Почетна Интервју Македонски теолог работи како предеведувач кај папата Франциск
Македонски теолог работи како предеведувач кај папата Франциск

Македонски теолог работи како предеведувач кај папата Франциск

447
0

Теологот Стефан Гоговски веќе четири години му помага на папата Франциск да се разбере со претставниците на македонските делегации кои доаѓаат секоја година на 24 мај, по повод чествувањето на Светите браќа Кирил и Методиј во Рим, Италија. Тој преведува се што ќе се каже на тие приеми од македонски на италијански јазик и обратно.

Последен пат беше забележан за фотографиите заедно со папата Франциски и македонскиот претседатетел Ѓорге Иванов во Ватиканската палата, во функција на преведувач.

Во интервју за Религија.мк, за папата Франциск вели дека е скромен човек, но секогаш насмеан и подготвен да разговара и да им помогне на сите. Едноставно за младиот теолог, папата е народен човек.

Младиот Стефан има 28 години и од 2013 година е на магистерски студии во Рим, кои ги завршува во 2015 година, а веднаш потоа се запишува на докторски студии на академијата Алфонсијана, гранка на Латеранскиот Понтификален Универзитет во Рим, каде засега е единствениот теолог од Македонија кој се образува таму.

Средното образование го завршил во средното богословско училиште „Св. Климент Охридски“ со седиште во Драчево, Скопје, кое е под директно раководство на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Желбата да се насочи на теолошка наобразба му потекнува уште од детството, кога ја посетувал парохиската црква во Чаир посветена на св. Георгиј Победоносец. Тогаш почувствувал потреба да открие сè што е поврзано со Бог, односно како што вели почувствувал побуда и внатрешен порив да открие што е можно повеќе со сето она кое што го правело да се чувствува како дома.

Како дојде до тоа да се запишете на постдипломски студии на Теолошкиот факултет во Ватикан?

ГОГОВСКИ: По завршувањето на Македонската православна богословија, благодарение и со благослов на надлежниот архиереј, односно столбот и главата на нашата Мајка Црква – Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, а по предлог на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско–Кичевски и Администратор Австралиско–сиднејски, г. Тимотеј ми беше понудено да продолжам со студии надвор од нашата земја. Како предлог дестинација беше дадена Санкт-Петербургската Православна Духовна Академија (СПБДАиС). Во Русија престојував и студирав три и пол години. Таму образованието е на завидно ниво, а тамошните професори не дозволија никогаш да се почувствуваме како туѓинци, туку напротив, нè прифатија од првиот ден и нè овенчаа со знаење, подучувајќи нè во љубов христијанска како што доликува. Би сакал да додадам дека тука за прв пат во мене се роди голема желба да се посветам и задлабочам во изучување на христијанската етика, сметајќи ја за есенцијална во формирањето на православниот христијанин во вистинска личност од онтолошки карактер, како и во формирањето на секој човек во доброто. Така, во 2012 година дипломирајќи и враќајќи се во Македонија, поднесов молба до САС на МПЦ-ОА за продолжување на студиите, но овој пат на различна дестинација. Како студент, дојдов до сознанија за една понтификална академија со седиште во Рим, специјализирана во изучување на христијанската етика и биоетика, а тоа беше повеќе од доволен мотив да ме натера да побарам благослов за запишување на академијата Алфонсијана, гранка на Латеранскиот Понтификален Универзитет. Додипломските двегодишни студии започнаа во 2013 година, веднаш по кои продолжив запишувајќи се на докторски студии на истоимената академија, каде што сум редовен студент.

Дали тоа што сте православен теолог е некоја пречка за студии во Ватикан, како центар на Католичката црква? Дали имавте проблем во прифаќањето на колегите католици?

ГОГОВСКИ: Ватикан како институција е голем поборник за екуменизмот и како таква води сериозна политика кон приближување на односите помеѓу Римо-католичката црква и сите цркви во светот, а особено православните, до непријатни искуства не дошло, како кај моите претходници, така и кај мене. Прифатени сме како собратја христијани, иако различни во устројството, но исти по дух. Еве, веќе четврта година како сум помеѓу нив, и морам да признаам дека се чувствувам како дома. Во Академијата, а и во студентскиот дом Руссикум (екстра-територијална зграда на Ватиканската држава), сите сме едно мало семејство, никогаш го нема тоа чувство на недостапност на професори, туку напротив, тие ни се секогаш на располагање, ставајќи се себе си во служба на студентот, а не обратно. Колеги католици, пак, имам од цел свет. Таа размена на културолошки план, парагонизирајќи ги различните култури, обичаи и традиции кои нè прават членки на оваа или онаа нација, не само што допринесува да се збогатиме со нови искуства, туку и нè прави да се зближиме што повеќе, рушејќи ги сите оние бариери на страв од непознатото, правејќи нè посредници во градењето на еден доста цврст пријателски однос помеѓу себе, кој сигурен сум ќе продолжи и по завршувањето на студиите.

Кога ќе се спомне дека некој православен теолог се надоградува на католички универзитет многумина сметаат дека на тој начин се врши влијание врз образованието и напуштање на православните фундаменти на Христијанството. Дали тоа има некаква врска и како да се објасни таквиот став?

ГОГОВСКИ: Наставната програма на Понтификалните Универзитети не е само про-Западно ориентирана. Постојат и цела една низа на ориентално-источни студии кои се втемелени во наставните програми благодарение на таа екуменска политика. Нема ни простор, ниту причина за напуштање на православните фундаменти на Христијанството. Изучувањето на западната теологија не е на одмет за ниеден студент, па ни за православниот, туку напротив, се здобива со пообемно знаење за Западните Отци, т.е. за католичката екумена, нејзино функционирање, еволуција и развој, знаење кое повеќе ќе му помогне во иднина, отколку одмогне, така што не гледам никаква пречка зошто некој да не ја изучува и таа страна на теологијата. Секое она мислење дека доколку си православен (по основа) и по default треба да студираш во православни образовни институции е погрешно. Благодарение на отвореноста на нашите архиереи и пастири, од кои дел од нив студирале на некои од Понтификалните Универзитети, и кои се залагаат за образованието и просветата во нашата Мајка Црква, односно продолжуваат да праќаат студенти во вакви образовни институции со единствена цел, нивно академско теолошко растење, има надеж дека таа бариера во размислувањето еден ден ќе исчезне.

Како тамошните професори теолози гледаат на Македонската православна црква-ОА и на тоа што таа се уште нема автокефален статус во православниот свет?

ГОГОВСКИ: На оваа тема имам дебатирано, како со професори, така и со колегите. Заклучокот е дека повеќе има сожалувања за ситуацијата, отколку нејаснотии зошто тоа се случува. Сите се/сме свесни кои се причините, и кои се ставовите и кај нас, и кај нив, но никој од тамошните професори, академици, теолози, студенти и сл., не може ништо да направи. Сепак, се работи за проблем во ортодоксијата, односно во премногу акцентираната етнофилетистичка политика која завзема замав со оформувањето на нациите (18ти – 19ти век). Сметам дека на МПЦ-ОА не ѝ требаат надворешни посредници во решавање на проблемот. Доколку такво нешто се случи, мислам дека тоа би создал еден дисбаланс на веќе разбранетите односи со СПЦ. Имам потполна доверба во Светиот Архиерејски Синод на нашата Мајка Црква, сигурен сум дека тие знаат што прават.

Јавноста Ве забележа на заеднички фотографии со Папата Франциск и со претставници на македонската делегација на 24 мај годинава. Во која функција бевте таму? Како се најдовте во близина на Папата? Каков соработник е тој?

ГОГОВСКИ: Како единствен студент на МПЦ-ОА во овие четири години во Рим, повеќе беше прашање на среќа, отколку што можев самиот да издејствувам да се најдам во близина на актуелниот Папа Франциск во служба на официјален преведувач за македонски јазик. Врвот на the Holy See Press Office, односно тогашниот директор padre Federico Lombardi, сакајќи да им ја исполни желбата на персоналот на Ватиканското Радио кое се бави со многубројни дејности скоро на сите јазици во светот, Ватикан да има и претставник – преведувач за македонски јазик, како језуит собрат на језуитите од колеџот Руссикум, дојде до информација дека МПЦ-ОА има свој актуелен претставник, односно студент и ме исконтактираа понудувајќи ми ја таа функција. Така, од 2013 година па до сега, ја извршувам таа функција со задоволство и голема чест. Првенствено и преведувам на нашата делегација сето она што го говори Папата, а ако делегацијата не носи свој преведувач, тогаш преведувам напоредно на двата јазика.
Папата Франциск не го гледам како соработник, ниту тој мене како преведувач, туку имаме развиено еден доста пријателски однос, однос на кој што сум особено почестен.

Колку Папата е запознаен со сотојбата во Македонија на политички, историски и културен план? Тука би можеле да кажете и неколку реченици и за релациите меѓу Ватикан и Македонија, односно каква и колкава може да биде поддршката на Ватикан кон нашата држава на политички план во Европа и пошироко?

ГОГОВСКИ: Ватиканската држава има воспоставено стабилни дипломатски односи со нашата земја, кои траат повеќе од дваесетина години. Сосема доволно се запознаени со сè околу нашата земја, до детали. Како плод на добрите дипломатски односи помеѓу овие две држави беше и минатогодишната посета на the Secretary of the State, кардиналот Pietro Parolin, вториот човек во државното уредување на истоимената држава, што не е ни најмалку за потценување, туку напротив, знак дека Македонија и Ватикан имаат стабилно долгогодишно пријателство кое продолжува да расте.

Дали студирањето во Ватикан Ви овозможува пристап до неговите архиви и дали сте истражувале и сте нашле некакви интересни историски податоци поврзани со Р.Македонија?

ГОГОВСКИ: Самите студии на било кој од Понтификалните Универзитети дозволуваат пристап до голем број на библиотеки во сопствените образовни институции, но доколку конкретно Ве интересира дали секој од нас има пристап до Ватиканската библиотека и архиви, тогаш ќе ви објаснам поубаво. Имајќи во предвид дека во Ватиканската библиотека има голем број на документи, списи, книги и сл. од непроценлива културолошка или материјална вредност, влезот во истата бара поминување на одреден бирократски процес за добивање на дозвола за влез во конкретен сектор. Не е невозможно да се добие, но лично немам побарано, затоа што сум немал потреба. Сепак подготвувам докторат по етика и не верувам дека би ми дозволиле да ги истражувам нивните архиви по историја, колку и да сум македонец.

Што мислите, каков Папа е Франциск?

ГОГОВСКИ: Како личност папата е скромен, но не е повлечен. Секогаш е отворен за разговор со обичните луѓе, зашто тој пред се, е народен човек. Многу е интелигентен, флексибилен и разумен во одлуките. Годинава, својот осумдесетгодишен роденден го славеше во друштво на бездомници, а не на кардинали. Од досегашните средби со него морам да напоменам дека ниту еднаш не сум го видел намуртен, тој е секогаш насмеан, иако е преоптоварен со голем протокол и работни обврски. Тој ги тргна од употреба и црвените чевли, кои беа препознатливи обувки на сите папи . Носи најобични црни чевли, што говори дека не сака да се издвојува од народот. Чест ми е што лично го познавам и што сум во негова близина овие неколку години. Нека Бог го дарува со крепко здравје, како и сите нас.

Пишува: Радмила Заревска

 

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *