Почетна Анализа Македонското црковно прашање е следно за решавање?
Македонското црковно прашање е следно за решавање?

Македонското црковно прашање е следно за решавање?

592
0

Процесот за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија останува под покровителство на Вселенската патријаршија. Вселенскиот патријарх Вартоломеј не се откажал од намерата за решавање на канонскиот статус на црквата во Македонија. Ова официјално беше потврдено со соопштение од Вселенската патријаршија, во кое беа демантирани сите натписи во грчките медиуми дека Српската црква со пари издејствувала црковен Фанар да не ја признае МПЦ-ОА. Ваквите шпекулации Вселенската патријаршија невообичаено жестоко ги отфрла и ги оценува како „креации на болни умови“.

Верските аналитичари во Македонија, пак, ваквиот официјален проглас на Вселенската патријаршија го оценуваат како надеж и реална состојба дека заложбите на патријархот Вартоломеј можат да дадат резултат во насока на добивање на томосот за автокефалност на нашата црква. Инаку, по одлуката на Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста на црквата во Украина имаше реакции и најави за тектонски нарушувања во православието и односите меѓу црквите со потенцијален раскол меѓу православните цркви. Засега иако стои ситуацијата „статус кво“ пред зовривање, сепак, во МПЦ-ОА владее оптимизам дека токму таа, по Украинската црква, би била следната црква што би требало да ја добие својата автокефалност.

Позитивен сигнал

Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски вели дека ваквата реакција на Вселенската патријаршија е добар сигнал, со оглед на тоа што неодамна во еден македонски медиум беше изнесена непотврдена информација во која се наведуваше дека Вселенската патријаршија го одбила барањето на МПЦ-ОА.

– Но сега со оваа реакција, Вселенската патријаршија покажува дека таквите информации не се точни и дека нашето барање е уште активно, како и дека тоа сѐ уште е во процедура. Сметам дека тоа најдиректно е зависно од тоа дали кај нас ќе помине договорот за името со Грција, односно дека односот на ВП кон барањето на МПЦ-ОА ќе биде најдиректно врзан за усвојувањето на договорот за името – објаснува аналитичарот Ѓорѓевски.

Според него, индикативно е дека има еден вид офанзива во која се настојува вселенскиот патријарх да се прикаже како корумпиран патријарх, со што се сака негова, но и дискредитација на барањата од Украина и од Македонија за автокефални цркви.

– Судејќи по неговата остра реакција кон рускиот митрополит Иларион Алфеев (кој го обвинил дека „примил дарови од Украина“), таквите обвиненија се контрапродуктивни и го прават уште поубеден во намерата да го прави она што Вселенската патријаршија тргнала да го прави – додава аналитичарот.

Кампања за клеветење на патријархот Вартоломеј

Вселенската патријаршија ја разби фамата дека се откажала од намерата за признавање на автокефалноста на Македонска православна црква – Охридска архиепископија.

– Наводното „откритие“ од страна на медиумите во Грција претставува резултат на болна фантазија, која брутално ги навредува институцијата на Вселенската патријаршија и личноста на патријархот. Не е испратено никакво патријаршиско писмо до „скопската црква“, а ниту некаква делегација од Српската патријаршија ја посетила Вселенската патријаршија и секако, не се водел никаков разговор во насока како што беше објавено во грчките медиуми – стои во соопштението на Вселенската патријаршија.

Во соопштението од ВП пишува и дека ваквите објави одат во насока на некаква почната вулгарна кампања за клеветење на Вселенската патријаршија и нејзиниот патријарх.

– Вселенската патријаршија и патријархот ги практикувале, ги практикуваат и ќе ги практикуваат своите канонски и историски привилегии, со кои вселенските собори и преданието на црквата ја почестиле првопрестолната и маченичка Константинополска црква – стои во соопштението.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *