Почетна Проповеди Литургискиот целив на Божјата безгранична љубов
Литургискиот целив на Божјата безгранична љубов

Литургискиот целив на Божјата безгранична љубов

120
8

Предисловие на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, на книгата „Божествената Литургија“, во издание на Бигорскиот Манастир

Единствена причина за создавањето на овој преубав свет е љубовта Божја. А круната, пак, на целото создавање, како што читаме во Светото Писмо, е човекот – највозљубената Божја творба. Значи, љубовта на Бога е таа којашто го приведе човекот од небитие во битие и му го потчини сето останато создание, му го предаде во негова служба

Создаден според образот и подобието на Бога, во неговата господственост над созданието, првиот човек беше, всушност, и првиот свештенослужител на Бога. Светот му принесуваше храна на човекот, а човекот, пак, целиот Му се принесуваше на Бога, во едно постојано, благодарствено општење и заедница со Него. Затоа би можеле да кажеме дека животот на човекот во Рајот беше една непрестајна Литургија, една Божествена Евхаристија, едно свештено дело на благодарење кон Господа Создателот. И сè додека човекот се држеше до суштината на своето постоење, сè додека Божјите дарови со кои беше обдарен, повторно Му ги принесуваше со благодарност, со љубов на Бога, сè дотогаш во него имаше живот. Но, во оној миг кога човекот престана да Му благодари на Бога за сите Негови дарови, за животот што му го беше дал, за Неговата неискажлива љубов кон него, и кога се постави себеси наместо Бога за цел и посака да го задржи созданието само за себе, тогаш престана и животот во него, тогаш човекот умре. Заборави дека не е созданието тоа што му дава храна за живот, туку Создателот; заборави дека треба да Му благодари на Бога и го снајде смртта.

Умре човекот, но не и љубовта Божја. Ако човекот Го заборавил Бога, Бог никогаш не го заборави човекот. Зашто Оној, „Кој не се одврати целосно од Својата творба, ниту ги заборави делата на рацете Свои, туку по Неговата милост и сомилост го посетувал на разни начини“, најпосле Самиот слезе на земјата, стана човек и како вечен Првосвештеник, востанови нова Литургија, нова Евхаристија и повторно му даде на човекот живот. Овој пат како принос се даде Самиот Себеси, односно како бесмртна и нетрулежна храна за светот го даде Самото Неговото пречисто Тело и Самата Негова животворна Крв. Сега, секој човек којшто ќе посака, кој ќе Го побара и тргне по Христа, ќе има живот вечен во себе и нема да умре. Затоа, во Својата проштална беседа со учениците после воспоставувањето на најсвета Тајна на Новиот Завет – Тајната Вечера, која е Тајна на љубовта и единството, Господ Исус Христос им вели: Јас сум лозата, а вие прачките; и кој што е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; оти без Мене не можете да направите ништо (Јн. 15,5). Доколку прачката е на лозата, тогаш таа ќе има сок во себе и ќе дава плод. Доколку, пак, не е на лозата, таа ќе се исуши и во оган ќе се фрли. Тоа се случува и со сите нас кога се оддалечуваме од Божествената Лоза и не го примаме нејзиниот живоносен сок, односно животворните Тело и Крв Христови. Зашто на Светата Литургија, преку благодатната сила на љубовта, преку тајната на Телото и Крвта Христови, ние таинствено се соединуваме со Бога: Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него (Јн. 6,5-6). А, соединувајќи се со Бога, ние се соединуваме и еден со друг, меѓу себе: бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите се причестуваме од еден леб (1. Кор. 10,17). Така, нашиот живот повторно ја добива својата првобитна евхаристиска цел; тој станува едно постојано благодарење и соединување со Бога. На секоја Литургија ние сме повикани на вечен живот, во заедница со Бога. Господ секојдневно нè кани да вечераме на Неговата трпеза, за да бидеме со Него и во вечноста. Нè повикува да се соединиме со Него егзистенцијално, суштински, совршено. Примете, јадете… Пијте од неа сите…, од Телото и Крвта на Богочовекот „за прошка на гревовите и за вечен живот“. Длабоко доживеаната Литургија е едно вистинско преображение; човек се чувствува исто како Апостолите на Тавор, кога Му рекле на Господа: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш да направиме тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија (Мт. 17, 4); чувство што не сакаш никогаш да престане. Неизмерна Божја љубов!

Но, за да би можеле да стапиме во таа љубовна заедница со Него, неопходно е претходно да се научиме на смирено служење на ближните. Самиот Спасител нè поучи на смирение и на љубов едни кон други, кога пред почетокот на Тајната Вечера им ги изми нозете на Своите ученици. А исто така и по Тајната Вечера, кога им заповеда на учениците да се љубат еден со друг, како што Он ги возљуби нив (сп. Јн. 15,12). Значи, предуслов за нашето соединување со Бога е љубовта и смиреното служење еден на друг. Но љубов и служење не само во телесна смисла, но уште повеќе – во духовна. Да си послужиме еден на друг со духовно служење, во љубов и смирение, понесувајќи ги душевните раните на нашите ближни, рани што постојано ги нанесува злото од овој свет.

Во нашиот скромен принос што Му го принесуваме на Господа, во лебот и виното, е собран сиот оној мал, земен труд на нашите раце, сѐ што сме сработиле, сета наша жртва заради Бога, преку лебот и виното го принесуваме таму, на светиот дискос. „Твои од Твоите, Тебе принесувајќи Ти, за сите и за сѐ“ (од Канонот на Евхаристијата). Принесуваме во име на сите работници што работеле, се труделе, се молеле, што на овој или оној начин придонесуваат за заедницата, за Црквата Христова. Значи, за време на Литургијата сѐ наше Му принесуваме на Господа. И како преблагиот Бог ни возвраќа за тоа? Возгласот вели: „Светињата е за светиите“. Што значи ова? Ние Му принесуваме обичен леб, плод во кој е собран сиот наш труд, и велиме: „Твои од Твоите…“, а Он преку свештеникот ни возвестува: „Светињите се за светиите“. За нашиот труд премилостивиот Отец Небесен ни возвраќа со светост! И нѐ нарекува светии, зашто со чинот на самата Литургија веќе нѐ осветил. Во постаро време, кога ќе се кажело „Светињите се за светиите“, сите знаеле и во тој миг пристапувале да се причестат. Денес, пак, е додаден уште и повикот: „Со страв Божји, вера и љубов пристапете“, како еден вид потсетување за тоа со какво настроение треба да пристапуваме кон светите Дарови.

Со еден збор, Литургијата е живот вечен, Царство Небесно. Како таква таа го зазема средишното место во молитвениот и богослужбениот живот во Црквата. Затоа, сакајќи и ние да дадеме еден мал придонес за нејзина поголема присутност во животот на современиот човек, притеснет од многуте обврски и разбрануван од искушенијата на нашето време, ја издаваме оваа скромна книга со текстот на Светата Литургија и со кратки коментари околу истиот, за духовен одмор и радост на душата.

Коментар(8)

  1. Sto poveke ce sostanuva so bugarskiot ambasador, se poumen postanuva ovoj nov vladika.

  2. “…Со еден збор, Литургијата е живот вечен, Царство Небесно. Како таква таа го зазема средишното место во молитвениот и богослужбениот живот во Црквата. Затоа, сакајќи и ние да дадеме еден мал придонес за нејзина поголема присутност во животот на современиот човек, притеснет од многуте обврски и разбрануван од искушенијата на нашето време…
    Светислав, дај брат светни малку, време е да излезеш од помраченоста и да се вратиш во реалноста! За друго се пишува овде, друга е темата…

  3. Игуменот и владика Партениј веќе 26 години, меѓу својот народ и пошироко, е познат по делата на љубовта. Секој тоа го препознава и почитува – и наш и туѓинец. И сиромав и богат, и познат и непознат доаѓа при овој човек за благослов и за да му изрази поддршка и благодарност за неговите големи заложби во љубовта и мирот. Затоа, Светислав, сметам дека нема потреба да тресеш зелени, туку конечно да сфатиш дека во Бигорски секогаш сите биле добредојдени. Бај бај

  4. И да те прашам: Имаш нешто против тоа што сите одат во Бигорски? Ако имаш, тогаш нешто чудно се случува со тебе…

  5. Bigorski e mesto za poklonenie i molitva, a ne mesto za sostanok i riem na bugarski i albanski ambasadori

  6. Mnogu bile religiozni ovie ambasadori i albanskiot i budarskiot pa doadjaat po prozba na blagoslov i ispovest kaj ovoj novohiirotonisan vladika. Bas za cudenje e religioznost.

  7. А што ако и тие отишле за молитва? Или можеби по благослов? Или да изразат благодарност за сите добрини што Бог им ги дал? Или едноставно да стекнат мир и да го понесат во своите домови? Или само да го видат владиката Партениј, тој добар човек што има срце за сите, без оглед од каде се и што се? Ама изгледа ти не помислуваш на тоа. Не можеш да разбереш како луѓето ја засакуваат Црквата, и молитвата, и учат да љубат… Прочитај си го денешното евангелие за митарот и фарисејот, можеби ќе те натера и просветли да излезеш од амбиентот во кој живееш – амбиентот на лицемерната праведност…

  8. Ana, cukni ja malku taa tvoja prazna i zabludena glava, bugarski ambasador, i bugarski minister Karakacanov ne doadjaat od religiozni pobudi kaj ovoj nov vladika.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *