Почетна Коментар Љубовта на Архимандритот Порфириј
Љубовта на Архимандритот Порфириј

Љубовта на Архимандритот Порфириј

605
0

Кога пред три години како репортерска екипа бевме во грчкиот манастир „Свети Јован Претеча“ кај градот Верија, во кој се чува черепот на свети Климент Охридски, многу бевме изненадени од гостопримливоста на тамошните монаси. Веќе првиот монах што го сретнавме и го замоливме да не одведе таму каде што ја чуваат вредната реликвија, веднаш не однесе во централниот дел од црквата. Ни рече да почекаме пред олтарот, а тој влезе внатре и набрзо ја донесе сребрената кутија со черепот за да и се поклониме.

Без проблем ни дозволи и да ја фотографираме, да го допреме черепот со памукче за да го имаме како спомен. Не не праша ни кои сме ни од каде сме, а кога завршивме, љубезно не испрати до продавницата за сувенири, до излезот од манастирот, во кој главата на основоположникот на Македонската православна црква се чува веќе повеќе од 700 години.

За мене како новинар, кој посетил многу манастири, вака љубезен однос на еден монах беше своевидно изненадување. Не дека сум имал некое лошо искуство со пречеците од страна на манастирските братства, но некогаш ми се случувало одговорен монах во манастирот да не сака ниту да не удостои како новинарска екипа со појавувањето пред нас.

Целата комуникација со нас му се одвиваше преку единствениот искушеник, кој само кусо ни порача дека игуменот е зафатен за да се симне од неговите одаи. Кога веќе имате и такво искуство со луѓето посветени на ширењето на Божјата љубов меѓу блиските свои, тогаш односот на овој грчки монах тогаш ни изгледаше како нешто мошне пријатно, а чија незаборавност се надополнува со поклонувањето на вредната реликвија на големиот светител.

Сеќавањето на оваа новинарска епизода минатата недела ми ги врати престојот и обраќањето на игуменот токму на овој манастир, на архимандритот Порфириј во нашиот Бигорски манастир. Престојувал во Македонија по покана од Јован Вранишкоски во Битола каде што заедно со неколку други српски и грчки владици одржале служба посветена на 1.000-годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски и не одолеал на желбата да го посети Бигорскиот манастир. Му се јавил на својот искрен пријател архимандрит Партениј по што манастирското братство достоинствено го пречекало. Па, така, овој грчки архимандрит ја примил доксологијата – молитвата во православната литургија, со која се изразува моќта и големината на Господ – која ја изведувале бигорските монаси воопшто не поставувајќи проблем што истите тие македонски монаси и нивниот архимандрит и игумен се припадници на црква што во православието ја анатемисуваат како расколничка.

Најдоброто, т.е. најубавото следуваше од неговото обраќање во кое најави дека за четири години токму во Бигорскиот манастир ќе го донесе черепот на свети Климент Охридски за и со тој чин да биде зголемено празнувањето еден век од основањето на ова светилиште. Но, рече и нешто уште толку убаво, тоа дека колку што може, ќе се бори да покаже дека ги љуби православните христијани на Охридската архиепископија, дека тој и неговите не ги прифаќаат расколите, не ја прифаќаме поделбата. „Ако треба, ние ќе станеме мост, за врз нас да згазне секој што сака да премине на другиот брег…“ Треба да признаеме дека одамна не сме слушнале една така убава порака, исполнета со толку љубов и разбирање. Она што досега слушавме од други достоинственици најчесто беа обвинувањата дека сме „расколници“, „шизматици“, „непризнаена црква“, „парацрква“, луѓе со кои не треба да се комуницира… Сега грчкиот архимандрит како да им покажа, како да им одржи час на христијанска љубов на своите, грчките, но и на достоинствениците на другите православни цркви како треба да се однесуваат кон своите христијански браќа од Македонија. Јасно, од него не можеше да се очекува дека веднаш ќе понуди решение за непризнаениот статус на МПЦ-ОА, но она што го кажа покажа се – тоа дека тука има црква која е достојна да го шири христијанството и дека таа не може да се анатемисува и осудува, туку преку заемната љубов и разбирање да се дојде до тоа црквата да биде една. Таква каква што си ја сакал свети Климент Охридски, токму онаква каква што тој им ја претставува на своите монаси од манастирот во кој ја чуваат главата на светителот и им излегуваат во пресрет на луѓето што ќе посакаат да ја видат и допрат.

BrankoПо ваквата порака на архимандритот Порфириј, по пораката што ја кажа рускиот епископ Тихон дека е историски апсурд што МПЦ-ОА е надвор од православниот свет, очигледно е дека некои работи се менуваат во однос на православните кон македонската црква. Тие промени сигурно не се големи, уште не го содржат зборот автокефалност, но чекорите почнуваат да се прават и тоа по добра патека. Да се надеваме дека за четири години, кога главата на свети Климент Охридски дојде во Македонија по цели седум века, православната црква ќе има што да му каже ново во однос на статусот на црквата што си ја основал.

Пишува: Бранко Ѓорѓевски – ДНЕВНИК

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *