Почетна Коментар Македонското име и неправдата (3)
Македонското име и неправдата (3)

Македонското име и неправдата (3)

253
6

Јас овде ќе споменам само еден пример, кој иако е помалку познат во нашата историографија и во нашата јавност, сепак, по својата историска вредност можеме да го вброиме во еден од највредните и најзначајните примери, некогаш напишани и искажани, во врска со потеклото и славното минато на Македонците. Еден од најголемите духовни авторитети во историјата на светата православна црква, светиот отец на православието, темелникот на Христовата вера, учителот на сите христијани, создателот на светата божествена литургија, која и ден-денес секојдневно се богослужи во сите помесни православни цркви, св. Јован Златоуст, кој живеел во 4 век, во своето толкување на Првото послание на св. апостол Павле до солуњаните ќе напише:
„Овој народ, македонскиот, бил познат уште пред Христовото доаѓање и насекаде се прославувал повеќе од Римјаните.

Самите Римјани се познати по тоа што успеале да го покорат овој народ. Она што го направил македонскиот цар е повисоко од секој збор: почнувајќи со поход од непозната и незначајна држава, тој ја завладеал целата вселена. Еве зошто пророкот го опишува како леопард што лета, сакајќи со тоа да ја опише брзината, силата, ентузијазмот со која тој поминал преку целата вселена, освојувајќи ги своите трофеи и победи. Велат дека тој (Александар Македонски), слушајќи од некој филозоф дека постојат безброј светови, жалел што, без разлика на нивната безбројност, не успеал да освои ниту еден од нив. Ова најдобро ни покажува колку тој бил претприемчив, велик во душата и колку бил славен по целата земја! Но, со славата на царот се соединила и славата на народот, затоа што Александар го нарекувале Македонски. Заедно со славата за него самиот, нормално, се распространила насекаде и славата за настаните во неговото царство, затоа што ништо не може да остане скриено. И така, делата на Македонците не биле помалку славни од делата на Римјаните“.

Има ли појасно и посериозно сведоштво од ова што светиот Јован Златоуст го напишал за Македонија и за Македонците. Денешната наша татковина Македонија е истата онаа Македонија што била прославена од Великиот Александар, која била осветена од светиот апостол Павле, облагородена од светите браќа Кирил и Методиј, која била обединета од царот Самуил и која била облеана од крв од илјадниците борци и маченици за нашата слобода и самобитност. Затоа, нема да дозволиме во ниту еден случај да се играат дипломатски, геостратегиски и политички игри со името на нашата татковина и со националниот идентитет на македонскиот народ, зашто прашањето за името за нас е прашање на правда и вистина, прашање на живот или смрт. Како што рекол големиот македонски војвода Гоце Делчев, нема да дозволиме други да решаваат дали и како да живееме и да умираме. Целосно ни е јасно кои сме, што сме и од каде доаѓаме, наполно сме свесни дека сонцето на правдата и на слободата за нас Македонците одамна ќе изгрееше, ако човекољубието и правдољубивоста ја движеше и ја раководеше светската политика и дипломатија.

Македонците, низ историјата, му дадоа на светот прекрасни цивилизациски вредности, култура, писменост и духовна просвета. Македонецот отсекогаш знаел да ги цени, да ги вреднува и да ги усвојува светските духовни скапоцености. Единствен народ во Библијата е македонскиот, кој побарал директна помош од светиот апостол Павле да ја посети Македонија и да го избави народот од маките на духовниот мрак и незнаење. Апостол Павле, кој бил информиран и образован човек, го препознал Македонецот по изгледот, јазикот, но и по облеката, односно по надворешните идентитетски обележја, кои го разликувале од Елините, Евреите и од Римјаните. Овој свет апостол, кој ја раширил спасоносната Христова наука насекаде низ тогаш цивилизираниот свет, во посланиците до Филипјаните и солуњаните ги слика и ги истакнува и преостанатите карактеристики на Македонците, нивната посебна дарежливост, гостопримство, нивните големи духовни доблести.

Затоа секое барање за промена на нашиот национален идентитет од која било страна е повеќе од нелогично и се граничи со самата лудост. За ваквите непристојности не треба воопшто ни да размислуваме, а камоли да ги разгледуваме и за нив да разговараме или да се договараме пред очите на целата светска јавност. Повеќепати е кажано дека преименувањето на државата носи кон разнебитување на македонскиот народ. Името е архетип на душата на народот. Стара и древна е мудроста што вели дека името ги определува тварите, името го објаснува значењето. Затоа, мора да биде спречен секој обид за идентитетски геноцид и холокауст врз македонскиот народ.

Ако пред сто години немало кој да го заштити македонскиот народ од разнебитување, сега нѐ има доволно подготвени и одлучни да се зачуваме од обезличување. Ние сме генерацијата што ќе мора да ја извојува оваа битка. Оваа битка, се разбира, не се добива со оружје. Ако беше така, тогаш досега безброј пати ќе бевме присилени. Нашиот штит ќе ни биде трпението, а нашето копје – мудроста. Носени на крилата на овие доблести безбедно ќе слетаме на мирното прибежиште, кое како светол историски момент ќе биде длабоко врежано во колективното сеќавање на идните генерации Македонци.
Македонија била, е и ќе биде наша единствена татковина. Како таква сме ја наследиле од нашите предци, како таква ќе ја предадеме на идните генерации.

Нашата сила и предност во оваа бесмислена ситуација се наоѓа во единството. Како добри и воспитани луѓе, како верен христијански народ, кој во целост се потпира на божјата љубов и божјата правда не треба да паднеме во духот. Никого не треба да го намразиме, кон секого со љубов ќе треба да се поставиме, бидејќи историјата нѐ научила дека сѐ се случува по промисла божја и секое наше лично или општествено страдање било залог за идното добро. Нашите предци во минатото претрпеле и пострашни прогони и поголеми ропства, но секогаш имајќи го крстот на чело и потпирајќи се на вистината, излегувале како победници од дадените искушенија. Она што Бог го благословил и изградил, силите на темнината можат да му се противат, но не можат да го разрушат и уништат. Бог благословил да постои македонскиот народ, да постојат неговиот јазик и неговиот фолклор и тој народ, низ вековите, на Бога му возвратил со многу благодарност и убавина.

agatangel-slikaВо оваа борба на доброто и на злото, на правдата и на неправдата, на лицемерството и на искреноста, ќе треба да истраеме сите, без разлика на професијата со која што се занимаваме, зашто очигледно е дека ова не е само наша македонска борба. Ова е дел од борбата на целото човештво за унапредување, усвојување и промовирање на вистинските цивилизациски и христијански вредности. Светот, кој се потпира на човечност, љубов, па ако сакате и нормалност, ќе победи, сигурен сум во тоа. Господ Бог нека ја чува и крепи Македонија и македонскиот народ во неа, како што тоа досега, низ бурните векови, постојано го прави.

Пишува: Митрополит Повардарски Агатангел (НОВА МАКЕДОНИЈА)
(Крај)

Коментар(6)

  1. Етнофилетизмот е осуден од православната црква како ЕРЕС!
    Авторот на овој текст очигледно потпаѓа под осудата за етнофилетизам!

  2. Neznam zosto ovoj Dimitrij zboruva za etnofilitizmot vo Makedonksata Pravoslavna Crkva. Sto ce kaze za etnofilitizmot vo Grckata, Srpskata, Bugarskata i t.n. ili se sto deklarira deka e makedonsko ne treba da postoi. Golem e Gospod, na mnogu godini vladiko!

  3. Ерес си е ерес, никако не може да се оправда. Во Црквата нема и не смее да има место за национализам.
    На владика му личи да говори за Евангелието, сите народи да ги приведува кон Христа, без разлика дали се македонци, бугари, срби, грци, албанци, роми, власи…

  4. Avtorot na ovoj tekst izleguva od ramkite na teologijat i se otkrive sebe si deka kako sto e povrsen vo teologijata tolkav e naznalica od istorijata, a vrska nema so

  5. . vrska nema so politikata. . Ma cudu da se ojavuvaat tekstovi koi se na nivo ne kafanski razgovori i tie razgovori da pri[isuva na eden crkoven covek, kogo go otkriva kako e i kolku epovrsen vo teologijat, sto mu enegov fah, a za drugite tezi da i ne zboruvame.

  6. Mnogupati covek izgleda mnogu umen koga molci. Molci vladiko ne se brukaj. Se vidi deka se osven govori za stari babi , ti e strano.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *