Почетна Политичка теологија Левичарско евангелие
Левичарско евангелие

Левичарско евангелие

114
0

Додека во црквите на некои од европските земји може да се слушнат изблици на жесток национализам, во Германија црквите се изложени на критика дека станале „дувло на левичарите“.

Лавината ја предизвика Улф Посарт, главен уредник на медиумската куќа „Велт 24“, фирма ќерка на издавачката компанија „Аксел Спрингер“ и сопственик на еден од најголемите дневни весници „Велт“, како и на информативниот телевизиски канал Н24.

Вочи Божиќ, Посарт на Твитер го напиша следново: „Кој уште сака да оди на божиќна миса ако знаеме дека на крајот на богослужбата ќе се чувствува како да поминал вечер со младите социјалдемократи или подмладокот на Зеланата партија?“.

Неспорно е дека црковните водачи во Германија на Бадник и на божиќните богослужби остро ја напаѓаа себичноста на општеството.

Претседателот на германската бискупска конференција, кардиналот Рајнхард Маркс, потсети дека Божиќ треба да биде празник кој го обединува целото општество.

Уште поконкретен беше бискупот Волганг Иполт од Герлиц, град во кој компаниите „Сименс“ и „Бомбардие“ планираат да ги затворат своите погони, со што на 2.000 луѓе им се заканува да ги загубат своите работни места. Иполт повика сите христијани јасно да го отфрлат ваквото „претерано капиталистичко“ однесување.

Јасни изрази на критика можеа да се слушнат и од пултот на катедралата во Келн, каде што кардиналот Рајнер Марија Велки потсети дека Исус „го напушти својот божествен дом и дојде меѓу нас како бездомник, како што се и 800.000 луѓе во Германија“.

– Многу жители на Германија, меѓу кои и болничарки и полицајци, не можат да си дозволат да купат стан поради шпекулаторите со недвижности кои ги креваат цените на становите. А станот и постелата се основни човекови права, изјави кардиналот.

Дали Црквата навистина може да ги прогласи принципите на понуда и побарувачка за неважечки? Притоа, келнската епархија на Католичката црква е еден од најголемите сопственици на недвижен имот во градот и неговат аоколина. Но, самиот кардинал Велки, веднаш по неговото именување од страна на папата Франциско, даде наредба неговата резиденција да се преуреди, при што тој самиот живее само во неколку простории, а останатите се на располагање на семејства бегалци.

И првиот човек  на Советот на Протестантската црква на Германија, Хајнрих Бедфорд Штром, потсети дека Божиќ е денот кога Господ стана човек – наведувајќи дека Господ не станал Германец, Американец, Русин или Кинез. – Токму затоа овој празник е најдобриот лек против вирусот на национализмот, омразата кон странците и верскиот фанатизам, додаде Штром.

Критиката што Посарт ја упати на сметка на „претераното левичарство“ во црквата не е осамена. Алиса Вајдел, претседателка на партијата Алтернатива за Германија (АфД), во весникот „Фокус“ се пожали дека црквите стануваат „претерано политички“. Јулија Клекнер, член на претседателството на владејачката Христијанско демократска унија (ЦДУ) исто така вели дека не е задоволна со тоа што го слуша во црквите.

– Се случува во некои црковни кругови повеќе да се зборува за производството на струја од ветер или за еколошката генетика отколку за прогонот на христијаните, за верата или за евтаназијата, изајви Клекнер за весникот „Билд“.

Од друга страна, Посарт се соочи и со многу критики за коментарот што го објави на социјалната мрежа. Симона Петер, една од лидерките на партијата Зелени, веднаш му одговори дека во тој случај можеби треба повторно да почне да оди на полноќна миса. – Тоа што го велите ми звучи добро. Потребно е да се ангажираме како никогаш досега за да се справиме со нееднаквоста, маргинализацијата и климатската криза, изјави Петер.

Претседателката на младинската организација на Зелените, Рикарда Ланга, преку весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ му одговори на уредникот на „Велт“. – Мислам дека многу кажува за Посарт тоа што му пречи кога црквата се залага за хуманост и солидарност. За нас хуманоста е задача за целото општество, а за Улф Посарт алтруизмот изгледа е само проблем на тие што се заразени со левичарски и еколошки идеи, напиша Ланга.

И Посарт не им остана должен на тие што го предизвикаа. – Поход на лицемерите. Вистинските луѓе се најдоа прозвани. Одлично! Среќни празници, напиша тој на Твитер.

Целата расправија предизвика на Твитер да се појави хаштаг „Евангелие по Посарт“ во кој критичарите на Посарт се исмеваат со неовите ставови. Еден од коментарите е „Беа околу 5.000 луѓе и Исус зема пет леба и две риби, ги благослови и подели на парчиња и потоа ги продаде тие парчиња по што стана многу богат, бидејќи побарувачката беше голема, а понудата мала“.

/НОВА МАКЕДОНИЈА

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *