Почетна Проповеди Манастирот на Преображението
Манастирот на Преображението

Манастирот на Преображението

257
0

Секој манастир е тврдина Божја и појава светоотечка, Секој манастир го благословува целиот крај кај што е подигнат…

Драги браќа и сестри,

Со овие зборови на нашиот современик, старецот Ефрем Филотејски, со голема празнична радост го започнувам моето слово за големиот денешен празник Свето Преображение Господово, празник на кој е посветен овој манастир, кој е во изградба.

Денешниот празник го славиме во спомен на Преображението на нашиот Господ Исус Христос – настан, кој според светите евангелисти се случил на галилејската гора Тавор, за време на молитва во третата година од Христовата проповед на земјата. Во таа година Господ Исус Христос почесто им претскажувал на апостолите за Своите страдања, смрт и воскресение, но и за Својата слава после страдањето на Крстот. За да не ги раслаби страдањето, та да отпаднат во својата вера и да се растажат, Господ Исус Христос благоволил пред да се случат страдањата делумно да им ја покаже Својата Божествена слава на Своите ученици. Така по шест дена откако им наговестил за страдањата што му претстојат, ги зел ноќе со Себе апостолите Петар, Јаков и Јован и ги одвел на високата гора Тавор, каде се преобразил пред нив. Неговото лице светнало како сонце, а Неговата облека постанала бела како снег. Тогаш им се јавиле Мојсеј и Илија, возглавителите на законот и пророците, кои разговарале со Богочовекот Христос за Неговата смрт во Ерусалим. Восхитен од оваа глетка, Петар рекол: „Господи добро ни е да бидеме овде, ако посакаш ќе направиме три сеници овде, една за Тебе, една за Мојсеј, и една за Илија“. Додека зборувал тој, ги засенил светол облак и слушнале глас од облакот: „Ова е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја, Него послушајте го“. Во тој момент учениците паднале ничкум, но Господ им се доближи и им рече: „Станете и не плашете се“. Тие станале и не виделе никој освен Господ Исус Христос, па се спуштиле од планината.

Во спомен на овој чудотворен настан, од светата Црква бил востановен овој празник посветен на Светото Преображение Господово, кој и ние денес собрани овде на ова место достојно го прославуваме. Преображението Господово, односно пројавувањето на Господ Исус Христос во сета Негова слава, во Неговата Божествена природа воглавно се случило за да ги увери своите ученици, но и да го утврди сето човештво до денес – дека Он е вистинскиот Бог, Кој и денес не озарува и охрабрува и нас, Неговите чеда собрани околу Неговото светилиште со зраците на светлината како Неговите ученици.

Во овие празнични мигови, во мене се уште одекнуваат зборовите на апостолот Петар од денешното Евангелие: „… Господи, добро ни е да бидеме овде…“ (Матеј 17,4), и навистина да се биде денес на ова место, на овој манастирски празник – значи да се учествува во радоста на Преображението, а да се учествува во преображенската радост значи да се биде сведок на светлината на Воскресението, кое е неостварливо без евангелското литургиско лично покајние, преобразба и борба со страстите. Но таа Ваша радосна средба за вечност со Бога, драги браќа и сестри, се гледа во ова Ваше дело – во борбата за изградба на овој великолепен манастир, кој може да се изгради единствено од осветлени и преобразени од секој демонски мрак – верни луѓе како Вас, кои градејќи го манастирот – се вградивте во него како живи камења врз аголниот камен – главата на Црквата – Спасителот и Господ наш Исус Христос.

Ја користам оваа прилика, најнапред од лично мое име како надлежен архиереј на Тетовско – гостиварската епархија, како и од име на свештенството и побожниот народ да им се заблагодарам на членовите на Иницијативниот одбор за изградба на овој манастирот „Свето Преображение Господово“ во населбата Циглана во вашиот град – за нивниот неуморлив подвиг, трудот, кој секојдневно го вложуваат во изградба на манастирот. Нивното дело, како и на сите оние кои на каков и било начин ја помагаат изградбата на ова наше светилиште е бесмртно пред Бога. Кој усрдно сите го молиме да ни даде духовни и телесни сили и меѓусебна љубов, за да што побргу го завршиме манастирот, кој ќе биде место на нашето сплотување како Црква и заедница.

Немам други зборови со кои би можел да Ве советувам, освен Христовите зборови, Кој Он ги упатил при Своето Преображение, а тие се следните: „Станете и не плашете се“ (Матеј 17,7), со тие зборови и јас Ве охрабрувам и утешувам сите заеднички и со љубов да ги поднесеме неволјите и страдањата во овој минлив свет и век за да се подготвиме за вечната Светлина и Живот во Божјото царство. Да го молиме Бога постојано да нѐ научи како апостолите, кои се искачиле на гората Тавор при Преображението –  на две добродетели: трудољубие и богомислие, па и ние, следејќи го нивниот пример почесто да се искачуваме на ова ова место, зашто искачување на височина бара труд, а височината ја претставува височината на нашите мисли, т.е. богомислието.

Манастирите се од големо значење за сите нас, бидејќи тие се духовно прибежиште на секоја душа, која посакува да се спаси, која сака да добие утеха, да биде оживотворена, која сака да се спаси, бидејќи во светскиот живот има толку проблеми. Токму затоа овој манастир е особено потребен во нашето време, во кое има мноштво проблеми, посебно духовни. И други. А во исто време, постоејќи голема потреба да се решат и разјаснат тие проблеми – присуството на манастирите и луѓето кои во нив живеат ја даваат можноста за решение на проблемите, преку благодат, искуство, помош и спасение на луѓето кои искрено и со вера им приоѓаат. Затоа изградбата на овој манастир ни влева добра надеж, надеж, која ќе ни даде живот на сите. Светлина, спасение на светот, овде.

Молејќи се на Бога што побргу овој манастир да се изгради и пројави како светилник и духовна оаза, каде што сите ние ќе прибегнуваме, да се помолиме сите да ги зајакне нашите тела и просветли нашите души, за да го славиме Неговото Свето Преображение во слава, во сите сите векови. Амин!

Пишува: Јосиф – Митрополит Тетовско-гостиварски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *