сè она што нè оддалечува од Бога и од Неговите свети заповеди, односно, нè оддалечува од Неговата волја. Додека пак душата тежнее кон небесното, духовното, светото, тежнее кон Бога. Телесното се грижи да обезбеди овоземни блага за подобар живот, стандард, комодитет, комфор, но сето тоа е времено, додека, пак, душата тежнее да оствари светост, односно, да го стекне подобието, а преку тоа, да стекне вечност, односно вечно блаженство.

Независно од силата и од големината на нашата вера и определба, како христијани, ние сме во постојана духовна борба помеѓу доброто и злото, помеѓу добродетелите и гревовите. Но, венец на победа нема да добие оној што таа борба ќе ја започне со некоја победа, туку, оној што ќе го заврши својот живот како победител над злото и ќе се одлепи од временото, телесното и ќе се придружи кон возвишеното, светото и Божјото. За тоа имаме многу примери од житејната литература. Многу подвижници на почетокот извојувале некоја победа, но, крајот не го запечатиле победително. Биле поразени од нечестивиот, а преку тоа и не завршиле како Божји угодници и победоносци. Други, пак, угодници, почетокот им бил со големи падови, но крајот им бил победоносен, овенчувајќи се со слава во царството небесно.

И ние да се угледаме на овие Божји угодници, и да не потклекнуваме на првите падови, туку, да истраеме во таа духовна борба како вистински чеда на Црквата. Само тогаш може да се надеваме на милоста Божја, остварувајќи ја зададената цел – подобието.

Да се обратиме со искрена молитва кон св. Климент. Тој да биде наш помошник и заштитник во нашата духовна борба. Поткрепени со Божјата милост и благодат да можеме да ги изговориме зборовите на св. ап. Павле „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив” (2. Тим. 4, 7). Амин!

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *