Почетна Анализа Македонската автокефалност на врвот на агендата на православната дипломатија
Македонската автокефалност на врвот на агендата на православната дипломатија

Македонската автокефалност на врвот на агендата на православната дипломатија

503
1

Додека Македонската православна црква-Охридска архиепископија ја чека официјалната покана од Вселенската патријаршија за средба со Српската православна црква во Истанбул, продолжува дипломатската битка меѓу двете најмоќни цркви во православието, како Вселенската патријаршија и Руската православна црква. Овој пат процесот на борбата за превласт се одвива преку Ерусалимската патријаршија, која изминативе месеци се обидува да организира средба на поглаварите на сите автокефални православни цркви во Аман, Јордан, кон крајот на февруари годинава, токму како одговор на одлуката ВП да ја признае автокефалноста на Украинската православна црква, но и за најавите за признавање на македонската автокефалност. На овој собор, според најавите, треба да се зборува дали Вселенската патријаршија има право да издава томос за нови автокефални цркви, односно да се бара консензус од сите цркви за прогласување автокефалност, нешто што со години го протежира Руската црква.

Откако вселенскиот патријарх со писмо го известил ерусалимскиот патријарх дека не ја прифаќа иницијативата, учеството го откажале и атинскиот архиепископ Јероним, кипарскиот Хризостом, албанскиот Анастасиј, но и варшавскиот митрополит Сава, поглавар на Полската православна црква. Категорично против таквата идеја се изјаснил и александрискиот патријарх Теодор, како и грузискиот патријарх Илија. Бугарскиот патријарх Ноефит не се изјаснил дека ја прифаќа иницијативата, што, според експертите, се толкува како одбивање. Романската православна црква, пак, соопштила дека нема да го испрати патријархот, туку само црковна делегација, што експертите го сметаат како несогласување со идејата да се одржи таков собор на поглавари свикан од ерусалимскиот патријарх.

Во овој момент, освен ерусалимскиот патријарх Теофил и најзаинтересираниот за оваа средба, рускиот патријарх Кирил, позитивен одговор за учество испратиле антиохискиот патријарх Јован и архиепископот на Чешка и Словачка Ростислав, кои се дефинирани како „сателити на Москва“ во православието. Грчките медиуми, кои го анализираат овој собор, пишуваат дека најнеизвесна е позицијата на српскиот патријарх Иринеј, кој во принцип активно ја поткрепува Руската црква во спорот со Украина, но сака да игра и на картата со Вселенската патријаршија поради најавите Вартоломеј да признае автокефалност во Македонија.

Сепак, според познавачите на состојбите во православието, и покрај одбивањето на голем дел поглавари, средбата во Јордан, најверојатно, ќе се случи.
– Таа средба во суштина нема да има влијание врз тоа како ќе се решава прашањето за МПЦ, затоа што тоа прашање веќе официјално го презема вселенскиот патријарх. Ако признае тој автокефалност за МПЦ, сосема извесно е дека оние цркви чии поглавари се на страната на РПЦ, нема да се согласат со тоа – посочуваат познавачите.

Во МПЦ официјално велат дека по средбата на македонската државна делегација кај патријархот Вартоломеј сѐ уште нема ништо ново.
Владиката Тимотеј, портпарол на Синодот на МПЦ, вчера кратко изјави дека за сите поместувања на овој план јавноста ќе биде навремено известена.
– Ниту имаме најави од Вселенската патријаршија, ниту сме добиле некакво писмо од Српската црква – информира владиката Тимотеј.
Инаку, вселенскиот патријарх на почетокот на годината, по посетата на македонската делегација во седиштето на Вселенската патријаршија, одлучи да се поканат претставници од Српската православна црква и од МПЦ-ОА, во насока на советување и обид за наоѓање заеднички прифатливо решение меѓу двете страни. Засега во Македонија само доскорешниот премиер Зоран Заев имаше иницијатива за поддршка, со писмото што го испрати до вселенскиот патријарх и во кое побара решавање на статусот на МПЦ-ОА.

Првичните прогнози на македонската експертска јавност се дека македонското црковно прашање станува дел од приоритетите на Вселенската патријаршија и во периодот што следува треба да се очекуваат многу поконкретни чекори за решавање на овој повеќедецениски проблем во православието.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

Коментар(1)

  1. Сестро Радмила ,немој погрешно да ме схватиш,али ниси баш познавалац прилика у Православљу. Немој се љутити ,али све твоје предходне анализе биле су чист промашај. Или се мало удуби у материју или мењај занимање. Пиши о спорту или кулинарству. Опрости молим те,али ово је добронамеран савет

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *