Почетна Вера Македонците од Албанија го честитаа Божик
Македонците од Албанија го честитаа Божик

Македонците од Албанија го честитаа Божик

47
0

Македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана, од името на сите Македонци во Албанија, по повод Христовото раѓање-Божик, упати честитка до Поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство архипископ Охридски и Македонски г.г. Стефан и до сите православни верници.

– Дозволете ми од мое лично име, од името на друштвото и на сите Македонци кои живат во Албанија, Вам лично, на членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божиќ, и да ви посакам здравје и среќа, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај.

Во неа се наведува дека Божик е празник, кој секој христијанин го дочекува во кругот на семејството радувајќи се и славејќи го животот.

– И оваа година Божик нека биде инспирација, сплотени со отворени срца и чиста мисла да помислиме на сите оние на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа и безрезервно да им ја понудиме нашата помош. Токму во духот на христијанството, дозволете уште еднаш да посакаме во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните. Христос се роди, стои во честитката на македонското друштво Илинден.

Христовото раѓање Македонците во Албанија во областите каде живеат го празнуваат во духот на македонските обичаи и традиции, разменувајќи си желби за здравје, среќа, мир, благосостојба и со присуство на светите богослужби во храмовите во Мала Преспа, Голо Брдо, Врбик, како и Корча, Билишта, Подградец, Елбасан и Тирана.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *