Почетна Проповеди Македонија е местото што Бог го создал за нас и немаме право да се одречеме од тоа
Македонија е местото што Бог го создал за нас и немаме право да се одречеме од тоа

Македонија е местото што Бог го создал за нас и немаме право да се одречеме од тоа

438
0

Илинденско послание на Архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан и Синодот на МПЦ-ОА

Таква била верата уште на првите христијани, а таква е и верата на православните Македонци низ вековите. Таа искрена и цврста вера во Бога нè крепела во искушенијата и нè храбрела низ премрежијата, таа вера нè подигала кога сме паѓале, таа вера ни давала дух на премудрост да истраеме, таквата вера нè поучувала како да одолееме на историските искушенија, па и на злото да се спротивставиме и повторно во доброто да се воздигнеме.

stefan ilijaМакедонскиот народ е меѓу оние народи кои долго се бореле и ја очекувале својата слобода. Долги биле ропствата и бројни столетијата во кои страдал нашиот народ под јаремот на туѓите владеења. Но Господ тоа го допуштил за да ги зацврсти трпението, меѓусебното единство, како и љубовта кон својот род, кон својата земја и кон Бога. Божјата промисла тоа го допуштила за нашиот народ – за да сведочи со своето смирение и трпение како се доаѓа до вечните вредности на вистината и мирот, на слободата и љубовта.

Тежок и трнлив е патот на вистината, но не е непрооден. А Македонецот, со Божја помош, секогаш пронаоѓал начин како да го изоди, надевајќи се дека јаремот што му тежи, и жезолот што го поразува, и стапот на угнетувачот – Бог ќе ги порази, како што порачува големиот пророк. Верувал нашиот народ дека Бог го избира она што е слабо на овој свет, за да ги посрами силните.

Македонија, нашата мила Татковина, низ историјата на народите некогаш била една од најславните земји. И не случајно, при појавата на христијанството, во времето на светите апостоли, таа била местото од каде што е посеано првото евангелско семе во Европа.

stefan ilija 5Во времето, пак, на светите браќа Кирил и Методиј Солунски и нивните свети ученици Климент и Наум Охридски, Македонија е катедрата од каде што се утврдувала христијанската вера, писменост и култура меѓу македонскиот и меѓу словенските народи. Да Му благодариме на Бога зашто живееме во земја осветена со верата Христова и облеана од крвта на многуте Христови маченици, светии и херојски жртви од борци и поборници за народната и духовната слобода. Затоа ние Македонците од Христа не можеме да се одречеме, зашто Тој ни е Животодателот и Патеводителот, а Македонија не можеме да ја обезимиме и промениме, зашто на нејзино тло живееме и од неа ги ползуваме сите Божји благодети. – Таа е местото што Бог го одредил за нас! Таа е нашето благословено пребивание за сите времиња, дадено за наше опстојување и спасение!

Возљубени потомци на славните илинденци,

Кој не се грижи за земната, тој не е достоен ни за небесната татковина! Нашите дедовци и прадедовци ја сакаа својата родна земја, ја бранеа и се бореа за неа, а многумина и животите си ги дадоа. Многупати Македонецот се оттргнувал од канџите на ропството и ѝ се радувал на слободата. Кога, пак, ќе потпаднел под нечие ропство, тој преку подвигот на покајанието и молитвата ја посакувал слободата. Живеел и умирал со надеж, верувајќи во слободна иднина и победа на Божјата вистина и правда.

Православието е вера исполнета со слобода во доброто, зашто каде што е Духот Господов, таму има слобода.

stefan ilija 4Македонецот, иако честопати поробен, секогаш бил духовно силен и непобеден. Знаејќи дека само слободниот народ може вистински духовно, национално и економски да напредува, се дигал на вооружени борби и востанија за ослободување од ропствата. Најславно меѓу сите е Илинденското востание! Тоа било глас на македонскиот народ за своја слобода и правдина и за свое место меѓу слободните земји и народи. Тоа било наш глас дека постоиме, дека сме свои на своето, и дека и ние го заслужуваме она што им припаѓа на сите слободољубиви народи.

Победата никогаш не им припаѓа на оние коишто прават неправда, коишто посегнуваат по туѓа земја и слобода. Победата е секогаш со вистината, правдата и љубовта, а не со силата и насилството. Затоа, Илинден, обидот за наше конечно воскресение, е показател дека заслужуваме да бидеме слободни и обединети. Тоа е нашето наследство од татковците, кое не смееме да го заборавиме.

Славното минато треба да ни биде патоказ и во сегашноста и во иднината! Идеалите на илинденците треба да бидат идеали за сите македонски генерации! Илинден треба секој Македонец да го носи во себе каде и да оди, каде и да живее! Илинден не завршил во 1903. година во Крушево и на Мечкин Камен, туку трае и ќе трае во секое време и на секое место, зашто секогаш, насекаде и отсекаде треба да се брани Татковината!

Возљубени во Господа,

Единството е услов да постои и да опстои еден народ, особено во овие времиња преполни со искушенија. Затоа, потребно е да имаме и богомислие и родољубие, па така единствени да се спротивставиме на сите непријатели и во слога и братољубие да ги решаваме сите проблеми.

Ако се одродиме од Бога, ќе го изгубиме изворот на вистината, па ќе талкаме по беспатието на злото. Ако, пак, се одродиме од патриотската едномисленост и родољубие, ќе бидеме препуштени на разединетост и поделби, кои ќе нѐ однесат во длабока пропаст.

Sveti ilija 1Тешко им на оние кои злото го нарекуваат добро, а доброто зло; темнината ја сметаат за светлина, а светлината за темнина. Затоа, да се покаеме и да се измириме, и помеѓу себе и со Бога, па, очистени со благодатта Божја, да им се спротивставиме на сите меѓусебни поделби и несогласија. – Само сплотени и единствени, ќе можеме да им одолееме на искушенијата и да опстоиме како народ и држава!

Христијанската вера и Христовата љубов се длабоко вкоренети во личниот и семејниот живот на Македонецот. Затоа, како народ треба да Му благодариме на Бога за сите дарови со кои нѐ обдарил, и да бидеме свесни дека без Бога не можеме ништо да направиме.

Да се молиме Семоќниот Бог да ни подари и во ова време цврстина во верата, како на светиот пророк Илија и на сите светии во Господа. Само така, со таква вера, смело, слободољубиво и братољубиво ќе го следиме примерот и ќе чекориме по патеките поставени од нашите великани и херои, илинденци, борци и бранители, паднати за слободата на нашиот народ и татковина.

Не случајно Илинденското востание е подигнато на денот кога Православната црква го празнува светиот пророк Илија, големиот старозаветен праведник и богоугодник, ревнител за Божјата вистина, но и борец за доброто и слободата. Тој е и пророкот кој ќе биде претеча при второто Христово доаѓање, кој повторно ќе се јави за да го разобличи антихристот, за да ја објави вистината за доаѓањето на вистинскиот Спасител.

Големината на свети пророк Илија не поминува во времето, ниту со времето – туку таков ќе остане во вечноста. Времето и просторот во кои тој живеел и делувал се дамнешни и далечни, но тоа не ја намалува неговата големина, слава и значење и за нашево време. Да се молиме на Бога, светиот пророк Илија да биде и наш молитвеник и застапник пред Божјиот престол.

Возљубени чеда на нашата мајка – Светиклиментова црква,

Македонската православна црква е заедно со народните празнувања на Илинден, зашто таа секогаш била со својот народ, а и тој со неа. На овој голем ден да си припомниме и за овогодишното наше духовно и сенародно одбележување на илјада и стогодишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски – патронот на нашата света Црква и заштитникот на македонскиот народ и земја. Неговиот пример нека биде наш идеал како се брани и Божјата и народната вистина, како се чува јазикот и писмото, како се знае и живее верата…

Свети Климент бил и останува наш постојан пример за богољубие и човекољубие, за правдољубие и вистинољубие, за принципите коишто носат мир и љубов, и со Бога и со луѓето.
Чествувајќи го Илинден, и овде во Татковината и насекаде по светот, да си спомнеме за душите на сите знајни и незнајни загинати за духовна и национална слобода на македонскиот народ, за сите борци и бранители и за сите страдалници и жртви паднати за слобода на Македонија.

Нека им е вечен споменот! Нека ѝ е вечна слободата на Македонија! Честит Илинден!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *