Почетна Интервју Македонците и МПЦ се реалност
Македонците и МПЦ се реалност

Македонците и МПЦ се реалност

136
0

Велигденско интервју со владиката Агатангел

Надежта за признавање на македонската автокефалност не била никогаш пожива, во светлината и во духот на најголемиот христијански празник Велигден. Во пресрет на овој празник, на битието на животот, на постоењето и нашето суштествување како Македонци, едно од основните прашања на Македонската православна црква-Охридска архиепископија е решавањето на автокефалниот статус на МПЦ-ОА, особено откако Вселенската патријаршија најави дека ќе се заложи за тоа. Токму во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, повардарскиот митрополит Агатангел, во интервју за „Нова Македонија“, вели дека МПЦ-ОА, придржувајќи се, усвојувајќи и применувајќи ги сите вековни канонски правила, со децении постои, егзистира и дејствува како автокефална црква, но поради црковното устројство е потребно нејзино официјално прифаќање меѓу православните цркви.
– Нашата автокефалност ќе биде остварена доколку црковните великодостојници од сестринските православни цркви успеат да се надминат себеси и своите предрасуди, конечно посведочувајќи ја евангелската љубов кон македонскиот православен народ. Недостига само добрата волја, сè друго е комплицирање на работите и прислужување на нечестивиот, кому единствена цел му се неслогата и омразата во овој свет – вели Агатангел.
Според него, патот до автокефалноста сега води преку Вселенската патријаршија, но молкот што сѐ уште го има кај вселенскиот патријарх Вартоломеј, според него е прашање на време.

Македонската православна црква-Охридска архиепископија ќе одбележи уште едно Христово воскресение. И оваа година останува надежта дека православните цркви ќе ја препознаат реалноста за Македонската црква. Какви се вашите очекувања, можно ли е оваа година да има поместување во правец на решавање на црковниот проблем?
– Надежта дека конечно ќе биде прифатена реалноста на нашето црковно постоење, како и секогаш, е присутна. Во текот на сите овие години, како автокефална Македонска православна црква-Охридска архиепископија, постојано растеме и напредуваме, како во внатрешната организираност, така и во духовната мисија, односно во евангелизацијата и проповедта на Словото божјо меѓу народите што живеат во нашата татковина Македонија. Факт е дека формално не сме прифатени од сестринските православни цркви во светот, но факт е и тоа дека секојдневно сме признаени од душите на нашите браќа и сестри, кои активно се црквуваат и врз кои секојдневно и изобилно се излева божјата благодат во процесот на нивното спасение и преумување. Прифаќањето на нашата црковна автокефалност е политичко прашање и зависи од волјата на несовршениот човек, а преобразбата и духовната преродба на личноста зависат од нашиот внатрешен подвиг и од благодатта и волјата божја.
Единствениот наш „грев“, кој со години ја закочува нашата автокефалност, е нашето македонско име и овој проблем нема никаква втемеленост во Христовото учење, во преданието на светите отци и во каноните и правилата на Светата православна црква.

Според тоа, дали ќе има поместување во правец на решавање на македонскиот црковен проблем, не зависи од нас, бидејќи ние, македонскиот народ, не можеме да бидеме она што не сме, ова многу повеќе зависи од тоа дали црковните великодостојници на сестринските православни цркви ќе успеат да ги надминат своите човечки слабости и предрасуди, па конечно ќе го спроведат Евангелието на дело и ќе ги применат неговите напатствија во секојдневниот живот. Православниот верник не прашува од која култура или традиција доаѓа поединецот во црквата. Вистинскиот христијанин го прифаќа и прегрнува секој човек на овој свет, без разлика на неговата расна или национална припадност. Врз овие начела почивала и надежта на нашите славни предци, возобновители на Охридската архиепископија, а почива и нашата надеж дека конечно ќе бидеме прифатени како православни Македонци од страна на нашите браќа по вера. На овој свет му се потребни евангелската љубов и сведоштво, а не некакви безлични правила во кои вешто ќе ги затскриваме злобата и омразата кон нашиот ближен, па кој било да е тој.

Иако многумина очекуваа дека по Преспанскиот договор, по некаква аналогија, вселенскиот патријарх ќе го отвори официјално прашањето за ма­кедонската автокефалност, сепак засега нема никакви сигнали дека тоа може да се случи наскоро. Како го оценувате овој молк од Вселенската патријаршија?
– Неправдата не може да изроди правда. За овој ноторен факт е свесен и Светиот синод на Вселенската патријаршија. Лицемерно и недопустливо е најпрво да го понижуваш и убиваш својот ближен, а потоа, во исто време, со медикаменти и електрошокови да го реанимираш и одржуваш во живот. Тоа е невидена тортура и изживување, кои се одвратни пред лицето божјо. Затоа, преку овој молк некој си купува време, надевајќи се дека заборавот ќе ја смири неговата совест. Од Вселенската патријаршија не сакаат да бидат вечно обележани и запаметени како обични националисти и слуги на приземните интереси на своите назадни национални водачи. Во нашата света Македонска православна црква ништо суштински не е сменето по Преспанскиот договор и баш би сакал да го видам нивниот аргумент, кој сега на магичен начин ќе нè направи поподобни за признавање на нашата автокефалност. Сега ќе им биде ли повеќеприфатлив и подраг обезличениот наемник, кому не му е грижа за доверениот имот, отколку оној што со Христа на чело ја кажува вистината. Што ќе му кажат на Господа кога неминовно еден ден ќе застанат пред неговата правда? Што ќе смислат и одговорат: Господи, не беше прифатлив овој човек, бидејќи како Македонец чепкаше по нашите предрасуди! Бидејќи се свесни за големиот грев што му го направија на овој народ, затоа и ќе молчат извесно време. Веројатно, сè до оној момент кога ќе бидат способни најпрвин себеси да се прифатат. Ова не важи само за Вселенската патријаршија, ваков однос спрема нас имаат и другите претставници на православните цркви.

Дали вселенскиот патријарх е вистинската адреса за добивање автокефалност? Ова во контекст на некои ставови во јавноста дека адресата за решавање на проблемот на МПЦ-ОА е Српската патријаршија.
– Црковната автокефалност е практично делотворна во оној момент кога ќе има заемно и меѓусебно сослужување. Но факт е исто така дека одредена помесна црква треба да биде запишана во диптихот на автокефалните цркви и треба да ѝ биде доделен томос за нејзината автокефалност. Ние со децении бевме упатувани да го решаваме македонскиот црковен проблем со Српската православна црква. Но по примерот со признавањето на автокефалноста на Украинската православна црква, гледаме дека постои и друг пат за добивање црковна автокефалија. Според тоа, можеме да заклучиме дека постојат различни патишта до стигнување на целта. Наш интерес е, не губејќи надеж, да се обидуваме и да ги користиме сите можни шанси. Реков, и пак ќе повторам, ние како Македонска православна црква – Охридска архиепископија, придржувајќи се, усвојувајќи и применувајќи ги сите вековни канонски правила, со децении постоиме, егзистираме и дејствуваме како автокефална црква. Единственото нешто што ни недостига не зависи од нашето црковно устројство. Нашата автокефалност ќе биде остварена доколку црковните великодостојници од сестринските православни цркви успеат да се надминат себеси и своите предрасуди, конечно посведочувајќи ја евангелската љубов кон македонскиот православен народ. Недостига само добрата волја, сè друго е комплицирање на работите и прислужување на нечестивиот, кому единствена цел му се неслогата и омразата во овој свет.

Очекувате ли поддршка за МПЦ-ОА и од други православни цркви во процесот пред Вселенската патријаршија?
– Да, се разбира. Веќе имаме отворена поддршка и разбирање за нашата состојба од страна на видни црковни великодостојници од сестринските православни цркви, за што искрено сум им благодарен. Но, сепак, за волја на вистината, генерално погледнато, спрема Македонската православна црква моментално владее и е во сила лицемерството и т.н. „тапкање по рамо“. Мнозина што со полни усти се претставуваат како наши браќа по вера, а некои и по крв, кога ќе дојде времето да се дејствува, затскриено и тајно се повлекуваат во мракот на своите предрасуди. Таков беше примерот со една наша соседна православна црква. Но тоа е реалноста. Такви биле нивните татковци и дедовци кон македонскиот народ, па не може да се очекува дека поинакви ќе бидат и нивните синови. Наше е да истраеме и да бидеме трпеливи и посветени на мисијата и благословот што ни го дал самиот Господ Бог помеѓу македонскиот народ. Оној што му се противи на Бога и на неговата правда е губитник уште за време на овој живот. „Ниедно царство не може да се одржи доколку во него има раздор. Семејството се распаѓа ако во него има неслога… Кој не е со Мене, тој е против Мене; и кој не собира со Мене, тој растура.“ – вели Христос во Евангелието.

Колку сте задоволен од развојот на црковниот живот на МПЦ-ОА?
– Да не бидам погрешно разбран, но убеден сум дека МПЦ-ОА во некои аспекти од црковниот живот е многу поразвиена од некои постари, повеќебројни и побогати автокефални православни цркви. МПЦ-ОА е релативно млада црква. Ние минатата година ја прославивме педесетгодишнината од прогласувањето на нашата црковна автокефалност. Факт е дека започнавме речиси од ништо. Во текот на пове­ќевековното црковно и национално ропство систематски биле ограбувани и уништувани духот, душата и националното битие на македонскиот православен народ. На почетокот имавме проблем со недостиг од свештенички кадар, па во текот на годините создававме сопствени образовни институции, кои и ден-денес ги одржуваме со сопствени средства.

Не постоеше град, село или населено место каде што црквите и манастирите не беа во запуштена и руинирана состојба. Со текот на годините и со огромна поддршка на верниот македонски народ, се обновија старите храмови и се изградија нови духовни светилишта, кои ги красат и разубавуваат нашите средини. На црквите и манастирите се гледаше како на археолошки остаток од минатото. Посетата на храмовите и активното учество во литургискиот живот на Црквата Христова беа на многу ниско ниво. Сега, пак, не постои парохија каде што нема цврста и активна литургиска заедница. Македонската православна црква секојдневно на терен ја пренесува радосната вест за воскреснатиот Спасител и ја посведочува „новата твар“, како што впрочем и сме научени и упатени од светиот апостол Павле уште пред 2.000 години.

Има ли МПЦ-ОА, или вашата епархија, отворени прашања со државата?
– Повардарската епархија нема никакви отворени прашања со државата. Мислам дека единствено недостигаат малку поголема отвореност и соработка на државните институции. Државните претставници секогаш треба да имаат предвид дека ние, црковните лица, никогаш не работиме за личниот интерес. Црквата не е наша лична сопственост, ниту пак нејзиниот имот го наследуваат нашите непосредни потомци. Она што се вложува во црквата останува во црковната ризница за навек, како сеопшто народно наследство. Државите и државните граници и уредувања се менуваат, а единствено црквата останува вечна и неизменета. Оној што ја гради и се вградува во црквата, го изградува и облагородува и своето духовно и културно потомство. Па, затоа, државните институции како најважен и најмоќен чинител на нашето општество, сметам дека не треба да се воздржуваат од отвореноста, соработката и нудењето помош на Македонската православна црква. Ова е основен и здраворазумен интерес на секое цивилизирано општество, па и на нашето.

Изминатите две години честопати јавноста можеше да ве види на јавни настапи, а и преку колумни ги искажувавте вашите ставови поврзани со политичките случувања во државата. Многупати бевте критикуван дека заземате политички ставови. Кој е вашиот коментар за тоа?
– Не можам да се согласам со констатацијата дека некогаш сум заземал политички ставови. Мислам дека тоа се злобни и неосновани забелешки. Јас сум жител на оваа држава и мое основно човеково право е да имам мислење за општествените појави и да коментирам за актуелните случувања во нашата татковина. Занимавањето со овие теми не е работа и право на самоповикани „специјалци“. Не сум ни првиот ни последниот црковен човек во нашата историја што не застанал зад народните интереси во моментите кога истите тие, однатре или однадвор, биле загрозени и нападнати. Моја основна дејност е да зборувам за вистината и одлучно да застанувам на патот на растечката неправда. Ако понижувањето и обезличувањето на цел еден народ пред Бога се голем грев, тогаш уште пострашни се молчењето и нереагирањето при ваквата нечесна општествена појава. Мене искрено ми е жал што на многу странци на кои воопшто не им е грижа за Република Македонија и за иднината на нашиот македонски народ им беше повеќе дозволувано да коментираат и безобразно да се мешаат во нашите внатрешни работи отколку мене, кој со целото свое срце е посветен и го сака најдоброто на македонскиот народ и на македонската држава. Црквата не е туѓинка во ова општество, напротив, таа е еден од носечките столбови на оваа држава.

Црквата е составен дел од духот и погледот на свет на овој народ, па колку и да сакаме да го негираме тоа. Историјата на Македонската православна црква е испреплетена со историјата на македонскиот народ и со неговата вековна желба за формирање независна и суверена македонска држава и автокефална Македонска црква. Не постои ниту еден проглас во македонските буни и востанија во кои точка број еден не е возобновување на древната Охридска архиепископија и создавање автокефална Македонска православна црква. Зачувувањето на македонското име и македонскиот карактер на оваа држава не е грижа на ниту еден странски емисар, тој си го штити сопствениот интерес. Борбата за македонскиот идентитет, јазик и историја е обврска на нашава генерација. Токму поради тоа и бев гласен и предупредував дека наивно, неподготвено и евтино ги погазуваме и распродаваме сите напори и сите жртви што со векови ги давале и поднесувале нашите предци и нашите црковни и национални великани. Мислам дека ќе биде доцна кога многумина ќе сфатат дека од оваа операција корист ќе имаат само моќниците од овој свет. Но, како и да е, едно сум сигурен, Македонија е длабоко врежана во секое македонско срце и овој вековен натпис не може да го избрише ниту еден договор, ниту пак кое било насилство.

Ја користам оваа пригода на сиот македонски православен народ да му посакам среќни и благословени велигденски празници. Душите сјајно нека им светат и нека бидат весници на духовната радост во нашето општество, а нивните праведни дела нека бидат основа на мирот, меѓусебната почит и солидарноста.

Ја благословувам оваа света македонска земја и мојата душа – мојот македонски народ. Божјата благодат и љубовта Христова, преку Неговото свето воскресение да ги чува и закрилува секое парче македонска земја и сиот македонски народ.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *