Почетна Анализа Лидија првата христијанка
Лидија првата христијанка

Лидија првата христијанка

1.17K
0

Апостол Павле, чиј спомен го чествува Македонската Православна Црква е една од најзначајните личности за христијанизацијата на Македонија, а потоа и на целиот овој регион, а подоцна и на Европа. Професорот Ратомир Грозданоски е еден од еминентните богослови во Македонија, кој посветил голем период од својот научен труд во анализа и истражување на Апостол Павле и Македонија. Во неколку делови Ви пренесуваме една пократка аналзиа.(Трет дел)

Свети апостол Павле во Филипи нашол одушевени следбеници најнапред меѓу жените. Тоа била големата добивка за евангелизацијата и христијанизирањето на Македонија и на Европа.

sveta lidija 3Во Филипи Лидија(4*) била првата личност која поверувала (Stou;~ Filivppou~ hJ prwvth pou; ejpivsteye h\tan hJ Ludiva) во Господа Исуса Христа и ја прифатила проповедта на свети апостол Павле (Дела 16, 14 и 40). Таа своето верување во Христа Спасителот го запечатила со нејзиното крштевање во Троедниот Бог. Лидија е првата христијанка во Македонија и во Европа која го примила христијанството од раката на апостол Павле, а посакала и своите блиски да ги приведе кон Христа, како што запишал евангелистот Лука: „се покрсти таа и нејзините домашни“ (Дела 16,15).

sveta lidija 5Освен Лидија, исто така силни по вера и добри христијанки од Филипи, во Библијата се спомнуваат и Еводија и Синтихија (види: Филип. 4,2).

Со посебно признание, од христијаните во Филипи, апостол Павле ги истакнува и мажите: Епафродит и Климент и „другите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот“, вели апостолот (Филип. 4,3).

Црквата во Филипи на апостол Павле му била многу при срце и посебно сакана, затоа што таа била негова прва љубов и прва рожба на европскиот континент и тој вели дека му била негова „радост и венец“ (Филип. 4,1). Токму затоа, во Посланието ќе запише: „Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа“ (Филип. 1,8).

Жените први го примиле Евангелието во Европа

Први слушатели на Павловата проповед во Филипи биле жените, како што запишал апостолот Лука, велејќи: „Им зборувавме на собраните жени“ (Дела 16,13). Тоа значи дека Европа преку маж, во личноста на „еден човек Македонец“ (Дела 16,9), упатила повик кон Христа: да дојде Спасителот и во Европа, а преку жена, со покрстувањето на Лидија и првите жени коишто ги слушале проповедниците на Евангелието, ја примила Христовата спасителна поука. Евангелието кога стигнало во Европа, не го пресретнале мажите, туку жените, бидејќи тие први се појавиле пред апостолите. И Госпoда Исуса Христа, како што ни сведочи Евангелието, Го следеле повеќе богобојазливи жени од Галилеја и Јудеја, а во Самарија, жената Самарјанка била првиот проповедник за царството Божјо и сведок дека Го видела Христа Месијата. Мажите – апостолите, уште од Гетсиманија Го напуштиле Христа и се разбегале, а на Голгота жените се доближиле до крстот и го оплакувале Христовото распнување.

Sveta lidijaМироносиците први отишле на Христовиот гроб и најнапред тие ја чуле веста за Христовото воскресение, па постанале благовесници и за апостолите, кажувајќи им дека Христос воскреснал. Не се спомнува во Евангелието за злобности, лицемерија и предавства од жени (освен Иродијада), а истакнати се нивните значајни активности во мисионерските проповеди на Евангелието.

sveta lidija 1Познати се и жени просветителки, како света Нина во Грузија, првомаченичката и рамноапостолна Текла, па Варвара, Евдокија, Софија со трите ќерки: Вера, Нада и Љубов, преподобна Марија Египетска, како и мајките: Антуса, Нона, Емилија и Моника, коишто ги родиле светите: Јован Златоуст, Григориј Богослов, Василиј Велики и Блажени Августин, па преподобна Параскева (Петка), света Злата Мегленска, цариците: Елена, Теодора, Олга и други, како и безброј свети жени маченички, преподобни и исповеднички, „чии имиња се запишани во книгата на животот, бидејќи нивниот труд има вечно значење“ (Филип. 4,3; Откр. 21,27; 13,8).

Свети апостол Павле имал правилно разбирање за способностите и одликите на жената, па затоа активно ги вклучувал и жените во мисионерството и во еван¬гелизацијата во ранохристијанската црква. Од неговите посланија се гледа дека ги пофалувал и поткрепувал надарените христољубиви жени, како што се: Лидија во Филипи, Прискила од Коринт, Фива при црквата во Кенхреја, Маријам во Рим, мајка му на Руф и други (Рим. 16,1, 3, 6, 13 и 1. Кор. 16,19).

Искуството во Црквата Христова покажува дека приврзаноста на жената кон Бога и кон Христа Спасителот ја прави многу похрабра и од мажот, па затоа во периодот на страдањето на Црквата под јаремот на комунизмот, во источноевропските православни земји, жените останаа поприврзани кон Црквата и тие ги полнеа храмовите на богослужбите, скришно ги носеа своите деца на крштевање и потајно го викаа свештеникот да ги благослови и освети домовите во кои живееја со своите семејства.

Куќата на Лидија станала прва црква (храм) во Македонија

Апостолите: Павле, Сила, Тимотеј и Лука, со другите приврзаници, се состанале во домот на Лидија „А тие… отидоа во домот на Лидија, ги видоа браќата, ги утешија и си тргнаа“ (Дела 16, 40). Нејзиното семејство било првата христијанска црква, а нејзината куќа и првиот христијански храм во Македонија и во Европа.

sveta lidija 2Нејзината голема куќа во Филипи постанала живеалиште за апостолите, дом Божји – храм и црква Христова. А таа, како добра мајка, мајчински се грижела за апостолите и за сè што било потребно за младата Црква во Филипи.

Во куќата на Лидија апостолите се сретнале со сите христијани и, откако ракоположиле свештеници и ѓакони и им дале упатства како да раководат со Црквата, си заминале. Во црковната општина (ejkklhsiva) оставиле: ѓакони (diavkonoi – слуги, служители Божји, при извршувањето на светата Евхаристија, во олтарот и во храмот); презвитери (presbuvteroi – старешини, продолжители на делото од апостолите) и епископи (ejpiskovpoi – надгледувачи, надзорници во Црквата).

Апостолот Лука останал во Филипи да ја надгледува новоформираната Црква – прва во Македонија и во Европа. Нему градот Филипи му бил роден крај, а Македонија неговата стара Татковина од каде што неговите родители се преселиле во Азија.

Свети апостол Павле, како што сведочи библискиот текст, останал секогаш со голема љубов кон градот Филипи, кон Филипјаните и кон Црквата во Филипи. Тоа била единствена црква која никогаш во животот не ја покудил, а која и понатаму, и откако си заминал од кај нив, материјално го помагала апостолот.

Апостолот го напуштил градот Филипи во мир и бил свечено испратен од раководителите на градот. Тоа е единствен град од каде што Павле си заминал непрогонет, а мирно и свечено.

Единаесет години по заминувањето од Филипи, пред крајот од своето прво затвореништво во Рим (63/64 год. Филип. 1,25-26; 2,24; 4,22; 1,13; 1,1; 2. Тим. 4,9-10), на христијаните од првата Црква во Европа, апостол Павле им напишал Послание и го упатил „до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите“ (Филип. 1,1).

Посланието до Филипјаните има многу интимен карактер, со израз на кротки и нежни чувства меѓу апостолот и Филипјаните, без строгост и изобличување. Тоа диши со љубов кон нив и полно е со лични спомени.

ratomir slВзаемната љубов била делотворна и трајна: Филипјаните, како вистински духовни чеда, му давале на апостолот морална и материјална помош (тие го помогнале Апостолот и тоа: двапати, додека бил во Солун – Филип. 4,16; еднаш, во Коринт – 2. Кор. 1,8-9 и еднаш, во Рим. – Филип. 4,18), а тој им возвраќал со духовни дарови, грижа и совети во Посланието.
Затоа, им напишал: „Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа. И така, браќа мои возљубени и многу пожелани, радост моја и венец, стојте тврдо во Господа, возљубени!“ (Филип. 1,8 и 4,1).

Пишува: Порф. д-р Ратомир Грозданоски ( за МИА)

/ПРОДОЛЖУВА

Фусноти:

(4*) Лидија била богата и набожна – „богобојазлива жена од градот Тиатир“, која живеела во Филипи. Таа потекнувала од малоазиската провинција Лидија, а била омажена во Филипи (Дела 16,14). А. П. Лопухин смета дека градот Тиатир бил македонска колонија во малоазиската провинција Лидија. Јеромонахот Хризостом Столиќ Хилендарац, пак, смета дека света Лидија е „родена во Тиатир, град во близината на Филипи (Македонија)“. Во православниот месецослов на светиите, света Лидија се празнува на 27 март. Таа е прва личност којашто била крстена од апостол Павле на европскиот континент  и „затоа се прославува како прва христијанка – Европјанка“.

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *