Mитрополитот на Имврос и Тенедос, Кирил од Вселенската патријаршија ќе биде повторно гостин на МПЦ-ОА. Бигорскиот манастир објави дека в недела на 16 ноември заедно со епскопот Антаниски, Партениј ќе сослужуваат празникот на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во манастирот во Рајчица.
Сослужувањето е со благослов на надлежниот Дебарско-кичевски Митрополит Георгиј, кој го носи и името на големиот светител.
-Во сабота, на 15 ноември, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отслужено празнично бдение со Повечерие, Вечерна, Утрена и Први час. Следниот ден, недела, 16 ноември, од 08:30 часот, ќе започне Божествената архиерејска Литургија, на која ќе чиноначалствува Неговото високопреосвештенство митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, во сослужение со Старецот на Бигорската обител, Неговото преосвештенство епископот Антаниски, г. Партениј. Сослужението ќе се изврши со благослов на надлежниот архиереј, Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски, г. Георгиј. Од Бигорскиот манастир упатуваат молитви и благослови, со желба за заштита и застапништво од свети Георгиј Победоносец за сите верници, стои во сооптението од Бигорски.

