Почетна Вера МПЦ-ОА Масовна посетеност на Струшката литија
Масовна посетеност на Струшката литија

Масовна посетеност на Струшката литија

124
0

Голем број верници, од земјава, но и странство попладнево излегоа на струшките улици да им оддадат почит на моштите на Свети Георгиј Победоносец. Поставени на раскошно украсен епитаф, во торжествена церемонија, носени од двајца угледни стружани, еден жител на Скопје и еден охриѓанец, традиционално по 10-ти пат градот беше осветен со моштите на светителот.

Молитвената поворка со моштите на Свети Георгиј, донесени од истоимениот манастир во Рајчица, чудотворните икони на светителот и Пресвета Богородица – Крнинска од манастирот Пречиста кај Кичево, по вечерната богослужба со која чиноначалствуваше митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, во сослужение на Преспанско-пелагонсикиот митрополит Петар, тргна од црквата Свети Георгиј, се движеше низ улиците во централното градско подрачје, помина од другата страна на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и заврши повторно во храмот на светителот.

Струшката литија, како што нагласи сестра Ефимија од манастирот во Рајчица, ги обединува различните народи и култури, но има и хуманитарен карактер. Граѓаните што доаѓаат, според традицијата, собираат средства за да им помогнат на сиромашните и болните.

– Собрани сме во Струга за да му се поклониме на светиот Георги Победоносец. Радоста е голема, особено за стружани кои се наши гостопримливи домаќини, но не помалку весели се и оние што дошле од сите градови на земјата, но и од соседните држави Бројот на пристигнатиот марод е навистина голем, како што доликува на ваква манифестација, која е дел од нашето нематеријално културно наследство и не претставува низ целиот свет. Затоа треба секоја година да доаѓаме во поголем број во Струга, истакна сестра Ефтимија.

Облечена во носија од Дримколскиот крај, Сара Наумоска, заедно со други верници со цветни ливчиња им оддаваа почит на моштите и ги поздравуваа со „Христос Воскресе – Навистина Воскресе“.

– Празникот за мене е големо богатство. Тука доаѓам да им се поклонам и да им се помолам на моштите на Свети Георгиј Победоносец и неговата чудотворна икона. Сите луѓе доаѓаме со иста цел, да се помолиме, рече Наумоска.

Денешниот ден, како што нагласи Мими Стојаноска една од присутните верници, носи радост и веселба во срцата на стружани, но и на сите присутни.

– Ова е голема благодат на градот и верувам дека како што чука моето срце со посебна радост, така чукаат срцата на сите присутни. Преку присуството на светиот великомаченик Георгиј владее љубовта, а љубовта е симбол на нашата христијанска вера и посакувам оваа љубов да остане за век и веков, рече Стојаноска.

Своето патување во Македонија и одморот во Струга беше одлична можност и за туристи од Кореја да ја почуствуваат магијата на Струшката еордија и да го проследат овој за нив несекојдневен настан.

Традиционално литијата се одржува ден по големиот христијански празник посветен на Свети Георгиј Победоносец или кај народот познат Ѓурѓовден, а од година во година е се по масовна.

Церемонијално, на литијата и претходни полициско возило, по него оди коњаник облечен во римска трибунска воена облека, со палмова гранка во раката, како симбол на мирот ја најавува процесијата. Член од Бигорското братство, со клепало го најавува доаѓањето на светителот, а потоа се носачите на крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј и други митрополити. По нив четворица угледни граѓани на раскошно украсен епитаф ги носат моштите на светителот, кои симболично се чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите. Зад сердарите оди сејменската гарда, чии членови се облечени во традиционални мијачки носии. Верниците и сите добронамерници се движат после гардата, а оние што неможат да се вклучат во литијата поради многубројниот народ, остануваат на двете страни од улиците и заедно со дечиња во народна носија ги поздравуваат моштите со фрлање цветни ливчиња.

По завршување на свечената литија во дворот на црквата „Свети Великомаченик Георгиј“, со своја културно-уметничка програма настапи ансамблот „Македонија“, чии членови прв пат ги промовира старите струшки градски носии.

/МИА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *