Почетна Коментар Македонскиот народ прв ја возобнови Охридската Архиепископија
Македонскиот народ прв ја возобнови Охридската Архиепископија

Македонскиот народ прв ја возобнови Охридската Архиепископија

342
0

Одржувањето на овогодишниот Архиепископски црковно-народен собор, се совпадна со 1000-годишнината од основањето на славната Охридска архиепископија и со одбележувањето на 60 години од возобновувањето на Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква. И, всушност, ова наше собирање, ова наше заедништво, и од дојдените претставници од епархиите во Татковината и од епархиите за Македонците по светот, е најдостојно признание за заслугите на учесниците на историскиот Црковно-народен собор од 1958 година.

Пред 60 години, овде, под сводовите на овој свет храм на древната Охридска архиепископија, 220 делегати, свештенослужители и верници, го оствариле двевековниот копнеж на своите претшественици, за обновување на Охридската архиепископија, својата мајка Црква.

Уште во првата точка од донесената одлука на Соборот, соборјаните, изразувајќи ја желбата на македонскиот православен народ и неговото свештенство да има своја Црква, а врз основа на историските и канонските права, изјавиле: Овој Црковно-народен собор решава да се обнови старата македонска Охридска архиепископија… и истата да носи назив Македонска православна црква. …

А како дојде до овој јасен и непоколеблив израз на изградената свест за своја духовна самобитност? Впрочем, во тие светли и свети денови на македонската духовна историја, се зарадувале душите на безбројните борци за духовна слобода, исчезнала тагата на архиепископот Арсениј, во чие време неправедно била забранета дејноста на Охридската архиепископија, се смирило страдањето на  македонскиот народ, зашто конечно се оттргнала неправдата кон нашата древна столица.

Во тие денови, кои треба во нашата општа историја да бидат запишани со златно слово, избледените и неразбрани зборови на Мисирков, светнале со светлозрачен сјај: Ако религиозните пропаганди се обидат да го спречат здружувањето на македонската интелегенција и македонскиот народ меѓу себе, тогаш првото нешто кое  е потребно е да… се обнови Охридската Архиепископија, која ќе биде Архиепископија всеја Македонии; се исполнила  мечтата на народецот, изразена преку устата на митрополитот Теодосиј Гологанов: Ние духовниците, по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го покренеме нашиот народ да се разбуди, да ги отфрли туѓинските управи, да ги отфрли Патријашијата и Егзархијата, и да се обедини духовно во лоното на Охридската Црква, нашата вистинска мајка црква.; се реализирала желбата на македонскиот народ во веќе ослободената територија, изразена во Резолуцијата на Првиот црковно-народен собор, одржан од 4 до 5 март 1945 година во Скопје: Македонскиот православен народ, преку своите избрани делегати од сите духовни околии во Македонија, решава да се возобнови Охридската архиепископија како Македонска самостојна црква и да не биде потчинета ни на која друга помесна национална православна црква;

Навистина, историски е забележано, во годините што следуваа, признание, или потврда на одлуката на Вториот црковно-народен собор, даде и соседната, помесна Српска православна црква, која, неоправдано, претполагаше право на духовна власт врз територијата на тогашната НР Македонија. Така, Архиерејскиот сабор, во својата одлука од 6 јуни 1959 година, го потврди и легитимира одлученото од македонските соборјани, на заседанието на почетокот од октомври 1958 година, констатирајќи: …епархиите: Скопска, Охридско-битолска и Злетовско-струмичка, на Црковно-народниот собор, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година во Охрид, се издвоиле во самостојна Македонска православна црква, која се управува според Уставот донесен на тој Собор. А по ова – следело и заедничкото сослужување на избраниот и воведен на тронот на Охридските архиепископи – Архиепископот Охридски и Скопски и Митрополит Македонски Доситеј, со Српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година, во храмот „Свети Мина“ во Скопје, кога бил ракоположен архимандритот Климент за епископ на Преспанско-битолската епархија. Со тој чин била дадена канонска можност МПЦ во иднина самата да си ги решава кадровските потреби во највисоката ерархија. Заедничка света литургија меѓу поглаварите на српската и македонската црква, се случила и во присуство на Рускиот патријарх Алексиј I, при неговата посета на Охрид, во мај 1962 година, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ – Каменско.

И, дали има поголема потврда за правото на постоење на Македонската православна црква, за нејзината оправдана улога како возобновителка на Охридската архиепископија, од оваа литургиска потврда, од ова заедништво пред светиот олтар и во светиот путир?

Во оваа прилика, да се потсетиме на зборовите на вдахновениот Гамалиил, кого преданието го посочува како таен следбеник Христов, а коишто тој ги дал во вид на совет на ожесточените членови на Синедрионот, кога истите сакале да ги убијат апостолите поради нивното верување: Оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; а ако е, пак,од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога.

И не сакаме да прозвучи нескромно и смофалбено, туку силно веруваме дека благословот Божји и раката Божја почиваат врз црковното дело во Македонија, најмногу и пред сè поради верата и надежта на нашиот богољубив народот. Тој оптимизм, за Божјата милост, ја црпиме од Евангелието преку Господовите зборови: Сакајте и ќе ви се даде, барајте и ќе најдете, чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој што моли, добива, и кој бара, наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори.

И сè што е кажано од 1958 година наваму од страна на противниците и поборниците против македонската црковна самостојност, е неправедно и спротивно на вистината, спротивно на љубовниот идеал на христијанската наука. Сите изречени невистини, особено во насока на тоа кој сè бил вклучен во создавањето на Македонската православна црква, се бесмислени, само ако разумно се погледне во богатата историја на црковното предание. А таму, запишано е и потврдено е, дека благодатта на Светиот Дух наоѓала место во секое срце и ги менувала, ги измирувала со Бога, со вистината и правдата, и ги правела садови за извршување на Божјата волја.

А, возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква е, пред сѐ, Божја волја. Дека е ова така, го потврдува, ете, и ова наше 60-летно славје, но и 1000-годишниот духовен континуитет на Охридската архиепископија. Зашто таа, впрочем, никогаш не беше укината во срцето на македонскиот верник. Па, зар може некој некому да му ја укине верата, молитвата, подвигот? Па дури и ако се постават туѓи јурисдикции, владетелства и епископи, па дури и по пат на симонија – може ли некој да ја укине, да ја искорне Црквата од битот на еден народ!?

И, да потсетиме: никој од соседните братски народи не се обиде да ја возобнови, ниту се повика на Охридската архиепископија – прв тоа го направи македонскиот народ. Зашто, како што вели народното расудување, кого најмногу го боли за нешто? Тој кому тоа нешто му било сопственост, било негово.

За да го оправдаме благословот Божји, кој ни е даден нам да имаме своја Црква, треба секогаш да твориме дела на верата, дела достојни, да создаваме дела што ќе бидат израз на нашата побожност, на нашето живеење со преданието на православното исповедање, со светите тајни, низ молитвата и во подвигот.

Во самостојното живеење на нашиот народ, во изминативе шест децении направено е многу, и во насока на духовното и во насока на материјалното градење на нашата света Црква. Насекаде низ Македонија, па и низ дијаспората, се изградија и се возобновија храмови и манастири, се изградија и кадровски се зацврстија образовните и административните сегменти на нашето црковно живеење; издавачката дејност достигна силен раст – ретко која од соседните православни земји може да се пофали и со таква продукција, но и со целосен превод на богослужбените книги на литературен јазик, што е многу важно за подобрата достапност на словото Божјо, изразено преку преданието на богослужението, до ушите на современиот човек.

Во изминатеиве 60 години нашиот синод добиваше и добива подмладување, нешто што значи дека како Црква ја устројуваме иднината на духовниот опстој, иако секогаш имало и има потреба и место за добрите кандидати, кои со своите духовни квалитети можеле и можат особено да помогнат и да дадат суштински белег во животот на нашата Црква. Но, најмногу од сѐ има значење што се градела и се гради живата Црква. Зашто зданијата, одлуките, книгите, сето тоа ќе биде и ќе остане мртов споменик ако не се користи за намената за која се предназначува – а тоа е единствената потребна цел на човековото живеење – спасението, здобивањето на Царството Божјо. Па така, ако конаците и манастирите, ако храмовите не ни се полнат со луѓе желни за подвиг и вистински воцрковен начин на живеење, ако не се служи богослужбениот ред, ако Литургијата не ни е смисла и не ја служиме зашто тоа е животот, а не само некоја обврска, тогаш ќе нѐ напушти Божјото содејство, ќе се обезличиме и обезвредниме.

Од досегашното шестдецениско искуство, со Божја помош, се трудиме за живата Црква, но во иднина треба уште повеќе и никогаш да не престанеме да се трудиме. И затоа, и сега и секогаш треба да се покажува одлучност и визија за тоа кого ќе одбереме, а да биде добар потенцијал, по прикажаното на нивата Господова, за одржување и издигнување на духовниот раст на нашиот народ и живоста на нашата света Црква. Затоа, какви кадри ќе се избираат во Црквата, таква Црква ќе имаме, таква Црква ќе оставаме. Затоа треба да се поучиме од историјата дека и времето, а особено човекот ги брише трагите и изворот на секое дело. Но ако покажеме потребна и навремена грижа, бирајќи и поставувајќи добри пастири, добри епископи, добри учители и раководители, тогаш добрите резултати како добро дело ќе бидат пренесени од генерација на генерација.

Пред вас, соборските делегати од земјата и дојдените од дијаспората, сакам да го искажеме нашето силно убедување дека делата што ги твориме, се најголемиот доказ за нашето право, но и за вечноста.

Делото на нашата света Црква, особено на живата Црква и на оние наши духовни пристаништа и духовници, впрочем на сите нас, зашто по молитвите на свети Климент и на сите свети од нашиот род, секое дело, верувам, е со благослов и по Божја промисла, е очигледен доказ за оправданоста нашиот народ да има своја автокефална Црква со домородни свештенослужители.

Ете, богоугодното дело и постигнувањата на нашата Света Црква, оставија впечаток и на личноста на првиот меѓу еднаквите, на престојателот на Светата Велика Христова Црква, која како првопрестолна Црква, со обврските, должноста и правата што ѝ ги довериле соборите, се одлучи, за што сме особено благодарни, да го земе предвид нашето црковно прашање и да ги претстави сите аспекти на истото пред севкупната православна јавност. Во овој потег, верувам, сите ги препознавме Христовите зборови: Има ли меѓу вас човек, кој, ако му посака неговиот син леб, ќе му даде камен, и кога ќе посака риба, ќе му даде змија? Ние оправдано се надеваме, и трпеливо очекуваме, иако за да биде на сигурен темел решавањето на ваков вид на прашања, треба да се постапува претпазливо, со голема искреност и само духовнички и духовно, врз вистина и по правда.

Да Го помолиме Бога, по молитвеното застапништво на патронот на нашата света Црква – светиот Климент Охридски, следната годишнина да ја славиме со призната автокефалност и во заедница со другите Помесни православни цркви. Вам, почитувани делегати и Вам гости, Ви посакувам крепко здравје, а на нашиот народ, каде и да е – да биде постојан во верата и да напредува во живеењето по принципите на евангелското слово, да биде опстоен во љубовта и во грижата и разумен и расудлив во одлуките за иднината на Татковината Македонија, и на Црквата наша Македонска и Охридска. – Да ни се вечни – дај Боже! Амин!

/Стефан – Архиепископ охридски и македонски

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *