Почетна Репортажа Магијата на Св. Јован Канео- симболот на Охрид
Магијата на Св. Јован Канео- симболот на Охрид

Магијата на Св. Јован Канео- симболот на Охрид

67
0

Легендата вели: Охрид имал 365 цркви, по една за секој ден од годината. Ако денес се ѕирне над и под тлото, може да има и повеќе. Сите се со своја убавина, но Св. Јован Богослов е најмистичната и најфотогеничната.

Ако не сте биле на Канео, како да не сте го посетиле Охрид, ќе ви речат локалните туристички водичи . Тоа е  исто како да одите во Берлин, а да не ја видите Брандербуршката порта или во Париз да не се качите на Ајфеловата кула…

И ретките се тие што со намера не дошле да ја видат убавината. Спојот на природата со архитектурата и синилото на езерото и небото. И не се знае кога е поубава глетката од Канео? Годишните времиња се менуваат, а црквата останува иста. Како што  секое камче во градот на ридот има своја историја која си ја шепоти,а некој треба да ја слушне, така и црквата има своја приказна  која ја прави посебна и единствена надвисната над клифот на езерото.

Канео доаѓа од латинскиот збор „caneo“ што значи сребрено

-Еднокорабната октоаголна црква посветена на Св. Јован Богослов, изградена е на карпата над надводната пештерска црква посветена на Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста. Нејзината градба почнала во 1365 год., под покровителство и ктиторство на севастократорот Бранко Младен, прогласен за управител на градот Охрид од страна на српскиот цар Стефан Душан. Црквата, освен по светецот, името го добила и според старата рибарска населба Канео, во чија близина и се наоѓа… Зборот “канео” доаѓа од латинскиот збор “caneo “, што во превод значи ” сребрено”, вели д-р Томислав Тунтев, автор на книгата  „Светиот завет“ која сама за себе е своевидна историска читанка за Охрид и охриѓани.

-Во црквата на Канео во првата половина на 13 век епирскиот деспот Теодор I Ангел бил крунисан за солунски цар, од страна на охридскиот архиепископ Димитар Хоматијан. Од посебно значење за фрескосликарството во црквата е заедничкиот приказ на тројцата големи проповедници: првиот велички епископ, учител и просветител, и патрон на Охрид, Св. Климент Охридски од Х век, охридскиот архиепископ Константин Кавасила од ХIII век и првиот ранохристијански мисионер во овие краишта, Св. Еразмо Лихнидски од III век. Исто така, значајни се двете насликани композиции во олтарната апсида на црквата: Пречистување на апостолите и Тајната вечера, додава д-р Тунтев.
Св. Јован Богослов – Канео спој на византиско – ерменската градба

За  непроценливата вредност на црквата Јорданка – Данче Матова –историчар на уметност нѐ потсети на нејзиниот познат британски колега сер Херберт Рид кој по посетата на Охрид и 30 цркви во 1961 г. запишал: – Помеѓу византиското црковно сликарство од Равена и Сицилија од една страна, италијанската ренесанса од друга страна не постои празнина, Охрид е значаен мост на европската уметност. Матова, вели дека оваа црква во себе покрај византискиот го поседува и ерменскиот стил на градба. – Св. Јован Богослов  силно потсетува на црквите во Ерменија. Истражувањата водат до податокот дека во околината на Куманово во тоа време биле населени ерменски мајстори – градители кои оставиле траги и во Македонија.

/DW

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *