Почетна Анализа Лударос: Зависноста на Охридската архиепископија од „политичко коцкање“ поставува пречки за автокефалноста
Лударос: Зависноста на Охридската архиепископија од „политичко коцкање“ поставува пречки за автокефалноста

Лударос: Зависноста на Охридската архиепископија од „политичко коцкање“ поставува пречки за автокефалноста

3.62K
1

Вселенската патријаршија го губи трпението поради калкулациите и потезите што ги влече МПЦ-ОА, последната година. Еден од најреномираните црковни аналитичари во грчкиот свет, Андреас Лударос, од „Ортодоксија инфо“ објави анализа, во која повикувајќи се на доброинформирани извори од Вселенската патријаршија предупредува дека МПЦ-ОА може на долг рок да ја изгуби долгопосоакуваната автокефалност. Лидарос во анализата пишуава дека „Според добро упатени извори на orthodoxia.info, Вселенската патријаршија со загриженост го следи односот на скопските архиереи и при сегашните околности нема ни најмала намера за какво било дејствие.

-Бездруго, земјата влегува во долг изборен процес, бидејќи првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на крајот на април, додека парламентарните избори ќе се одржат на почетокот на мај. Оние кои добро ги познаваат луѓето и состојбите во соседната земја забележуваат дека исходот од овие избори ќе го одреди и односот на Црквата. Засега сè покажува дека односот на Охридската архиепископијата е во насока на поддршка на руско-српските планови за појава на нов начин на доделување автокефалност, заобиколувајќи го Константинопол и практиката од која настанале сите автокефални Цркви, освен секако древните Патријаршии и Архиепископијата на Кипар, пишува Лударос.

Главната причини за овој расплет на односите го лицира во руското влијание под кое подпаднала МПЦ-ОА, особено за прашањето на автокефалноста во Украина.

Во продолжение целата анализа на Андреас Лударос

Во недела на Педесетница 2022 година, под сводовите на патријаршиската црква на свети Георгиј во Фанар, Стефан Охридски, штотуку излезен од пештерата на изолацијата во која се наоѓаше неговата црква со децении, великодушно раздаваше ветувања.

„Нашето ветување е дека неуморно ќе работиме за својот напредок и трпеливо ќе го чекаме тој благопријатен момент кога радосната објава од Великата Христова Црква ќе биде придружена со радосно биење на камбаните, ќе ги исполни срцата на современиците со неискажлива радост и ќе ги успокои душите на починатите“, му рече тој на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, со кого штотуку сослужуваше.

„Нека се чуе громогласно, со гласот на Мајката и Владичица Црква, начело на помесните цркви, веста за денешниот настан на обновувањето на нашето литургиско единство со православниот свет“, извикуваше со радост Архиепископот на Црквата која до неодамна единствено тој ја признаваше.

„На Вас е одговорноста на Мајката Црква за доброто и за унапредувањето на православното семејство, Ваши се привилегиите и правата, и ние не бараме ништо повеќе од она што другите го добиле, или на некој начин различен од оној со кој ги доделивте другите автокефалии во историјата и сегашноста. Имајќи ги предвид аналогиите со зборовите на Мудриот Соломон, имајќи ја предвид Вашата одговорност и првенството на служењето, заедно со привилегиите и авторитетот на Константинополската катедра, ќе кажеме: „Голема е Твојата сила отсекогаш, и на моќната рака твоја кој ќе се спротивстави? […] Имаш милост за сите, […] зашто ги сакаш сите созданија, […] душељубив“, рече архиерејот од најсвечениот амвон.

Денес, на крајот на февруари 2024 година, речиси две години подоцна, ветувањата на Стефан Охридски се изгубени, потсетувајќи на оние што поранешните зависници ги извикуваат гласно за да ги убедат другите, а и самите себе, непосредно пред да се вратат во својата зависност.

Зависноста на „Македонската“ црква од политичко коцкање

Главната причина зошто Црквата на Стефан уживаше изолација во севернокорејски стил беше нејзиното тешко занимавање со политиката. Во децениите кога властите во Северна Македонија „градеа“ наративи за Македонците, Александарите и Букефалите, тамошната Црква беше нивна света десница. Иако главната карактеристика на Православната црква како заедница е општењето и причеста, на Стефан и архиереите на неговата Црква изолацијата не им пречеше. Сѐ додека не се смени политичкиот баланс.

Односите со Грција беа обновени, празното говорење и историските екстреми престанаа да бидат официјален наратив на земјата и сè почна да зема логичен тек (колку што е тоа можно во нашето балканско соседство).

Можеби во радоста на деновите не се гледаше доволно, или оние што видоа се правеа дека не гледаат, но и ова обраќање на Охридската црква во каноничност беше направено со политичка волја. Присуството на премиерот Ковачевски во патријаршискиот храм тој ден не беше само формално.

Во секој случај, враќањето на Охридската архиепископија во каноничност беше поздравено и дочекано со пофалби од една, но и со резервираност од друга страна, бидејќи Стефан, пред да појде во Фанар, се погрижи да помине низ Белград за да го објави учеството на својата Црква во една нова политичка игра, која не беше воопшто игра на неговата земја.

Во Србија, архиепископот Стефан го доби во рацете првиот хибрид, штотуку произлезен од црковно-политичката матрица создадена од Русија и Србија. Тоа беше „Томосот на автокефалноста“ што му го предаде Српскиот патријарх Порфириј, правејќи ги Стефан и неговата Црква во суштина првото „заморче“ во експериментот инспириран од неговиот старец, човекот кој долги години работи во насока на трансформирање на Црквата на Србија во најважниот и најблизок сателит на Црквата на Русија.

Ставот што Стефан Охридски го запази во продолжение и тоа што тој на апсолутен начин го тврдеше во Фанар, остави впечаток дека не ја сфаќа сериозно „автокефалноста“ што му ја подари Српскиот патријарх. „Крај на алармот“, рекоа многумина. Меѓутоа, Вселенскиот патријарх при тоа сослужение беше дециден. „Вашиот пат оттука, па натаму, зависи исклучиво од вашето сопствено однесување и од вашите избори“, му рече тој на Стефан.

Но, микробот на политичкото коцкање веќе по повторен пат ја имаше заразено малата балканска Црква.

„Пион“ на руската шаховница

При нормални околности, денес, речиси две години по враќањето во каноничност, вистинскиот Томос за автокефалност можеби веќе и ќе беше составен. Единственото што остана беше да се поврзат делата со зборовите. Односно, доказот дека гревот станал лекција и дека враќањето во православното семејство било искрено барање. Но, Стефан Охридски денес се наоѓа подалеку од автокефалноста отколку што беше тоа утро на Педесетница во Фанар. Но зошто;

Како што зависниците продаваат бурми и стари семејни наследства за да можат да се коцкаат, не грижејќи се за последиците врз себе и врз своите семејства, така и една група во Црквата на соседната земја одлучи дека нивниот интерес не е да го добијат своето сопствено самостојно присуство во православното семејство, но постигнатото да го разменат за „привилегијата“ да станат пиони на српско-руската шаховска табла.

И сега Црквата, која преку својот Претстојател му порача на Патријархот дека „Патријаршискиот и синодален акт за нашето враќање од перипетиите на изолацијата е, и ние ќе се погрижиме да биде, темелот врз кој ќе ја градиме својата иднина, секогаш под мудриот совет на Мајката Црква Константинополска,“ го промени својот наратив. Луѓето кои молеа за враќање, признавајќи дека единствениот во православното семејство што може тоа да им го обезбеди е Вселенскиот трон, добија нови приоритети. И така, Црквата, која повеќе од половина век живееше надвор од Православието и се врати токму затоа што тоа го дозволи Константинопол, протестира затоа што слични акции беа преземени и за проблемот што се разви во Украина.

Едноставно кажано, откако беа признати како канонски, скопските архиереи одлучија дека Украинската црква не е канонска. Пред да се исуши мастилото од потписот на истиот Патријарх кој ги врати и нив и Украинците, архиереите од Северна Македонија се сетија на своето старо добро јас. Парадоксот е што иако украинската автокефалност му претходеше на враќањето на Охридската архиепископија во каноничност, ниту еден од претставниците на Охридската црква не го ни спомна тоа при примањето на Патријаршискиот и синодален акт на обнова. И како можеа да кажат такво нешто, на крајот на краиштата, кога изјавија дека „Дојдовме во мајчинската прегратка, Ваша Сесветост, по период на талкање во духовната пустина на страданието и изолацијата. Како што секој може да направи грешки, и ние направивме и ги признаваме“.

Според добро упатени извори на orthodoxia.info, Вселенската патријаршија со загриженост го следи односот на скопските архиереи и при сегашните околности нема ни најмала намера за какво било дејствие.

Бездруго, земјата влегува во долг изборен процес, бидејќи првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на крајот на април, додека парламентарните избори ќе се одржат на почетокот на мај. Оние кои добро ги познаваат луѓето и состојбите во соседната земја забележуваат дека исходот од овие избори ќе го одреди и односот на Црквата.

Засега сè покажува дека односот на Охридската архиепископијата е во насока на поддршка на руско-српските планови за појава на нов начин на доделување автокефалност, заобиколувајќи го Константинопол и практиката од која настанале сите автокефални Цркви, освен секако древните Патријаршии и Архиепископијата на Кипар.

/Андреас Лударос/ ORTHODOXIA.INFO 

Коментар(1)

  1. Ете најпосле една чисто грчка (етнофилетистичка, па дури и попрофана од самиот етнофилетизам) диоптрија при една службена “опсервација” на Македонската Православна Црква и (какво ли еклисиолошко чудо!) на македонската државна политика како клучна, дури и помудра, покатализаторска од кој било теолошки одржлив чинител за признавањето на автокефалноста на една Помесна Православна Црква (имено Македонската) со автентичен православен подвиг, многуплоден и од секој можен агол неизвалкан, независно од Нејзината многудецениска (а во суштина и вековна) изолација. Зарем некој во Вселенската Патријаршија мисли дека гледајќи ги низ толку деформирана оптика Архиереите на денешната Охридска Архиепископија, одамна возобновена во лицето на Македонската Православна Црква, ќе навлезе слободно и безобразно во нивната богодарувана духовна величина и со невиден презир и агресивност (зашто стојалиштето на Фанар во овој миг се чини токму такво) ќе им ја одземе слободата да расудуваат за суштинската еклисиолошка вистинитост на одлуките на другите поглавари на Помесните Цркви (меѓу кои е и Константинополскиот Патријарх), само и само (пустото!), да би им врачил едно парче хартија, да би ги потапкал по рамото овој или оној, за да би излегле значи од нивната ‘пештера’?! Но ‘пештерата’ е скапоцен мотив во православната иконографија, далеку од византиските палати кои за пештери некогаш барем сакаа да раскажуваат, а денес веќе и дрско ги исмеваат… Оваа т. н. анализа на наводниот експерт каква само светлина фрла врз целиот спор меѓу двете еклисиолошки струи во современиот сеправославен спор, не само врз македонското православно прашање! Ставот на Фанар може да се преведе само вака: “Ќе ви издадеме томос за автокефалност за да престанете да бидете автокефални. Отсега ќе не’ слушате нас. Ние им наложуваме на автокефалните што да мислат и како да прават. Нема да бидете во црковна изолација. Ќе бидете во блокот Цркви во кои фактички автокефални сме само ние. Сите други понизно повторувајќи ги нашите ставови, остануваат (каков парадокс!) автокефални.” Веројатно Фанар не може да остане верен ни на оној етимолошки грчки поим ‘автокефалност’ (кој подразбира возглавеност на Помесната Црква од Нејзин Поглавар, исполнетост на Таа Црква со сите дарови на Светиот Дух целесообразни на потребите на Стадото Христово што Ја сочинува како клир и верен народ, Нејзина незаменливост во Планот Божји со друга свештена ерархија или со друг венец на Светители коишто ги дала во Црквата Која торжествува со оглед на историски потврдениот принос на олтарот на верата од страна на етносот којшто го опфаќа итн.). Друга работа е што налудничавиот Лударос крајно невистинито го опишува т. н. “политичкото лутање” на македонските архиереи. Светоста на македонските архереи се покажа како кошмар за грчките етнофилетисти и нивните следбеници. Има многу илустративни примери за оваа теза, ама ќе спомнеме само неколку. Поновата историја на Македонската Православна Црква да речеме знае и за нерасветлен (политички) атентат на Архиепископ, за официјално раскинување на врските со еден о. Никодим Царкњас (камо да ги видевме Грците еднаш подготвени на таква жртва), за негување на еден совршено љубовен однос и тајно и јавно кон сите архиереи, богослови, учители, подвижници и членови на сите Помесни Цркви кои сите овие изминати децении од тесногради политички калкулации држеа цела една Помесна Црква во изолација (што за Неа не беше никаква загуба, зашто оние што страдаат заради Името Христово секогаш се многу поукрасени со Даровите Божји од оние што се изгубиле во својата земна удобност суетно клепајќи во тоа Име)… Од многу превознесување “славните” денес паднаа под нозете од “неславните”, Православието (или оние коишто себеси по некаква наследна линија се сметаат себеси за Православие со големо ‘П’) почна бесрамно да се бави со политичка трговија и да се повикува на историските корени, зашто ги изгуби од вид плодовите со кои денес го храни светот или го разнебитува. Значи, мислителите како Лударос ниту ги интересира Евангелието ниту ги интересираат Делата на Светите Апостоли, ниту Го земаат Христос како критериум во нивната мисла и подвиг. Како инаку да ја протолкуваме идејата дека се’ значајно и крепосно започнало со Константинополската Патријаршија и дека од 4 век наваму наследници на Апостолите фактички и нема, дека Таа останала единствената Апостолска Црква, бидејќи само Таа има право да потврдува каде е делото Божјо автентично и плодно, а каде не. Го нема веќе ни Петар, а уште помалку Павле, ги нема Дванаесеттемина, за Седумдесетмината и да не говориме. Тука е Фанар: еден, единствен и непогрешлив. Кај смее Христос да дарува на други нешто поголемо и посилно!? Не се знае како и кога, ама Христос му се заколнал на Фанар дека така ќе биде до крајот на вековите. Кој не верува во тоа, тој е изгубен и неговото спасение е во рацете на Фанар и неговите томоси. Инаку ќе скапе во осаменост. А кој е осамен, со него не е Бог! Оваа извртена перспектива не се срами од своето отстапништво од долговековното Предание на Светите Отци, од изгубената есхатолошка димензија на својот стремеж и од заглибеноста во калта на пресметките за земни придобивки без небесен сјај. И илјада томоси да држете во рацете и сите земни печати да се во вашите раце, ако немате покајание (ако сте неспособни за преумување и за духовно растење), како ќе бидете со Бога!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *