Почетна Коментар „Ловец на луѓе“
„Ловец на луѓе“

„Ловец на луѓе“

730
0

„Ловец на луѓе“ може да се нарече само човек со просветлен ум, човек со слово што молитвено извира од неговото очистено срце и кое допира до длабочината на срцето (и умот) на ближниот – човек со присуство во сила. Во негово присуство страстите се парализираат, демонот бега далеку, а неговото слово внесува светлина, сила и надеж во срцето на ближниот.

Луѓето кои се добронамерни, но кои за себе велат дека не веруваат – знаеме најчесто зошто, многу интересно се однесуваат во присуство на „ловецот“. Тие се чувствуваат убаво со него и повторно бараат причина да бидат со него, но не им е познат изворот на убавината што ја чувствуваат. Имаат потреба и некако телесно да ги изразат своите чувства, па бидејќи немаат навика да бакнуваат рака, тие сакаат да го гушнат „ловецот“.

Исто така, имаат желба и на кој било друг начин да му помогнат на „ловецот“, најчесто на материјален или финансиски план. „Ловецот“ никогаш, ама никогаш не бара материјална или финансиска помош од луѓето, ниту губи нечија душа заради пари. Но, ако од педагошки причини и прими материјална или финансиска помош од нив – на нивно настојување, тој ја користи за пастирската мисија на Црквата, а не за себе. На „ловецот“ ништо не му треба.

На луѓето од Црквата, исто така, им се случуваат чудни моменти во присуство на „ловецот“. На пример, тие најчесто тргнуваат со мисла да се посоветуваат со него за своите недоумици, но во моментот кога ќе го видат, како тие недоумици воопшто и да не постоеле, или сами по себе се разрешуваат – без некаков конкретен совет од „ловецот“. Некогаш е доволен и само еден негов збор и искушението да исчезне. Често се случува „ловецот“, преку своите текстови, да даде одговор на проблемите на луѓето и пред тие да го побараат или видат.

Понекогаш, пак, е многу важно „ловецот“ предвреме да ги знае плановите – не мора во детали, на оние што ја бараат неговата помош. Кога „ловецот“ знае, и Бог знае; кога „ловецот“ не знае, и Бог „не знае“. Да не повторуваме колку е тоа битно при самата исповед, бидејќи само „ловецот“ има власт да одврзе и да врзе, на земјата и на небото (види: Матеј 16, 19).

Но, и кога човек ќе се оддалечи од „ловецот“ и кога страста повторно ќе живне, и кога демонот повторно ќе се врати, тој не е оставен сам. „Ловецот“, преку молитвата во своето срце ги одржува светлината, силата и надежта, односно Христовиот печат, како и семето на словото што го посеал во срцето на својот ближен; семето, кое во содејство со слободната волја на оној во кој е посеано и со помош на благодатта на Светиот Дух може да изрти, да порасне и да донесе плод – ослободување на срцето од страстите и нова личност во Христос.

Карактеристика на „ловецот“ е неговата подготвеност и душата своја да ја положи за својот ближен („Боже, јас наместо тие“); на пример: кога е во прашање молитва за смртно болни. Затоа, тие и често биваат излекувани поради неговите молитви – поради сличноста, во намера, на неговата молитва со Христовото дело. „Ловецот“ не е роб на никакви форми при неговото појавување или однесување; тој просто се прилагодува кон условите на „ловот“, и затоа е успешен. Тој многу добро ја знае црвената линија која, ако се помине, човекот го прави улов на демонот. „Ловецот“ постојано лови, дури и кога изгледа дека мирува, тој преку срдечната молитва ги полни „стапиците“ што веќе ги поставил.

Не треба да врвиме по Христос затоа што ни ветува дека ќе нè направи „ловци на луѓе“, туку затоа што Он прв нè возљуби. Должни сме да оставиме сè, пред сè, својата гордост, и да тргнеме по Него без никакво ветување и без оглед колку ќе нè чини тоа: „А оттаму замина понатаму и виде други двајца браќа, Јаков Заведеев и брат му Јован, во кораб со Заведеj, татко им, кои си ги крпеа мрежите свои, и ги повика. И тие наеднаш го оставија коработ и таткo си и тргнаа по Него“ (Матеј 4, 21–22). Веднаш, без премислување и прашање.

Денес, „ловците“ се реткост. Повеќе благодатта Божја ги носи луѓето што Го бараат Бог кон духовниците на Црквата, отколку што се тие самите „ловци на луѓе“. Поинакво мислење е прелест.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *