Почетна Анализа Македонските монаси го сочувале черепот на Свети Јован Владимир на Света Гора
Македонските монаси го сочувале черепот на Свети Јован Владимир на Света Гора

Македонските монаси го сочувале черепот на Свети Јован Владимир на Света Гора

651
0

Дневниот весник дневник објави сторија во која открива каде се наоѓаат делови од моштите на Свети Јован Владимир, зетот на Цар Самоил, за кој кај балканските народи има изграден голем култ. Во продолжение целиот текст на „Дневник“

dnevnikМакедонските монаси кои низ вековите престојувале во манастирот Зограф на Света Гора најверојатно го донеле и сочувале черепот на свети Јован Владимир, голем христијански светител, чиј живот е поврзан и со Македонија. Сознанијата за тоа дека овој череп се чува токму во ова светилиште го добил македонско-црногорскиот истражувачки тим, кој ја подготвил монографијата за овој светител познат и по тоа што бил зет на цар Самуил, откако се развила голема љубов меѓу него и царевата ќерка Kосара.

Досега постоеја само непроверени информации дека черепот на светителот се чува во манастирот базирани врз записот на познатиот велешанец Kонстантин Петкович од 19 век, Петкович, кој подоцна станал и руски конзул во Дубровник, кон средината на тој век го посетил манастирот токму за да ги потврди сознанијата дека реликвијата се чува во манастирските ризници. Но, тоа сознание не успеал да го провери.

Тој запис и подготвување на монографијата, која е издадена по повод 1.000-годишнината од подмолното убиство на Јован Владимир во Преспа, бил мотив авторите на делото да престојуваат во манастирот. – Големиот култ што го ужива овој светител во Македонија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Србија… беше повод да отидеме на Света Гора. Таму бевме љубезно примени од управата на манастирот, а на третиот ден од посетата игуменот Амвросиј не прими и ја сослуша нашата желба да ја видиме главата на светителот ако ја имаат. Тој без двоумење ја прифати нашата желба и н` одведе кај витрината во која се чуваат тие реликвии. Во четвртестата кутија прекриена со седеф, во нејзин централен дел, се чува голем дел од горниот дел од черепот. Бевме мошне возбудени оти тоа беше потврда на нашите дилеми, вели Мирољуб Орландиќ, повереник на Матица црногорска во Македонија.

Тој додава дека игуменот на овој сега бугарски православен манастир, веднаш им дозволил и да ја фотографираат кутијата во која имало уште мошти од четири други светители.

jovan vladimirПриказната за врските на овој владетел на Дукља од 1000 до 1016 година со Македонија почнува во освојувањето на неговата земја од страна на македонскиот цар Самуил. Тој ја освоил Дукља во 1009 или 1010 година, по што го затворил кнез Владимир во затворот во Преспа, каде што му била престолнината на царството во западна Македонија. Во затворот се случува и онаа позната средба меѓу дукљанскиот кнез и Kосара, ќерката на цар Самуил по која се раѓа големата љубов. Царот ~ дозволува на Kосара да се венча со заробениот кнез, по што го вратил на престолот во Дукља за да владее како неговиот вазал. Владимир беше познат како побожен, праведен и мирољубив владетел. Не се вклучи во големата војна меѓу Самуил и Византија која кулминира со битката на Беласица во 1014 година. По смртта на Самуил неговиот внук Јован Владислав ја презеде власта врз царството, а во 1016 година наредил и да се убие кнезот Јован Владимир кога на измама е викнат да дојде во Преспа, по што му е отсечена главата пред една црква.

Jovan vladimir 2Сашо Цветковски, директор на Музејот во Струга, кој беше дел од истражувачкиот тим, ни рече дека другите мошти на овој голем светител се чуваат во повеќе земји.

-Дел од раката се чува во Македонија, во охридската црква „Света Богородица Геракомија“. Голем дел сега се во Тирана, Албанија и секоја година на 4 јуни, кога е негов празник, се носат во Елбасан. А сега се потврдува и приказната за черепот, наведува Цветковски.

Инаку, додава тој, с` уште не е познато на кој начин черепот стасал на Света Гора. Тоа не знаеле да им го кажат ниту во манастирот.

– Треба да се верува дека моштите таму се донесени од страна на монасите кои потекнуваат од Македонија. Всушност, целата историја на ова големо светилиште е поврзана за македонските монаси. Него, во почетокот на десеттиот век, први почнале да го градат тројца браќа од Македонија, од Охрид – Арон, Мојсеј и Давид. Потоа, со текот на вековите во него постојано имало многу монаси кои доаѓале од Македонија, од Дебарско, од Малешевијата и други краишта, потенцира Цветковски.

/ДНЕВНИК – Бранко Ѓорѓевски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *